Влатко Илиевски
Од хевиметалец до шеќерното дете
Кога ќе дојдеш до ниво да бидеш славен кај нас, си велиш „што ми требаше ова…“. Се' уште не сум дошол до тоа ниво. Ако кажам до каде ми се амбициите, ќе кажат „овој откачил“
Во досегашното свое егзистирање на естрадата, Влатко Илиевски остана момче од збор. Навистина, секогаш кога ќе го побарате, тој е во некакво трчање: од ФДУ во студио, од студио на проба во театар, од театар за концерт, од концерт на снимање серија... но, секогаш го исполнувал ветувањето. Токму како и за ова интервју, кое стигна во последен момент, но Влатко си достои на зборот. Во предновогодишниот период и така многубројните обврски му се двојно поголеми, а тој самиот подготвува и промоција на ДВД-изданието од годинешниот концерт во Скопје заедно со новиот соло-албум, како и спот за песната „Остај ме да умрам кај другите. Промоцијата ќе се случува на 22 декември во Универзалната сала, со почеток во 20,30 часот.
Беше речиси дете кога се појави на вокалната позиција на хеви-метал бендот „Морал“. Според некое стереотипно доживување на хевиметалците како „бесни момци“, јавноста имаше сомневања од типот „што ќе биде детето кога ќе порасне“? Како Влатко Илиевски од „хевиметалец“ порасна во „шеќерното момче“ што сака да оди на Евровизија?
„Интересно прашање. Пред се', публиката избира и ги селектира оние што ќе одлучи да ги сака и да ги слуша. Публиката што ја имаме со „Морал“ е различна од публиката што ја има Влатко Илиевски кога пее соло. Кога ја започнав мојата соло-кариера, знаев дека ќе има коментари. И се' уште има коментари од типот дека сум ја „предал“ рок хеви-метал публиката и она што сум го работел порано. Но, успешните песни, големите хитови, полните сали, покажуваат дека најбитни се музиката и песните. Влатко е истиот Влатко од времето кога се појави со „Морал“ и сега. Успешната музика покажува дека на публиката и' се допаѓа ова што го правам сега, а кај нас некако работите се редат. А редот е да застанеш на сцена на фестивал и да покажеш што знаеш кога е во прашање претставувањето на Македонија на европската или на светската сцена“.
Шегата настрана! Во последниве години те има речиси на целиот естраден простор во Македонија: пејач, актер, ТВ-водител... Дали тоа те води амбицијата или само се редат работите?
„Па...некаде ме води амбицијата, некаде се редат работите... Некаде е среќа, некаде успехот на едно поле дава позитивни-негативни резултати на друго поле(професија). Се трудам се' што работам да е стопроцентно, да дадам се' од себе, па како што кажав - публиката одлучува и селектира, а времето ќе покаже“.
Имаш ли намера да фатиш еден правец во кариерата?
„Многу би сакал да се занимавам само со една работа. Да имам голема и успешна музичка кариера или да имам голема и успешна актерска кариера. Но, ние сме мал пазар, мали се границите, малку е публиката и или многу брзо ќе се потрошиш и публиката ќе те преслуша и ќе им здосадиш, или треба да работиш многу работи и да се појавуваш секаде и со секого за да опстоиш. Би сакал и како актер и како музичар да имам успешен правец во кариерата“.
Навистина си млад, но ако максимално трошиш 24 часа во денот, не се плашиш ли дека побрзо ќе остариш? Всушност, ти стигнуваат ли 24 часа во денот за се' што сакаш да направиш?
„Не се плашам од стареење. Важно ми е делата што ги правам да се квалитетни, па кога ќе остарам, да имам што да видам зад себе и со што да се пофалам. Најискрено, 24 часа не ми стигнуваат. Дури ни 240 нема да ми се доволно. Секогаш има нешто ново, секогаш ќе има нешто што да работам. Едноставно, работам постојано … Друго и не знам да правам. Таква е мојава работа, дури и кога возам, пишувам некој текст или компонирам некоја мелодија“.
Како успеваш да го одржиш имиџот на заводник од новата генерација во толку набиена дневна агенда?
„Уф, не знам. Навистина не знам што да одговорам на ова прашање. Не знам како изгледам од страна. Мило ми е ако е така, ха,ха“.
Годинава имаше успешен концерт во салата „Борис Трајковски“, ја сними серијата „Од денес за утре“, постојано промовираш спотови, песни, ДВД-ија... Дали 2010 е твојата најуспешна година или е само најава за она што доаѓа од Влатко Илиевски?
„Да, сигурно е дека е најуспешна досега, но си имам дадено задача секоја следна година да е барем 10 проценти поуспешна од претходната. Така и во следната 2011 - нема да застанам и нема да направам никаква пауза. Еве, да речеме дека 2010 беше најава за годините што следуваат“.
Кој е твојот репер на славата во Македонија - Тоше Проески или Игор Џамбазов?
„Кога ќе дојдеш до ниво да бидеш славен кај нас, си велиш: ’што ми требаше ова…како не се занимавав со некоја обична професија’. Јас се' уште не сум дошол до тоа ниво да го кажам тоа. Ме праша за двајца луѓе, кои најмногу ги почитувам. Може да се каже дека тие направиле најмногу кај нас во тоа што го работат. Секој би сакал да биде славен како Игор или како Тоше. Но, за тоа треба многу, многу работа“.
До каде догледуваат амбициите на Влатко Илиевски?
„Па…ако кажам до каде догледуваат, ќе кажат: ’овој откачил’. Никогаш не кажувам нешто што планирам пред да бидам многу сигурен дека ќе се оствари и ќе биде успешно. Сигурно дека догледуваат надвор од нашите граници, многу далеку... Но, еве, секој следен успех нека биде повод за повторно да направиме разговор“. |