Фељтон
Колку УДБ-а беше нашата судба (8)
Тоа беа ужасни времиња
„Во системот на тотална шпионажа, сакаа да знаат и како си го добил мајчиното млеко“ вели академик Иван Катарџиев, кој повеќе години бил следен од УДБ-а
Виктор Цветаноски
„Тоа беше до крај обесчовечен систем. Тоа беа ужасни времиња, систем на тотална шпионажа. Сакаа да знаат како си го добил мајчиното млеко. Од една страна, имаше вистински напор да се изгради релативна социјална сигурност на луѓето, да се подигне ентузијазмот за изградба на новосоздадената држава и да се школуваат кадри што ќе го понесат товарот на проблемите, а од друга немилосрдна недоверба кон луѓето. Немаше човек што не беше контролиран. Секој оној што претставуваше нешто во власта, или, пак, беше познат интелектуалец, беше следен за да се знае се' за него.“ Вака ги опишува академик Иван Катарџиев состојбите при крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години од минатиот век кога главниот збор го имала УДБ-а.
И тој и неговото семејство ги почувствувале страшните притисоци на службите. И денес не може да си објасни дали таквото однесување на УДБ-а имало свои корени во идеологија на системот, во копирањето на Сталиновата доктрина или, пак, во нашиот балкански менталитет. Според него, денешната лустрација нема никаква врска со тие жестоки години, бидејќи со неа се санкционираат само тие што соработувале со службите, но не и другите што биле главни режисери на човечките драми. „Што со оние што вршеле невидена психолошка тортура врз луѓето? Дали и тие ќе бидат санкционирани?“, прашува нашиот познат историчар.
Тој оценува дека тој систем, практично, работел против себе, затоа што со начинот на кој ги контролирал луѓето, создавал атмосфера на недоверба и предизвикувал одбивност кон власта, без оглед на тоа што се преземало на социјален план. Психолошкиот притисок бил неверојатно голем. Секој човек не можел да го издржи: или ќе се разболел, ќе станел пијаница, или ќе и' служел на власта како кодош, ќе кажувал се' што било и не било за луѓето околу него, за пријателите и за роднините за да се докаже како предан поданик на власта.
Академик Катарџиев ќе биде следен од УДБ-а најмногу поради тоа што бил дојден од друга држава. „Кон крајот на декември 1946 година дојдовме 20 студенти од Пиринска Македонија, со завршена гимназија, воспитани во духот на сталинизмот. Сметавме дека се гради нов свет, свет на братство и единство, на еднаквост и рамноправни луѓе. Тоа беа нашите сфаќања што беа резултат на пропагандата, која ни сервираше се' и сешто и ние тоа го голтавме како апсолутна вистина“, раскажува нашиот историчар.
Меѓутоа, таквите нивни соништа набрзо ќе бидат урнати, а Југославија и Бугарија, од најдобри пријатели, ќе станат најголеми непријатели. Титовото „не“ на Сталин ќе се прекрши и врз плеќите на штотуку дојдените студенти. Ќе се бара од нив да решат дали сакаат да останат во Македонија или, пак, да се вратат во Бугарија. Тогаш ќе си заминат14 студенти, а шестмина ќе останат, меѓу кои и Катарџиев. Нешто слично ќе се случило и со стотината средношколци од Пиринска Македонија кои летото 1947 година дошле на акција во Моноспитово, Струмичко, на кои македонската влада им доделила стипендии за да завршат за учител и потоа во родните места да ги учат Македончињата. Од нив, повеќето се вратиле, а во Македонија останале 17-18. Како награда за тоа што ја одбрале Македонија за своја иднина држава подоцна ќе платат мошне висока цена и тие лично, но и нивните семејства во Пиринска Македонија, кои ќе бидат интернирани од бугарските власти.
„Татко ми и мајка ми три години толчеа камен во источна Стара Планина, во Дели Орман, затоа што јас останав во Македонија. И браќата ми ги растурија. Брат ми Владо го испратија во рудникот за ураниум крај Софија. Таму ги праќаа непријателите на државата за да немаат пород. Од зрачењето на ураниумот станувале стерилни. Тоа беше жестока одмазда на бугарската власт поради тоа што не се вратив“, се сеќава академик Катарџиев.
Подоцна дознал дека УДБ-а имала подготвено список на сите пирински студенти што останале. На него бил и Катарџиев. Сите требало да бидат протерани на Запад. Да не биде екстрадиран, се заложил инспекторот Роман Лечевски. Другите ги однеле во логорот Герово, Хрватска, и оттаму ги протерале во Италија. Неговиот пријател Ѓорѓи Ангелов стасал во САД од каде што бил испратен да војува во Кореја. Кога се вратил, Американците му дале нова задача, да прислушува на Беласица.
Катарџиев раскажува де��а првите години по ИБ ги поминал релативно добро, иако УДБ-а барала од него и од другите Пиринци илегално да влегуваат во Пиринска Македонија и да ја информираат што се случува таму. Му предложиле да стане претседател на бугарската емиграција на нивно на Југославија, но не се согласил. За да се ослободи од притисоците што се вршел врз него се пријавил доброволно да служи во ЈНА.
„Кога се вратив од војска се вработив во Институтот за национална историја и токму тогаш започнаа моите најголеми проблеми. Тогаш секој ден со сопругата одев пешки на работа. Еднаш таа забележа како не' следат двајца агенти. Ги препознавме по долгите кожни палта какви тогаш носеа сите удбаши. Не' следеа речиси секој ден. Ние што бевме дојдени од Пиринска Македонија бевме под постојана присмотра, бидејќи агенти на бугарската амбасада се интересираа за нас, а некој не' накодошил дека доаѓале и кај нас дома. Така, за мене и за моето семејство започна вистински пекол, сите преживувавме тешка психолошка драма. Во тој период на тотална шпионажа се отиде дури и до такви крајности да ми уфрлат човек во моето семејство, а на мојата сопруга и' нудеа љубов за да ги информира што работам и што мислам“, со нескриен револт говори Катарџиев.
Непрекинато бил следен цели пет години. Плашејќи се да не рече нешто пред неговите колеги што нема да биде по волја на власта, се повлекол во себе и со нив контактирал само службено. Тогаш го следеле тројца агенти: Ноне Оклески, Боро Деловски и некој Ацо, велешанец.
„Еднаш, три недели, секој ден, бев сослушуван од Ноне Оклески. Со незадоволство се сеќавам на тие долги и мачни испитувања. Една слика нема никогаш да ја заборавам и ќе ја паметам додека сум жив. Оклески со двете нозе дигнати на маса, го врти пиштолот в раце и ми се дери: ’Ти си бугарски агент! Признај! Можам да те убијам без да ми трепне око и да немам никакви последици, бидејќи ти си докажан бугарски агент’“, се сеќава Катарџиев.
Во 1962 година се формирала комисија за проверка на документацијата на УДБ-а. Тоа било прво чистење на досиејата. Член на комисијата, Вељо Брезовски, му кажал дека за него имало огромно досие што содржело многу невистини. „Пишувало со кого сум зборувал, што сум кажал, која книга сум ја зел од библиотека, во колку часот сум влегол во ВЦ и кога сум излегол. Ме кодошеле колегите. Претпоставував кои се. Брезовски ми рече дека го уништиле. Дали е така, не знам“, истакнува македонскиот историчар.
Во тоа време побарал да отиде на граница за да се види со своите, но не му дозволиле. Тогаш добил француска стипендија за специјализација, но и таму не можел да отпатува. Еднаш случајно се сретнал со братот на тогашниот шеф на УДБ-а, на Драги Тозија и во доверба му раскажал за маките што ги преживува со семејството.
„Му реков дека состојбата ни е многу критична, дека повеќе не можеме да го издржиме притисокот од УДБ-а. Ми вети дека ќе разговара со брат му. Така, еден ден не' повика Драги Тозија, на кого му ја објаснив сета ситуација. Ми рече дека ќе го испита случајот. По шест месеци, повторно ме повика и ми рече: ’Во службата нема ништо што би можело да те искомпромитира како непријателски елемент. Основната недоверба кон тебе е поради тоа што не си бил контактибилен во Институтот, си бегал од сите и никој не знаел што мислиш, освен она што го пишуваш во книгите. Сметај дека проблемот со тебе е решен. Јас ти овозможувам да заминеш за Париз’“, објаснува македонскиот историчар.
Меѓутоа, тоа не значело дека дефинитивно се спасил од УДБ-а. Во 1973 година одново бил следен. Се сомневале дека со Венко Марковски, новинарот Виктор Аќимовиќ и некои други лица подготвувал државен удар.
И покрај сите тортури што ги преживеал, Катарџиев смета дека тогашниот режим со социјалната политика, со настојувањето да им обезбеди школување на сиромашните, им отворил простор да се извлечат од бедата, да создадат какви-такви услови за егзистенција. И денеска кога размислува за тие години, вели дека не може да ја сфати таа голема противречност.
„Годините кога владееше УДБ-а беа исполнети со многу трагични судбини што говорат за тоа страшно време, но, сепак, тоа не може да биде доволна аргументација за да се извлекува општ суд за тогашниот систем, особено во Македонија. Потребна е длабока и поцелосна социополитичка и историска анализа на сите фактори, и материјални, и политички и идеолошки за да се дојде до релативно објективна оценка на тој период. Притоа во никој случај не треба да се заборави политичкото окружување и, пред се', жестоката реакција по создавањето на македонска држава“, заклучува академик Катарџиев.
|