Благословеност
Кондомот, конечно, со благослов
Постојат многубројни теории за кондомот, кои можеби се поинтересни од вистинските факти, а историјата на тоа мало, растегливо парче доведено до совршенство, чија употреба неодамна ја благослови и папата Бенедикт Шеснаесетти, неверојатно е богата и забавна
Јасминка Павловска
Гумичка, кондом, куртон, презерватив, работен костум... Имиња и прекари безброј, а целта е само една. Всушност, две. Но, историјата на кондомот е многу лизгав терен. По кого или по што го добил името? Се' уште не се знае. Кога за првпат е употребен? Се' уште не се знае. Од што е направен првиот? Можеби од животинско црево? Се' уште не се знае. Но, постојат многубројни теории, кои можеби се поинтересни од вистинските факти, а историјата на тоа мало, растегливо и денес до совршенство доведено парче, чија употреба неодамна ја благослови и папата Бенедикт Шеснаесетти, неверојатно е богата и забавна.
Славниот Казанова, уште во 18 век нагалено го нарекувал „англиска наметка“, додека му го чувал грбот, односно половиот орган при средбите со многубројните дами. Самиот израз „кондом“ првпат се појавува во почетокот на 18 век, а се поврзува со извесен д-р Кондом или, пак, гроф од Кондом (зависно од документот), кој, наводно, го снабдувал англискиот крал Чарлс Втори со покриви од животинско ткиво за да го спречи да добива вонбрачни деца и да го заштити од болестите што можеле да му ги пренесат проститутките. Но, неговото постоење никогаш не е докажано, а факт е дека кондомите се користеле многу пред да се дофати до нив развратниот Чарлс Втори.
Најстарата илустрација на кондомот потекнува од Египет и е стара повеќе од три илјади години, а некои историчари тврдат дека во подоцнежните времиња Римјаните изработувале од мускулното ткиво на поразените војници во битките.
Гумените кондоми почнале масовно да се произведуваат по 1844 година кога Чарлс Гудјеар ја патентирал вулканизацијата на гумата што ја измислил пет години порано. Во тоа време, а и порано, се користеле кондоми од јагнешки црева, кои иако биле промовирани за еднократна употреба, поради својата висока цена, често се користеле повеќепати. Значи, се испирале. Се испирале и во 40-тите и во 50-тите години на минатиот век, но во петролејско желе и се чувале во мали дрвени кутии. Денес, главно, се произведуваат од латекс или, пак, од полиуретан.
Кондомите речиси секогаш биле предмет на расправи, кавги, лутење... Прашината секогаш, се разбира, ја подигала црквата. Пред 20 век, користењето на каква било контрацепција го осудувале сите поголеми разграноци на христијанството, па и верските реформатори, како што се Мартин Лутер и Џон Калвин. Уште во 19 век кондомите биле забранети низ целиот свет, а легалната употреба, на пример, во Ирска е дозволена дури во 1979 година.
Папата Пие Единаесетти во 1930 година го прогласил попречувањето на чинот на зачнувањето за „повреда на божјите и природните закони и смртен грев“. Тоа го прави 65 години по енцикликот на папата Јован Павле Втори. Евангелиум витае абортусот и контацепцијата ги изедначува како убијци на деца што Бог наумил да ги создаде.
Американското здружение за општествена хигиена се борело за забрана на кондомот во почетокот на 20 век, со аргументи дека секој што се изложува на ризикот да добие полова болест, треба да си ги сноси последиците. Тоа се однесувало и на американските војници, кои во Првата светска војна со војниците од Велика Британија биле единствените кои нивните земји не ги снабдувале со кондоми, ниту ги промовирале во нивните редови. А требале, зашто половите болести буквално се распламнале меѓу осамените момчиња. од друга страна, германската војска е прва која меѓу своите војници почнала да го промовира користењето на кондомот, дури и во Втората светска војна, кога нацистичката влада на своите граѓани не им дозволувала употреба на кондоми, ниту какво било друго контрацепциско средство, зашто од нив се очекувало да негуваат војници и да создаваат еднорасен свет на ариевци.
Во Втората светска војна амин за употреба на гумичките добиле и Американците. Воените војсководци, конечно, ја сфатиле потребата за кондомите, загрижени дека ��омците ќе им донесат дома заразни болести на своите жени. Тогаш започнало и агресивно промовирање на употребата на кондомите.
На европскиот пазар со кондоми, пред Втората светска војна владеел фабрикантот Јулиус Фром, германски Евреин, кој поради нацистичкиот прогон бил присилен да ја продаде својата фабрика и да ја напушти Германија. Таа завршила во рацете на тештата на Херман Геринг, а Фром по војната од нивните наследници успеал по судски пат да си го врати само името. Голем противник на контрацепцијата бил и Зигмунд Фројд, најмногу затоа што сметал дека можноста за „грешка“ преголема, но и затоа што сметал дека е вистински непријател на врвното сексуално задоволство.
Црна дамка во историјата на кондомот е сексуалната револуција што се случила во шеесетите години на минатиот век. Речиси сите се „сакале“ без заштита, па болестите повторно почнале да владеат, но тоа луѓето се' помалку ги вознемирувало, со оглед дека со текот на времето се' подобро се лечеле. Омилени станале пилулите, како и интраматеричките влошки, како спиралата. Дури кога на сцена стапи ХИВ-вирусот, кој предизвикува сида, кондомите повторно го добија своето заслужено место. Место што и самиот папа, конечно, го препозна и го призна. |