ВИП
Големи и мали, сите се ѕвезди на „Златно славејче“
Симон Трпчевски, Маја Гроздановска-Панчева, Влатко Илиевски, Маја Саздановска, „Некст тајм“, Ноне Неделковска, Игор Митровиќ, Маргарита Христова, Баже Моротов... Сите тие беа дел од големиот славенички концерт по повод 40. роденден на најстариот фестивал на детска песна „Златно славејче“ што се случи завчера во Универзална сала, а во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на град Скопје.
И не случајно беа одбрани овие имиња, кои чекори ги направиле своите први токму на сцената на „Златно славејче“. Во придружба на детскиот хор „Златно славејче“ не' потсетија на своите некогашни песнички, како што се „Чудна случка крај една воденичка“, „Непослушното срниче“, „Фудбалер и кошаркар“, „Наташка“, „Славеј“, „Каубои смели“, „Тава ава“, „Никола, Никола“, „Ех, тој Тоше“, „Рингишпил“ ...
Водителската улога на гала-концертот им беше доверена на Игор Џамбазов и на Влатко Илиевски, кои ја предводеа вечерта за паметење полна со емоции и навраќање кон некои поранешни времиња. Патем, во чест на јубилејот, наскоро ќе биде издадено и специјално дупло цеде со најголемите фестивалски хитови во изминатите 40 години, како и монографија „Златно славејче 40 години (1971-2010)“.
Промовиран „Кралот без круна“ на Миле Кузмановски
Круната во денешниве времиња на „некрунисани“ владетели веќе ни не е нешто во мода. Во секојдневјото често сретнуваме по некој „крал“ или „кралица“ без круна. Една таква приказна на „Крал без круна“ од градскиот асфалт испеа Миле Кузмановски, што ја состави Александар Митевски во стихови и музика. И не само што песната е испеана туку доби и своја екранизација во вид на спот, кој беше промовиран со средата (15 декември) во кафулето „Мартини“ во Скопје. Режисер на спотот е Марјан Огненовски. |