ЕДИТОРИЈАЛ
Од инвестициите остана само сон
Маја Томиќ
Ако ни недостасуваат странски инвестиции во земјава, барем не ни недостасува добра мисла и оптимизам. Владата не ја напуштаат овие позитивни особини и упорно и во континуитет кажува дека ќе биде, ќе има, кај да е, ќе дојдат. Но, пустите странски инвеститори попусто ги чекаме, никаде ги нема. Речиси три години, горе-долу, го прифаќавме оправдувањето дека економската криза е главниот виновник за пишманот кај странците. Најново, пак, сега што го слушаме е дека не дошле годинава, не затоа што сме во криза, туку дека имаме последици од кризата. Ама со оптимизам ни се пласира тезата дека инвеститорите сигурно ќе дошле в година. И тоа уште во првата половина од 2011 година. Во 2012 година веќе ќе немало никакви пречки и ќе има поголем, слободен наплив на инвестиции. Кои, какви и од каде, ќе видиме.
Додека премиерот Никола Груевски никаде го нема да зборне на оваа тема, вицепремиерот Владимир Пешевски деновиве ја изненади јавноста кога рече дека продолжуваат преговорите со турски „Шишеџам“ за инвестирање во „Бунарџик“ и дека во првиот квартал в година ќе стартува оваа инвестиција. Пешевски уште спомена и други нови инвестиции, во беровска „Белема“, рестартирање на „Емо“ во Дебар, се очекувале и парите од ТАВ, а ќе имало и некои нови инвестиции што ќе се најавеле во скоро време, кога ќе дошол вистинскиот момент.
Почетокот на одвртувањето на инвестициската спирала ја најави и директорот на Агенцијата за странски инвеститори, Виктор Мизо, кој исто така е оптимист дека инвеститорите ни се пред врата и дека, барем оние со кои преговорите, веќе зеле некој тек. Токму тие ќе дошле наскоро во македонскиот бизнис простор. Одговорните тврдат дека имало интерес кај многу фирми, но сега, во оваа фаза, не можеле да објават кои се тие компании. Нивните имиња ќе биле обелоденети тогаш кога фирмите ќе одлучеле дека е вистински момент за тоа. А ќе биле тоа фирми од автомобилската, електронската, машинската индустрија, за производство на медицинска опрема, композитни материјали, амбалажа... Ако од сите овие сектори дојде и по една фирма, која ќе вложи по десетина милиони евра, ќе бидеме на коњ. Само тогаш, без резерва, ќе станеме реални оптимисти и ќе признаеме дека Македонија е атрактивна земја за странските инвеститори, како што постојано не' убедува Владата.
А, додека не се случи тоа, сакале-нејќеле, мораме да сме песимисти. „Бунарџик“, што требаше од гола ливада да прерасне во зона полна со фабрики, и годинава остана пуста нива. И официјалните податоци за инвестициите повторно поразуваат. Во деветте месеци од годинава се слеале само 111,4 милиони евра директни инвестиции. Според Народна банка на Македонија, од вкупната добивка што ја оствариле, инвеститорите реинвестирале во земјава само 74,3 милиони евра. Во 2008 година биле реинвестирани 223 милиони евра. Додека Македонија забележува малку над 100 милиони евра вложувања од странство, соседните земји, кои, исто така имаа економски проблеми поради кризата, регистрираа за два, три и повеќе пати поголеми инвестиции. Значи, компаниите и понатаму се посигурни кога вложуваат во соседството отколку кај нас. Рамниот данок и сите други поволности и ослободувања очигледно не се доволна мамка. Сепак, членството во ЕУ и во НАТО за странците останува пресудниот фактор во одлуката за инвестирање, а ние сме далеку од нив, што значи инвестициите засега ќе ги сонуваме. |