Рецензија LG Optimus 7
Среќна седумка!
Првиот модел на Windows Phone 7 достапен во Македонија, LG Optimus 7, донесува верна и квалитетна имплементација на новата платформа на „Мајкрософт“ на уверливо осмислениот хардвер и во цврста и робусна изведба
Никола Бурагев
Кога кон средината на октомври „Мајкрософт“, конечно, ја откри својата нова платформа за мобилни телефони, Windows Phone 7, објавувајќи ги првите десетина смартфони што ќе ја користат, LG заедно со „Самсунг“ и HTC фигурираше како еден од најагилните производители. Заостанувајќи зад истите ривали, од кои во понудата има неспоредливо помалку телефони со моментно најраспространетиот оперативен систем „Андроид“, се чини дека LG го избра „Мајкрософт“ како свој најбитен партнер за враќање во битката на пазарот на смартфони.
Првиот модел со WP 7 на нашиот пазар, LG Е900 Optimus 7, го донесе операторот ВИП, а со своите спецификации и премногу и' парира на моментната топ-понуда на напредни мобилни уреди. Телефонот доаѓа со моќен и проверен Snapdragon QSD8650 процесор на такт од 1 Ghz и раскошен капацитативен ЛЦД-екран со дијагонала од 3,8 инчи. Резолуцијата на дисплејот, според строгите спецификации на „Мајкрософт“, изнесува 480х800 пиксели, што е сосема доволно за натпросечно остар и детален приказ на сликата на оваа дијагонала.
Покрај тоа, Optimus 7 има и 16 GB интерна меморија, 512 MB RAM и 512 MB ROM, што е доволен капацитет за сместување на солидно количество мултимедиски фајлови и апликации, но, сепак, не е опремен со влез за проширување на меморијата со microSD мемориски картички. Тоа е му е еден вид недостаток, бидејќи вака е отежнато физичкото префрлање на некои фајлови на други уреди, како што се фотографии, документи и слично. Уредот, кој е за пофалба, повеќе не го користи специфичниот LG приклучок за полнење и спојување со компјутерот по пат на УСБ, туку стандардизираниот microUSB влез, а тука е и 3,5-мм приклучок за слушалки и позадинската камера со резолуција од пет мегапиксели со LED блиц, која е во можност да снима и HD видео во 720p резолуција.
Што се однесува до новиот оперативен систем Windows Phone 7, тој на Optimus 7 е многу добро имплементиран. Се работи за многу млада платформа, која се' уште нема доста работи во однос на iOS, Android и останатите мобилни оперативни системи, а она што најмногу ни пречеше е тоа што во испорачаниот веб-браузер не е поддржан ни Flash, ни Silverlight, ниту, пак, отворениот HTML 5. Иако е сосема јасно дека со тек на време „Мајкрософт“ ќе објави бесплатни надградби со ќе бидат решени кои овие недостатоци, факт е дека со исправноста и целосноста на интерпретирањето на веб-страниците Optimus 7 моментно не може да им парира на топ-моделите на конкурентите. Од друга страна, страниците во Internet Explorer се вчитуваат доста брзо и во него лесно се зумираат и се скролуваат со потези на прстите карактеристични за мултитач-екраните.
Приказот на сликата на дисплејот е натпросечно добар, иако не е користена ниту една популарна технологија, како што е AMOLED. И на директна изложеност на сонце приказот е доста добро видлив, и покрај значајниот губиток на контраст. За оваа, всушност, позитивна карактеристика на екранот, најголемо влијание има лукаво замислениот кориснички интерфејс на Windows Phone 7, чии хабови со силни бои многу видливо отскокнуваат на црната позадина. Реакциите на екранот, осетлив на допир, се прецизни, а со самото тоа и чукањето по виртуелната тастатура не е нималку тешко да се совлада. Згодно е што телефонот разбира дека побрзиот потег на прстот претставува желба да се помести содржината нагоре, што некои уреди со мултитач не го поддржуваат.
Фотографиите и видеозаписите снимени со Optumus 7 не импресионираат - сме виделе и поостри слики снимени со смартфони, со појаки и пореално интерпретирани бои. Од друга страна, ни се допаѓаше што со уредот се добива практична апликација за поигрување со технологијата на augmented reality, но, повторно, во споредба со конкуренцијата на другите платформи, тоа е малку. Батеријата е со просечно траење за еден смартфон, односно со нормална работа (телефонски јавувања, сурфање на Интернет, проверка на мејл, слушање музика, фотографирање и снимање со камерата), ќе можете уредот да го користите еден цел ден. Квалитетот и гласноста на повиците е солидна, нема никакви проблеми со мрежата, а намената на Optimus 7 многу се зголемува со моментно околу 3.000 достапни апликации во Marketplace за Windows Phone 7, од кои голем дел од нив се и бесплатни. Телефонот со својот прегледен екран одлично функционира при проверката на социјалните мрежи „Фејсбук“, „Твитер“, „Ласт.фм“, за пофалба е и вградената апликација Microsoft Office, со која може да се прегледуваат и да се едитираат фајлови во Word, Excel и Powerpoint, а позитивно не' изненади и естетиката на интерфејсот на музичкиот и радиоплеер. Календарот е функционален и едноставен за користење, а истото може да се каже и за вградените Bing мапи.
Поради тоа, не е тешко да се донесе конечната пресуда за првиот модел на Windows Phone 7 достапен во Македонија, LG Optimus 7. Тој донесува верна и квалитетна имплементација на новата платформа на „Мајкрософт“ на уверливо осмислениот хардвер и во цврста и робусна изведба. Сепак, раната фаза на комерцијалниот развој на овој оперативен систем го прави Optimus 7 сериозен конкурент само меѓу моделите што исто така го користат WP7 како своја платформа. Потенцијални купувачи на овој телефон се луѓето што сакаат врвен смартфон и ново OS искуство со одлична интеграција со социјалните мрежи и солидна офис-имплементација.
LG Е900 Optimus 7
Меморија 16 GB
Камера 5 мегапиксели, HD снимање 720p
3G/Wi-Fi/Bluetooth/USB да/да/да/да
Димензии и маса 125х60х12 мм, 130 г
Цена 10.990 денари (со пост-пејд тарифа Vip Smart L)
ПЛУС: Резолуцијата на екранот, брзината на работа, меморијата, HD видео
МИНУС: Нема microSD влез, веб-браузерот не поддржува HTML 5, Flash, Silverlight, недоработеност на новата платформа
ВПЕЧАТОК: Технички доста современ смартфон со кој LG засега сериозно им конкурира само на моделите со Windows Phone 7 OS ОТСТАПИЛ: Вип оператор, www.vip.mk
„Епл“ и Мардок со таблет-весник „Daily“
Медиумската корпорација на Руперт Мардок, „Њус корп“ (News Corp.), во тајност развива целосно дигитален весник „Daily“, кој во текот на следната година треба да дебитира на ��аблет-компјутерот на „Епл“, iPad, а потоа да се појави и на останатите мобилни платформи. „Њујорк тајмс“ објави дека двете компании веќе инвестирале 30 милиони долари во новиот медиум и дека веќе се избрани околу 100 новинари од изданијата на „Њујоркер“, „Њујорк пост“,. „Њујорк тајмс“ и „Атлантик“, како и од телекомуникациската компанија АОЛ. Плановите за новиот таблет-весник вклучуваат месечна претплата од четири долари, која ќе се плаќа преку „Епл“ App Store. „Daily“ би требало да излегува еднаш дневно со апдејти и не би требало да содржи надворешни линкови. Изданието нема да постои на Интернет и подоцна ќе почне да се нуди и на уредите со оперативниот систем на „Гугл“, „Андроид“.
E-Society 2010: е-влада, ефикасност и транспарентност
Kако да се искористат сервисите на е-влада за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на јавната администрација? Ова беше темата на шестата меѓународна конференција E-Society 2010 организирана од фондацијата „Метаморфозис“ и УСАИД. Конференцијата, која се одржа во хотелот „Холидеј ин“, послужи за презентација на решенија, сервиси и идеи како да се реализираат сервисите на е-влада, а имаше и доста интересни примери за нивна доследна имплементација.
Конференцијата обезбеди простор за собирање на претставниците на институциите и организациите што работат на развој на информатичкото општество, овозможувајќи нивно вмрежување со заинтересираните страни, кои на прашањата за реформа на јавната администрација, пристапуваат од други агли. Тоа резултираше со комбинирање на искуства со и без имплементација на новите технологии.
HP ја откри новата луксузна компјутерска серија Envy
HP ги откри подобрените карактеристики на новите кориснички лаптопи Envy 14 и Envy 17, кои поседуваат „premium sound“ и „vision experience“, со фантастичен нов дизајн. Последните едиции овозможуваат неповторлива забава која има бит аудиотехнологија со што оваа Envy колекција се етикетира како луксузна компјутерска серија.
„Со новата посовремена технологија и дизајн, им нудиме на нашите корисници подобрена работа и забава на компјутерот“, изјави Карл Сниман, потпретседател и генерален менаџер на HP Personal Systems Group за Европа, Среден Исток и Африка (EMEA). „Овие нови HP лаптопи овозможуваат револуционерна технологија, моќ и напредна серија што ќе ги задоволи и најпребирливите корисници“.
Новата HP Envy 14 Beats едиција со интегриран Beats Audio сега ги вклучува и извонредните и оптимизирани аудиокарактеристики. HP направи сојузништво со легендарниот изведувач и продуцент Dr. Dre и главниот директор на Interscope, Geffen AиM Records and Beats, основачот Џими Овин, со цел да постигне висококвалитетен звук во дигиталната музика преку новите технолошки иновации. HP Envy 14 Beat edition е креиран со цел да овозможи моќ и изведба заедно со врвната технологија правејќи го идеален за сериозни задачи и сериозна забава. Со напреднатата 3-Д технологија, како и со Beats Audio и HP Triple Bass Reflex сaбвуферот, најновиот HP Envy 17 е моќен лаптоп, кој го овозможува најдоброто стетоскопско 3-Д визуелно искуство и бескомпромисната 2-Д содржина. 17.3-инчниот HP 3D Ultra BrightView дисплеј со 1.080p full HD нуди и идеално визуелно искуство за 3-D Blu-ray содржините.
|