06.11.2012, 17:50 Мислење
Обама - Ромни: каква надворешна политика
Нано Ружин
Светот стана мултилатерален, времето на унилатерализмот е надминато. Обама ја сфати целокупната филозофија на глобализацијата. Ромни најави крстоносна војна против злото
„Од почетокот на нашата историја ние се ангажиравме во промените низ пацифистичка револуција, која постојано напредува, адаптирајќи се кон условите на промените“. Оваа изјава на претседателот Франклин Рузвелт од 1941 година ја истакнува темата на промените како водечки принцип на американската политичка историја. По двата мандата на Џорџ Буш и првиот мандат на Барак Обама слоганот „промени“ ја пронаоѓа својата логика во моментот кога САД ги редефинираат односите со преостанатиот свет. Кога во 1993 година Клинтон влезе во Белата куќа изјави дека неговата надворешна политика ќе биде поинаква од онаа на претходниот претседател Џорџ Буш сениор.
Хуманитарна акција за спас на жртвите и моралните вредности на американското општество беа водителка во употребата на воена сила против Србија. Мировниот договор од Дејтон беше замислен како креативна синтеза меѓу Вилсоновиот идеализам и реалистичниот прагматизам, но на крајот се сведе на чиста прагма. Љубовната афера на Клинтон со стажантката, но и продолжената јалова воздушна кампања против Србија, остави негативни одгласи за претседателот. Новиот претседател за XXI век, Џорџ Буш јуниор, настојуваше да промовира целосен прекин со претходната политика на демократот Клинтон. Надворешната политика на Буш најави три приоритети: прво, во отсуство на некогашната суперсила Русија, САД останаа без соодветен пандан и Буш се трудеше да ги неутрализира тенденциите кон изолационизмот. Второ, во новосоздадениот контекст на глобализацијата Буш бараше САД да профитираат од новиот поредок, но и да ја зголемат националната безбедност во екот на информациската војна, тероризмот, пролиферацијата на нуклеарното оружје. Трето, Буш настојуваше САД да ја зачуваат позицијата на главна империја и хегемон во светот. По терористичките напади од 2011, со интервенцијата во Ирак Буш ја ескивираше светската организација и го афирмира американскиот унилатерализмот.
Изборот на Барак Обама претставуваше прекин со традицијата по многу основи, како во политичка така и во културолошка и доктринарна смисла. „Тој мисли поинаку од 90 отсто од американските политичари“, истакнува поранешниот шеф на француската дипломатија, Ибер Ведрин. Неговиот пристап кон американското лидерство е поинаков од оној нa претходниците. Светот стана мултилатерален, времето на унилатерализмот е надминато. Тој ја сфати целокупната филозофија на глобализацијата која означи јакнење на меѓузависноста. Во новиот контекст на економската и финансиската криза, економската стратегија на Обама се фокусира врз Азија и пред се' Кина. Надворешната политика на Обама се потпираше врз повеќе правци како: подобрување на неповолната слика на САД, особено во арапско-исламскиот свет. Затоа, по лошиот одиум од војната со Ирак и Авганистан се обиде да покаже дисконтинуитет на дотогашната политика, но не преку призмата на антитероризмот. Овие аспекти во поскромно издание беа присутни и во предизборната кампања. Според аналитичарите, последната ТВ-дебата, која беше фокусирана врз надворешната политика, не носи големи поени. Таа беше позначајна за експертите и Обама од психолошки аспект, со оглед дека на претходните две не помина славно.
Заеднички го поддржаа Израел, покажаа строгост кон Иран, и кон тероризмот, договорот за дроновите, за одбрана на демократијата во Либија и Сирија. Меѓутоа, кон историските и политичките теми доминираа непрецизностите, лагите и грешките на Ромни. За иранската нуклеарна програма и научниците и разузнавачите знаат дека оваа држава е далеку од производството на ова оружје, но двајцата кандидати пред широката публика настојуваа да го дијаболизираат Иран како нов Ирак. Истото се повтори и со Кина. Мит Ромни покажа нечесен однос. Претходно тој работел во компании кои ги делокализирале американските фирми во Кина. Сега во улога на претседателски кандидат тој настојуваше да го афектира антикинеското расположение на избирачите. Обама забележа неколку значајни поени: го уби Бин Ладен, ја заврши војната во Ирак, но ја интензивира во Авганистан. Проблеми му создадоа беспилотните летала, кои убија многу луѓе и го зголемија антиамериканизмот во Авганистан, Пакистан и пошироко.
Мит Ромни констатира дека „американското влијание слабее насекаде“, но аналитичарите тој неуспех му го припишуваат на Џорџ Буш поради војната во Ирак. Кандидатите знаат дека тие немаат потреба да развиваат прецизни дијагнози. Кога се размислува за идната надворешна политика на САД позициите на Обама се кристално јасни. Оние на Ромни се недоречени и неразработени и токму затоа Обама ја обвинува флик-флок стратегијата на Ромни за непостојаност. Во дешифрирањето на стратегијата на Ромни делумно може да послужи анализата на филозофијата на неговата мормонска вера. Ромни е првиот мормон во историјата на САД кој може да стане претседател. Мормоните ги има и меѓу републиканците (75%) и меѓу демократите (25%). Во американскиот Конгрес се избрани 15 пратеници-мормони од кои 6 се сенатори. Седиштето на мормонската црква е во Салт Лејк Сити. Мормонското учење гледа на светот преку манихеистичката визија, како судир на доброто и злото. Во таа битка САД како инкарнацијата на доброто мораат да се борат за заштита на американските вредности како семејството, слободата, религијата и татковина. Неговата програма наречена „Точка на извинување“ со поднаслов „Пледоаје за американската величина“ покажува дека тој ќе биде еден прагматик, кој ќе го комбинира тврдиот со мекиот пристап. Во меката варијанта, Ромни смета дека САД претерале во користењето на сопствениот потенцијал наспроти нејзината економска тежина. Поради недоволната позиција на убедување (мормонски израз) САД бележат неуспех на меѓународен план со Кина, Русија, Судан, Иран. Според тоа, САД мора да биде потврд преговарач.
Според гувернерот Роми, ОН се бавна и тромава организација, која ја спречува ефикасноста на САД. Ромни сака и една силна Америка, која ќе биде во состојба да се брани и да ги брани сојузниците и да создава безбедност насекаде низ светот. САД треба да се интервенционистичка сила и со поголем воен буџет. Тоа ќе биде добро за цел свет. Обама ги прокоцка принципите на САД градени со децении. Не ги заштити ниту дипломатите во странство, беше убиен амбасадорот на САД во Либија. Затоа, Ромни се залага за политика на мир, но со воени средства, моќно оружје и сила. Неговите позиции се слични со оние на Буш: да се маргинализира ООН, да се неутрализира џихадистичката експанзија, итно да се реши нуклеарното досие на Иран, да им се даде помош на сириските бунтовници, да се потпише мировниот договор на Блискиот Исток.
Во целата негова филозофија има еден парадокс. Мормоните се познати како американски сепаратисти, но Ромни отстапува од тој стереотип. Надворешната политика на Ромни ги рефлектира траумите на 11 септември 2001. Чудно е што никаде не се споменува Европа, како да не е доволно секси, коментира Пјер Аснер.
Што може да очекува Македонија во таквиот контекст? Администрацијата на Обама покажуваше желба Македонија да влезе во Алијансата, но дејствуваше млако и полузаинтерсирано за разлика од некогашната блискост на Буш. Ромни соочен со амбицијата да ја покаже силата на влијанието на САД во НАТО и Европа, можно е да притисне посилно и во наша полза.
(Авторот е универзитетски професор
и член на ЛДП) |