Масовна тепачка во „Идризово“
Неколку часа траела физичката пресметка меѓу две групи затвореници, осудени за најтешки дела
Даниела Трпчевска
Бурна ноќ во најголемиот затвор во земјава, „Идризово“. Педесетина затвореници осудени за најтешки криминални дела се обиделе да се пресметаат со шестмина осуденици, сместени во четвртото затворско крило. Во налетот на групата, не успеал да ги спречи никој. Најпрвин настрадале надзорниците, од кои двајца се повредени. За да се смири ескалираната и зовриена ситуација во затворот, интервенирале „ебрите“. Како што дознаваме, драмата во затворот траела минимум два часа. Инцидентот почнал околу 18 часот, а специјалците успеале да го стивнат дури два часа подоцна. Во текот на вчерашниот ден состојбата беше смирена, но будно се следи од страна на надлежните. Полицијата ги прегледува снимките за да утврди кој го започнал инцидентот и кој се учествувал во него, по што се најавуваат пријави против тепачите. Надлежните на затворите вчера одржуваа низа средби и состаноци за големиот инцидент, а увид на местото направија и претставници на народниот правобранител.
Се' уште официјално не се познати мотивите за крвничката тепачка, во која главниот збор го имале осудени за тероризам, трговија со оружје, убиство, полов напад, разбојништво. Од Министерството за правда вчера потврдија дека во инцидентот се повредени двајца надзорници. „Инцидентот се случи завчеравечер кога група затвореници од затвореното одделение, осудени за најтешки дела, се обиделе да се пресметаат со шестмина затвореници сместени во друго крило поради меѓусебна вербална навреда“, велат од Правда. Во инцидентот немало повредени затвореници. Надлежните тврдат дека била предизвикана само помала материјална штета.
Според одредени шпекулации, вжештената состојба во „Идризово“ била само продолжение на претходни расправии што избувнале пред неколку дена меѓу двете групи. Како што дознаваме, околу 18 часот голема група осуденици тргнала од погорните под подолните катови во затвореното одделение. Инцидентот се случувал во два наврата и траел најмалку два часа.
„Против осудените лица што го предизвикале инцидентот ќе биде поднесена кривична пријава за тепачката“, велат од Правда.
Увид во затворот „Идризово“ извршија претставници на Народниот правобранител. И тие го констатирале истото - дека дуелот меѓу двете големи групи траел неколку часа и дека полесно е повреден еден од надзорниците што се обидел да ги раздвои. Меѓу затворениците нема повредени, не е констатирана прекумерна употреба на сила од страна на надзорниците“, велат од кај омбудсманот. Последната тепачка е само еден од низата инциденти во затворите. И извештаите на омбудсманот предупредуваа на чести физички пресметки во затворите, кои, според нив, не можат да се решат само со вработување на надзорници, туку е неопходно да профункционираат сите служби за работа со осудениците.
Претседателот на Независниот синдикат на Воспитно-казнените установи во земјава, Стојче Јовановски, изразува загриженост по последниот инцидент, во кој се повредени двајца надзорници. Тој укажува дека вработените во затворите најпрофесионално си ја вршат работата, но постојано се на удар на осудениците од кои трпат и вербални и физички напади.
„Дневно поднесуваме по три-четири жалби за омаловажувањето, нападите и физичките закани што ги трпиме од осудениците, но никој не води сметка за нашите поплаки. Ако продолжи ваквата состојба, не е исклучена можноста и да се жалиме до народниот правобранител“, вели Јовановски. Пренатрупаноста на затворите и малиот број вработени се најважните причини, според синдикатот, кои доведуваат до вакви инциденти, чиј епилог зад решетките никој не може да го предвиди.
|