Протестите се во грчките гени
За Грците e нормално да излезат на улица и да протестираат - дали за платите, дали за храната, дали за Палестина, дали за студирањето, сеедно
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Протестите во Грција не се ниту инцидентни ниту невообичаен феномен. Едноставно, се дел од грчкото секојдневје. Доколку случајно се најдете во Атина или во Солун за време на протест и поразговарате со некои од учесниците во протестната поворка, ќе ви стане јасно зошто е сосема нормално да се излезе на улица и преку гласен протест да ги барате вашите права. Пошокантно би било да не наидете на протест во Атина, особено во последниот период, бидејќи, во просек, во грчката престолнина има по два-три протести дневно.
„Протестирањето и борбата за нашите права се во нашиот генетички код. Имаме огромна историја на бунтување, која се пренесува од генерација на генерација, синдикални движења, успеси и падови. Толку години имало бунт за различни причини, зарем да нема сега за најсуровите економски мерки. Нам ни е сосема нормално да излеземе во голем број, иако во последно време се намалува бројот на учесници во протестните поворки“, ни вели еден студент додека чекори во иста линија со синдикатот на професори на еден од протестите на синдикалците во Атина.
Мотото за протестирање во последните две-три години е дека народот нема да плати за кризата. Грчката бунтовна историја почнува уште во 19 век и се развива од многу причини. „Уште во 1843 година народот тргна од плоштадот „Омонија“ до денешниот централен плоштад „Синтагма“, извикувајќи дека го сакаат првиот Устав, бидејќи тогашниот крал владееше со години без Устав. Оттогаш, па се' до денес од истата таа рута, од „Омонија“ до „Синтагма“, кој и беше именуван според Уставот, поминати се илјадници протести. Само што во историјата работите беа посурови, полицијата директно стрелаше луѓе, сега повеќе е театар меѓу оние што протестираат и полицијата“, вели Јанис Антонопулос, професор по социологија на атинскиот универзитет „Пантеио“.
Тој додава дека револтот против германскиот фашизам, појавувањето на комунистичката партија и синдикатите, потоа и активирањето на студентите преку студентските партии придонесуваат во текот на историјата отсекогаш да има една живост и динамика во државата. „Бунтот против фашистичките окупатори, бунтот за подобрување на социјалните услови, против англиските сили за време на Черчил, кои владееја со Грција и не дозволуваа да има никакви протести, постојаните притисоци и проверки, суровото однесување на комунистите – сето тоа доведе до формирање на активно студентско движење во 60-тите. Додајте ја на тоа и воената хунта кога не смееше ни да помислиш нешто, а не пак да кажеш нешто на глас што експлодираше, конечно, со протестот на студентите во 1973 со Политехнио“, додава Антонопулос.
Бунтовноста и мотивот за протестирање и искажување на мислењето постои кај сите генерации и општествени групи. Марина има 46 години, дипломирала како филолог, но работи во фирмата на својот брат за резервни делови за автомобили, разведена и мајка на двајца тинејџери и како што ни кажува секој ден, се обидуваат да преживеат со една плата. Меѓутоа, и покрај работата и семејството, не се откажува од својот активизам и излегува колку што може повеќе на протести.
„Уште од студентските денови се обидував да ја најдам соодветната група луѓе што се мои истомисленици и со кои можам заедно да излезам на протест. Бев дел и од комунистичката партија и од неколку други партии од левицата. Но, заминав од сите места каде што некој те притиска да го правиш она што е само негова идеологија. Да бидам дел од некоја партија и да ми забранат да се приклучам на протест на некоја друга, тоа за мене е недозволиво. Сега сум приклучена кон троцкистите и немам никаков проблем да протестирам и за други работи со други групи што одговараат на мојата идеологија“, вели 46-годишната Марина.
Споменува дека покрај тоа што самата е активна, се обидува да ги активира и своите два сина, кои се средношколци. „Се обидувам да ги носам на протести колку што можам за да ја разбудам солидарноста кај нив и да ги заинтересирам за општествените случувања, но без да се обидам да им ја наметнам мојата идеологија“, додава таа.
Самоиницијативните активисти се еден дел од општеството. Никос Триандафилидис, раководител на годинешната прослава за Политехнио и еден од поранешните затвореници за време на воената хунда, вели дека она што им дава голем поттик на граѓаните да се обединат и да излезат на улива е синдикалното движење. Речиси секој сектор има свој синдикат, кој согласно со развојот на настаните, повикува на протест.
„Уште од минатиот век имавме класно и синдикално движење. Од една страна се синдикатите, од другата, реакцијата на власта“, вели Триандафилидис.
Елена, вработена во грчката телекомуникациска компанија „Оте“, која ја сретнавме на последниот протест на синдикалците во Атина во минатиот четврток, вели дека организирањето е едноставно. „Секој синдикат праќа и објавува соопштение во зградите каде што работиме и секој излегува на протестот. Нема многу дебатирање дали да се излезе или не, едноставно, луѓето доаѓаат, посебно оваа година кога има толку намалувања на платите и отпуштања“, вели таа.
Организирањето на студентите е на сличен начин, преку соопштенија, од друштво на друштво. Се користат и социјалните медиуми, но, сепак, најголемиот дел од информирањето го прават оние задолжени за тоа во студентските партии. Сепак, и Елена, но и ред други луѓе не можат а да не забележат дека се намалува бројот на граѓаните што доаѓаат на протести. „Не знам дали ја губат довербата во моќта на синдикатите да променат нешто, или едноставно, веќе се помирија со се' што се случува и не гледаат причина да излезат на улица. Ова што се случува е премногу важно за да го премолчиме“, додаваат Елена и една нејзина колешка.
Меѓутоа, бунтот за домашните проблеми не е единственото нешто за што излегуваат Грците на улица. „Солидарни сме, излегуваме на улица за проблемите во Палестина, за условите во кои живеат имигрантите кај нас, за многу работи што се случуваат во светот. Но, има и една поинаква солидарност меѓу студентите од различни држави. На пример, студентите во Англија пред извесно време имаа протест поради измените во законот за образование, многу кратко време по нашите протести. Црпиме инспирација едни од други иако сме од различни држави, комуницираме, разменуваме мислење. Не може веќе да дозволиме политичарите да се изживуваат со нас и со образованието како што сакаат, затоа и реагираме“, вели 20-годишниот Александрос, студент на Факултетот за математика.
За многумина во Грција, протестот е и начин да го искажат својот револт и нетолерантноста кон полицискиот авторитет во државата. Неизбежен елемент на секој протест се припадниците на специјалните полициски сили, секогаш опремени со пластичен штит, шлем, солзавец, димни бомби и ред други „модни додатоци“.
„Самата глетка специјалци вооружени од глава до петици, наредени пред нас е ужасна. Веднаш те сметаат за криминалец ако си на протестот, бидејќи за нив си потенцијален напаѓач, а не граѓанин што го користи правото на слободен говор да се бунтува за своите права. И тие специјалци што ги пуштаат како пиони во први редови да го бранат Собранието или кое било друго место од нас ги плаќаме ние, со наши пари. Да не коментирам дека се веројатно бедни и нивните плати, па наместо да застанат од наша страна, стојат од другата како да сме им непријатели“, коментираат граѓаните, кои се дел од протестите во Атина.
Една друга причина зошто има огромна нетолерантност кон специјалците е нивниот пристап кон оние што протестираат. Голем дел од граѓаните, кои или директно вклучени во протестот или, пак, оние што ги посматраат случувањата од балконите коментираат дека не ретко самите специјалци ги провоцираат оние што се пожестоко внесени во протестот за да дојде до инциденти. „Или провоцираат специјалците или има специјални групи што се спремни и дојдени со подготвени молотви коктели, стапови, камења, бои и се знае дека во одреден момент ќе предизвикаат инциденти, а потоа страда секој што ќе им се најде на патот на специјалците, без оглед на тоа дали бил насилен или не. Поради тоа, некои веќе се откажуваат од присуствување на мирен протест или, пак, ќе заминат кога ќе видат дека се вжештуваат работите“, коментира 29-годишната Софија, студентка на доктор��ки студии по археологија. Самата посочува дека пред две години на големите протести по убиството на младиот Александрос Григоропулос од страна на еден полицаец во населбата Ексархија учествувала во првите три дена на протестот, но откако видела дека настанува хаос и доаѓа до губење на смислата на протестот, се откажала.
„Тоа веќе не беше конструктивен бунт и искажување на револтот туку општ хаос, разгневена толпа, која крши, пали се' пред себе. Честопати е така и поради тоа и луѓето се повлекуваат од протестите, иако сакаат да излезат, да ги поддржат. Но, не по секоја цена, не на протест што е веќе бесмислен и само не покажува како хулигани, а не граѓани што се борат за демократија“, додава Софија. „Но, за каков било обид за нарушување на демократијата или, пак, закони, кои не ограничуваат мислам дека првата реакција ќе биде да излеземе на улици, а не да седиме дома и да кршиме прсти за судбината што ќе не' снајде“, констатира Софија.
|