Технологија
Корисниците стравуваат од нелегалниот софтвер
Пиратерија на софтвер
Анкетата на „Мајкрософт“ покажува дека луѓето гледаат реална опасност од примената на нелиценцираниот софтвер и потрошувачите се согласни дека нелегалните програми не се безбедни
Никола Бурагев
Во светот луѓето гледаат реална опасност од примената на нелиценцираниот софтвер и потрошувачите се согласуваат дека нелегалните програми не се безбедни за користење. Ова се резултатите од анкетата на „Мајкрософт“ во која учествуваа над 38.000 луѓе од 20 земји, во однос на перцепцијата за фалсификуваниот софтвер. Губењето на податоците и кражбата на идентитетот се меѓу првите проблеми на кои обрнуваат внимание испитаниците. Исто така, посочуваат и на неопходната поддршка што ја очекуваат од владата и индустријата, со цел да се преземе акција против фалсификаторите.
„Потрошувачите насекаде ни се обраќаат со поплаки за опасностите и последиците што произлегуваат од фалсификуваниот софтвер“, изјави Дејвид Фин, помошник-генерален советник за светската антипиратерија. „Тие се прашуваат што се' можат да направат за да се заштитат себеси. Сакаат факти и очекуваат индустријата и владата да застанат во нивна заштита и да преземат вистинска акција. Нашата обврска е да направиме се' што можеме за да им помогнеме“.
Според објавените податоци, 70 отсто од анкетираните потрошувачи во светот веруваат дека оригиналниот софтвер е побезбеден, постабилен и полесно да се ажурира. Но, присуството на висококвалитетни фалсификати на пазарот, кои ги имитираат оригиналните софтвери претставуваат континуиран проблем за корисниците. Мнозинството од анкетираните велат дека би се одлучиле за оригинален софтвер доколку можат да изберат, но помалку од половината веруваат дека можат да го препознаат фалсификатот доколку се побара од тоа нив.
Македонија, исто така, не заостанува во однос на годишните испитувања што се спроведуваат со цел да се увиди состојбата кај нас на оваа тема. „Мајкрософт“ во соработка со „Свот рисирч“, агенција специјализирана за анализа на квалитетот на услуга, презеде истражувања на оваа тема. Како најважни предности што ги издвојуваат македонските корисници се: брзина (37 отсто), едноставност за употреба (32.5) и сигурност (27.5). Испитувањето вели дека дури 43.5 отсто не биле запознати со последиците од користењето на нелиценцираниот софтвер.
До одредени граници, многу луѓе го разбираат фалсификувањето како проблем што може да им наштети на глобалните економии и легитимните бизниси, но голем број од потрошувачите не се чувствуваат изложени на ризик на лично ниво. Затоа е важно да се разбере перцепцијата што ја имаат луѓето во однос на фалсификуваните софтвери, со цел да се привлече вниманието таму каде што образованието и присилните мерки се потребни да се локализира проблемот. Зголемената софистицираност на пиратите е сигнал за итен повик за промовирање на свеста и подобро едуцирање на јавноста за да се избегнат овие опасни ризици.
Имајќи ги предвид овие резултати од годишните испитувања, „Мајкрософт“ прави континуирани заложби за успешна борба против пиратеријата. Секоја година организира „Ден за акција посветен на корисниците“, кој има цел да укаже на негативните последици што ги носи пиратеријата и да се истакнат едукативните иницијативи и локалните активностите што се преземаат со цел да се заштитат корисниците и да се зголеми свесноста за ризиците од нелегалниот софтвер.
Нелегалниот софтвер претставува огромен ризик за потрошувачите. Фалсификуваните копии не ги добиваат тековните ажурирања на софтверот, а со тоа го зголемуваат и ризикот од добивање вируси, кои можат брзо да заразат цели мрежи. Злонамерните софтвери можат да ги загрозат и приватните податоци, па дури и да доведат до кражба на идентитетот. Од друга страна, користењето нелегален софтвер во Македонија претставува кривично дело, па корисниците и компаниите се изложуваат на дополнителен ризик во нивното тековно работење. Софтверската пиратерија доведува до намалување на собраните даноци и губење на работните места, со еден збор, продавањето и користењето на пиратскиот и фалсификуван софтвер може да има длабоки импликации за милиони луѓе низ целиот свет.
„BSA (Business Software Alliance) континуирано прави заложби да го слушне гласот на луѓето и проблемите со кои се соочуваат при користење на софтверските производите. Истовремено, сакаме и да ги заштитиме доколку некој им продал пиратски софтвер. Кога имаме вакви поплаки, го разгледуваме случајот, на потрошувачот му излегуваме во пресрет, а воедно се известуваат надлежните органи да ги преземат сите мерки и правни средства против оние што продаваат пиратски програми. Во изминатите години, на ваков начин успеавме да решиме повеќе случаи“, вели Валентин Пепељуговски, претставник на BSA .
Во заклучокот на Европската комисија стои дека е направен напредок во однос на правната рамка на правата на интелектуална сопственост. Донесен е нов закон за авторски и сродни права и постои соработка со извршните тела, но не е јасна поделбата на надлежностите во врска со спроведувањето на законот во областа на правата на интелектуална сопственост. Координативното тело презема редовни активности, меѓутоа, фалсификувањето и пиратеријата остануваат широко распространети и фалсификуваните производи продолжуваат да бидат продавани на улиците, пазарите и продажните објекти.
Според претседателот на Координативното тело за интелектуална сопственост, Мите Костов, се вложуваат силни напори во борбата против пиратеријатата на територијата на цела Македонија и редовно се спроведуваат четири координирани акции месечно. „Досега се направени повеќе акции за заштита од нелиценциран софтвер, и тоа во Охрид, Прилеп, Битола, Крива Паланка, Куманово и Скопје, и притоа од страна на МВР и Државниот пазарен инспекторат се одземени компјутери што немаат лиценциран софтвер и се поднесени кривични пријави“.
„Во изминатите две години со помош на BSA воспоставивме блиска соработка со Координативното тело за интелектуална сопственост, кое е задолжено за координација на сите институции за спроведување на овој закон. Во изминатиот период гледаме значајно зголемена активност на Координативното тело, што е многу позитивен знак за придвижување на работите во оваа област“, истакна директорот на „Мајкрософт“ за Македонија, Илијанчо Гаговски. „Заедно со Координативното тело организиравме обуки за инспекторите што имаат овластување да вршат проверки во фирми што продаваат компјутери и во компании за кои има основано сомневање дека користат нелиценциран софтвер, како и да препознаат дали инсталираниот софтвер е правилно лиценциран или не. Досега се обучени околу 50 инспектори на МВР од цела Македонија“, посочи Гаговски.
ZTE со мобилен и за повозрасните
Најпосле, некој од мобилната индустрија се сети и на постарите лица, се обиде да им ја доближи технологијата и да им го олесни животот. Компанијата ZTE го намени својот нов модел S202 SOS за лицата што не се фанови на најновите технолошки достигнувања.
Наспроти најновите технички уреди, кои во голема мера се сложени и, пред се', наменети за „раните прифаќачи“, најчесто се помладите генерации, новиот мобилен телефон ZTE S202 SOS, кој неодамна се појави на пазарот е специјално дизајниран и наменет да одговори на потребите на луѓето кои припаѓаат на постарата генерација. Главната цел на овој исклучително практичен мобилен уред е да им го поедностави начинот на комуникација на овие луѓе и да им понуди опции што лесно се разбираат и се употребуваат.
Телефонот има невообичаено големи бројки и на тастатурата и на екранот, едноставен интерфејс и СОС-копче преку кое постои можност да се испрати апел за помош до пет броеви, кои се претходно меморирани во мобилниот. Со едно обично притискање на копчето до нив ќе биде испратена порака и тие ќе знаат дека треба да го контактираат или да го посетат сопственикот на мобилниот. Звукот на слушалката може да се намести на високи („гласни“) 110 децибели со цел да може да се користи и од страна на лица со оштетен слух. Се разбира, мобилниот има македонско мени што го олеснува ракувањето на овој телефон, а како дополнителни функции се ЛЕД-светилката на неговата горна страна и ФМ-радиото.
Новата технологија повеќе не е причина да бидете „скарани“ со мобилните телефони. Корисниците на ZTE S202 SOS веќе нема да го имаат проблемот со снаоѓање во менијата преполни со неразбирливи алатки.
Моментално во Македонија овој мобилен телефон можете да го најдете во понудата на операторот „Оне“.
„Твитер“ ги објави темите на годината
Социјалната мрежа „Твитер“ ги објави статистичките податоци за кои теми на оваа мрежа најмногу се пишувало во текот на 2010 година. Објавено е дека во текот на годинава биле напишани 25 милијарди твитови, а „Твитер“ ги обзнани најпопуларните во осум категории: вести, луѓе, филмови, телевизија, технологија, СП во фудбал, спорт и хаштагови. На топ 10 листата на генерално најпопуларните теми, првото место го зазема излевањето на нафтата во Мексиканскиот залив, второто му припадна на Мундијалот, а потоа следуваат филмот Inception, земјотресот во Хаити, вувузелите, iPad, „Андроид“, Џастин Бибер, Хари Потер и октоподот Пол. На топ листата која се занимава со технологија, првото место убедливо му припадна на iPad, а зад него се најдоа „Андроид“, iOS платформата на „Епл“, iPhone 4 и популарната игра Call Of Duty. Последните пет места ги заземаат Twitter, HTC, RockMelt, MacBook Air и Google Instant.
Google Docs за iPad
„Гугл“ објави дека е достапна новата верзија на Google Docs посебно прилагодена за iPad. За разлика од неодамна претставената верзија за смартфоните, оваа во издание за iPad има многу повеќе можности. На таблетот на „Епл“ во Google Docs е можно да се менуваат фонтовите, стиловите и форматирањето на текстот, исто како и на верзијата за компјутер. Во апликацијата Spreedsheets е можно да се користат формули за пресметка на вредностите во ќелиите.
Услугата е достапна на веб-адресата docs.google.com, а доколку пристапувате од iPad, автоматски ќе ви отвори прилагодената верзија. За понапредните можности, „Гугл“, сепак, советува користење на верзијата Google Docs за компјутерите. |