Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Коментари
06.11.2012, 17:49

Економетар

Економската криза посилна од буџетот

Мирче Јовановски

Некогаш се земаа кредити да се исплаќаат стечајците од пропаднатите фирми-загубари, а сега „на рабуш“ ќе биде реализацијата на предизборните ветувања дадени на пензионерите за зголемување на пензиите

Може ли Македонија да ја победи економската криза со буџетот како клучно оружје со кое ќе „пука“ против неповолните текови кои доаѓаат главно од надвор? Се чини ваквите очекувања се премногу амбициозни за земја како што е Македонија и со „сигурносни пропусти“ кои ги има домашниот економски состав. Особено, ако тоа се однесува на една година. Но, и покрај ова буџетот, сепак, може да прискокне на помош особено ако придонесе по завршување на кризата стопанството да биде што поподготвено да се носи со конкуренцијата.

Има неколку аргументи кои ги поткрепуваат овие размислувања. Како прво, без оглед на големината на прибраните приходи, структурата на расходите кај нас со години е горе -долу иста. Најголем дел од средствата од даноци, глоби и други видови буџетски приходи се трошат за плати, надоместоци, социјални трансфери, или за покривање на дупките во пензискиот и во здравствениот фонд. Така беше и пред 10-15 години, а од ваквата судбина не се одвои ниту буџетот за 2013 година. Иако е приближно на минатогодишното ниво, сепак тој е неколкукратно потежок од сумите со кои располагаа владите пред една деценија или повеќе, на пример. Со таа разлика што тогаш се земаа кредити да се исплаќаат стечајците од пропаднатите фирми – загубари, а сега „на рабуш“ ќе биде реализацијата на предизборните ветувања дадени на пензионерите за зголемување на пензиите, кое сосема случајно е темпирано токму во пресрет на локалните избори в година.

Досега сме немале многу среќа ниту со ставките за капитални трошоци кои биле првата жртва на секој ребаланс на државната каса. Да не беше така до сега кон Софија и оттаму кон земјите на исток од континентот ќе патувавме со воз, кој уште е со назнаката „наречен желба“. Преку таа линија ќе патуваа и македонските производи, или ќе се носеа суровини за домашната индустрија. Користењето на гасот, ако ништо друго, барем за индустријата ќе беше многу пореална опција отколку што е сега, а да не беа постојните рестрикции за капитални трошења, овој еколошки и евтин енергенс веројатно ќе го имаа и многу од домовите. Но, кога станува збор за оваа буџетска ставка (капитални трошоци), среќата не беше наклонета и поради други причини. Под овој термин се „буткаше“ и изградбата на разни објекти кои според видот несомнено се капитални, но според улогата воопшто немаат поттикнувачко дејство врз економијата во целина (освен еднократното влијание врз градежништвото), а од друга страна тие се дополнителен долгогодишен товар за идните буџети од каде што ќе треба да се издвојуваат средства за нивното скапо одржување.

Владата овој пат направи драматичен пресврт во приоритетите за наредната година и акцентот го стави кон она што стопанството го бараше одамна – инфраструктурни проекти од кои се издвојуваат почетокот на изградбата на делницата на автопатот од Демир Капија до Смоквица, пругата кон Бугарија и гасоводниот систем. За конечна оцена ќе треба да се сочека крајот на 2013 година и структурата на буџетските трошења, но под претпоставка дека Владата ќе опстои на определбите без оглед на тешкотиите со кои ќе се соочува во прибирањето на јавните приходи, овие објекти несомнено ќе имаат повеќекратно дејство врз стопанството и врз порастот на домашниот бруто-производ. Сепак, за целосен ефект ќе треба да се почека кога ќе се сече црвената лента, односно кога дефинитивно ќе се реализираат и кога сите – и фирмите и граѓаните ќе можат да ги користат придобивките на поквалитетен и побезбеден транспорт и поевтини и еколошки енергенси.

Во дискусиите на седниците на собраниската Комисија за финансирање и буџет често пати можеше да се чуе дека никој не е против зголемен буџетски дефицит ако тој се троши за изградба на клучни инфраструктурни проекти. Според пресметките, на таков начин за неколку години ќе можеа да се изградат Чебрен и Галиште, за кои и сега Владата се мачи да стокми соодветен тендер на кој ќе се јават квалитетни инвеститори. Токму тоа е поентата на средствата за кои земјата треба да се задолжи – дали со нив да се зголемуваат платите или пензиите на пример, или пак да се изгради некој инфраструктурен проект.

Не е јасно дали владиниот економски тим ќе ги има предвид сугестиите кои деновиве ги обелодени гувернерот на Народната банка на Македонија Димитар Богов, кој прецизно порача дека ќе биде добро буџетскиот дефицит од 3,5 отсто набрзо да ретерира на ниво под два отсто од БДП. Со сегашниот износ земјата само ќе го натрупува јавниот долг со сите ризици кои ги демнат презадолжените земји. Кршливоста на Македонија е уште поголема бидејќи е мала економија зависна од европските текови. Од таму, пак, стигнуваат најави дека крајот на кризата воопшто не е близок како што се предвидуваше. Според германската канцеларка Ангела Меркел, кризата во еврозоната ќе потрае уште пет години. Кога ваква информација ќе стигне од личност од рангот на германски канцелар, која е на чело на земјата локомотива на Европа, треба да се земе со сето должно внимание. Ваквата најава тешко дека ќе може да влијае да се смени структурата на буџетот кај нас, која е многу зависна од обврските за плати и социјални трансфери, но сепак, треба да се има предвид при донесување на секоја мерка на економската политика или од страна на секој деловен субјект кој е поврзан со европскиот пазар.

Бидејќи, очигледно е дека ниту членството во НАТО ниту во Европската унија не се гарант дека една земја ќе го избегне вителот на должничката криза. Не треба да одиме далеку, доволно е да фрлиме поглед во соседството, но и малку подалеку.


Статијата е прочитана 484 пати.

Испрати коментар



Обама - Ромни
„Рамковните“ во корист на својата штета
Пикантен, но и уникатен дуел
Ах, тие наши комшии

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

 
Што прават денеска
  


Site Meter


Време
Скопје, 4°C

Ведро

Недела
Ведро
Макс: 14°C, Мин: 3°C

Понеделник
Претежно облачно
Макс: 17°C, Мин: 6°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Фељтон
Јованка Броз - Титова Совладетелка (49)
Самоизолацијата на Јованка. Специјално за своите читатели „Утрински весник“ и „Медија принт Македонија“ ги откупија правата на објавување извадоци од книгата „Јованка Броз - Титова совладетелка“
Настани
Музите на Хичкок и денес икони на стилот
Хероината на Хичкок не може да биде заменета со денешните старлети - таа не е бомбастична русокоса, туку грациозна дама...

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |