06.11.2012, 17:48 Едиторијал
„Рамковните“ во корист на својата штета
Татјана Поповска
Над 1.500 административци, вработени во државниот апарат врз основа на одредбата од Рамковниот договор за правична застапеност на етничките заедници, не одат на работа, седат дома и секој месец земаат плата. За ова годишно, според предложениот буџет од Министерството за финансии, ќе се потрошат осум милиони евра.
Овие фрапантни податоци ја покажуваат бесмисленоста на која се сведе процесот на интеграција на другите етнички заедници во државните институции, со цел да бидат вклучени во структурите на државата и да придонесуваат во градењето на нејзината иднина.
Кога пред 11 години четворицата политички лидери Љупчо Георгиевски, Бранко Црвенковски, Арбен Џафери и Имер Имери под покровителство на меѓународната заедница го создадоа и го потпишаа Рамковниот договор, одредбата за правична застапеност на сите етничките структури во администрацијата беше најмалку спорна. Сите се согласија дека етничките заедници, особено Албанците, како втора по големина заедница во Македонија, треба да бидат вклучени во системот, да ги имаат привилегиите, но и обврските од „државната работа“, за да ја почувствуваат државата како своја.
Веројатно, тогаш никој од нив не претпостави дека оваа одредба ќе се сведе на партиска алатка за трупање етнички, но и партиски заслужни кадри во администрацијата, без да се води сметка за квалитетот што го поседуваат, ниту за реалните потреби што ги имаат институциите.
Можеби на лидерот на ДУИ Али Ахмети во изборната кампања бројот на вработените „рамковни“ административци ќе му биде главниот адут за изборниот успех. Но, тој нема да може уште долго да бега од вистината дека од административците Албанци вработени по рамковен принцип не направил интегрирани граѓани, вклучени во сите текови на општеството, туку направил изолирани службеници, кои и понатаму се на маргините на општеството. Можеби тие 1.500 административци финансиски се задоволени, секој месец примаат плата, без да отидат ниту еден ден на работа, но не може за нив да се каже дека се среќни луѓе, кога не можат своето образование и стекнато знаење ниту да го применат, ниту да го пренесат.
Прилично наивни се аргументите од Секретаријатот за рамковни прашања дека овие 1.500 луѓе само привремено ќе бидат на нивниот платен список, се' додека не се заврши постапката за нивно прераспределување. Велат, некои од нив веќе и работат во тие институции, но земаат плата од друго место, затоа што за нивната распределба се' уште не дал согласност министерот за финансии.
Нејасно е како е можно некој да работи во државна институција, а целосно да не му биде регулиран работниот однос. Исто како што е нејасно како може во Секретаријатот за рамковни прашања со години да немаат точен одговор колку „рамковни“ административци седат дома, а секој месец „кешираат“ најмалку просечна плата.
Последиците од одлуката „правичната застапеност“ да ја злоупотребат во партиски цели, да ја симплифицираат до толку што го изгуби вистинското значење е на штета не само на етничките заедници, туку на сите граѓани.
Никому нема да му пречи ако годишно платиме осум милиони евра повеќе за квалитетни „рамковни“ административци, ако за нивното вработување навистина има потреба. Но, ако тоа се прави без концепт, без стратегија и на „сила“, тогаш Македонија ќе добие обемен и неквалификуван државен апарат, а Албанците во земјава ќе добијат некадарни претставници од кои и самите ќе бегаат. |