„Ало, кој е на телефон“? „Јас, ти и Орвел!“
Од МВР тврдат дека не прислушувале без налог, односно дека не постапувале по Законот што падна на Уставен
Светлана Унковска
Дали Уставен суд со укинувањето на одредбите од Законот за следење на електронските комуникации му го скрати кабелот на „Големото уво“ или граѓаните и натаму телефонските разговори и другите комуникации ќе ги водат во „тројка“? Уставните судии, сепак, му ја спуштија слушалката на Орвел, зашто „тој“ пред да може ве прислушува ќе мора да му се обрати на истражниот судија. Но, во изминативе пет месеци, колку што беа во сила одредбите од Законот, „Големото уво“ можеше да работи наголемо, бидејќи полицијата и законски имаше неограничен пристап до телефонските врски, компјутерските и другите комуникации.
Од МВР тврдат дека тие никогаш не прислушувале без судски налог, односно дека не постапувале според Законот за електронски комуникации, од проста причина што неговото спроведување е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. „И досега, а така ќе биде и во иднина, МВР постапуваше исклучиво според Законот за кривична постапка, каде што се предвидени специјални истражни мерки и точно е кажано во кој случај и како може да се употребуваат. Таму е предвидено како и во кои случаи се применуваат специјални истражни мерки, за што е потребен налог од обвинител и истражен судија. МВР никогаш не постапувало и нема да постапува според Законот за електронски комуникации, бидејќи тој е во надлежност на Министерството за транспорт и врски, така што за нас не менува ништо укинувањето на одредбите“, вели Иво Котевски, портпарол на МВР.
Но, спорните одредби го говорат спротивното. Во пет члена од Законот беше предвидено електронските комуникации да можат да бидат следени од МВР, без постоење судски налог. Претседателот на собраниската Комисија за надзор над мерките за следење на комуникациите, Горан Минчев, верува дека сега веќе укинатите одредби власта ги донела за свои цели, што ги прикрила со Закон што не е во надлежност на МВР. „Таму имаше и една одредба, според која, комуникацијата може да се следи и без оглед на активноста на апаратот, што значи и кога телефонот е исклучен. Исто така, беше предвидена можност сообраќајот да може да биде преземен од УБК и од МВР кога ќе побараат, со што им се овозможуваше неконтролирана моќ. Претпоставувам дека во овие пет месеци Законот даваше можности за злоупотреби од страна на УБК и фамилијата“, истакнува Минчев. Тој е песимист, бидејќи смета дека, и покрај укинатите одредби, нема да се почитува одлуката на Уставен суд.
Слично размислува и поранешниот претседател на собраниската Комисија за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање, Есад Рахиќ, според кој, спорниот Закон бил донесен за покривање на сите незаконски прислушувања. „Тие само правеа простор за утре да немаат проблеми и да не ги гонат кривично ако дојде некоја подемократска власт. Не е важно дали има или нема закон, бидејќи и оваа, како и претходните власти, прислушувањето го разви на ниво на уметност. За жал, вистинските професионалци во МВР ги спуштија на ниво на обични маалски воајери“, вели Рахиќ, кој смета дека и натаму ќе се прислушува неограничено, бидејќи „не попусто е купено толку многу техника и се потрошени многу пари“.
Претседателката на „Транспарентност - нулта корупција“, Слаѓана Тасева, смета дека е добро што се укинати спорните одредби. Според неа, во последниве пет месеци, сепак, постоела можност да се применуваат одредбите што овозможуваа прислушување без никаква контрола.
„Тие се' уште можат да ја користат опремата во услови и постапки утврдени со закон. Се знае кога и како може да почне примената на тие мерки што се потребни во борбата против организираниот криминал и корупција. Но, тие мерки треба да се користат на еден контролиран начин, со кој ќе се гарантираат човековите права. Очекувам МВР да ја почитува одлуката и доследно да го применува Законот“, вели Тасева. |