Ивана Рожман
Од атлетската патека во став мирно
Нашата најдобра атлетичарка Ивана Рожман сега е доброволен војник во касарната во Велес и се подготвува за професионален војник во АРМ
Миодраг Мицковиќ
Не можевме да ја препознаеме во војничка, маскирна униформа, со капа и чизми, некако зацврстена, поцрнета од сонце по престојот во планината во зимски услови, вистински војник на АРМ. Ни трага од она нежно девојче, со спринтерки, спортскиот дрес што ја гледавме во атлетските патеки во Македонија, за која пишувавме по нејзините настапи на Олимпијадата во Пекинг, на Универзијадата во Белград, светските и европските првенства... Сепак, тоа беше таа, истата, нашата најдобра атлетичарка Ивана Рожман.
Сега во нова улога, доброволен војник, се подготвува во иднина, по настапот на Олимписките игри во Лондон, да стане професионален војник што е нејзина најголема желба.
„За многумина е изненадување мојата одлука да бидам доброволен војник, за извесно време да се збогувам со атлетската патека, со настапите на европската сцена, иако и тука во касарната и покрај многуте војнички обврски, имам можност да тренирам во време кое самата ќе го одредам, беа зборовите на Ивана Рожман со која разговаравме во касарната во Велес. За мојата одлука имав поддршка од родителите, од братот Ивица, кој, исто така, е професионален војник, со неа се согласи и мојот тренер Ѓорѓи Вучков. Мислам дека не погрешив, ова е убаво училиште за мене, не можев да верувам дека ќе ги издржам сите напори што ги носи војничкиот живот. Не ми беше тешко да станувам во шест часот наутро, да правам гимнастика, да трчам по овие ниски температури. Вистинско задоволство беше да се пука со автоматска пушка, ги издржав сите долги маршеви под полна војничка опрема што не е лесна. Тука во касарната заборавив на кафулиња, диско, на она време минато со моите другарки во Скопје, но морам да кажам дека тука во војска најдов многу пријателки. Ние десетина девојки сме како едно семејство, ништо не можеше да не' запре во совладувањето на војничките задачи и мислам дека од утре би можело да одговорам на сите задачи што ги носи еден професионален војник“.
Немаше зошто да не му веруваме на ова храбро и издржливо девојче, како на нејзе, така и на нејзините сегашни колешки. За тоа потврдуваат и зборовите на нејзините старешини: потполковникот Трајанчо Петровски, поручникот Ферат Садат, наредникот Љупчо Стојков, кои се согласуваат дека сите овие девојки, на чело со Ивана Рожман ги издржаа сите напори рамо до рамо со машките, немаа никаков попуст или привилегија тоа што се девојки и како што самите велат, можат веднаш да се вклучат во активниот состав на АРМ. Толку се подготвени и индивидуално и стручно. Тие се сега вистински војници.
Какви се Вашите планови по завршувањето на обуката во Велес, професионален војник веднаш или подготовки за новата атлетска сезона?
„Мојата желба е да настапам на Олимписките игри во Лондон, годинава на Универзијадата во Кина, Светското првенство во Јужна Кореја, Европ��кото во Острава, Европскиот куп во Рејкјавик. Потребно е добро да се подготвам, да обезбедам норма за Лондон. Веќе се договоривме со мојот тренер Ѓорѓи Вучков за програмата околу подготовките, но секогаш постојат големи проблеми, финансиските средства. Морам да кажам дека немам којзнае какви услови за тренинг во Скопје. Каде да тренирам? Во касарната во Велес имав каде да се соблечам, да се истуширам по едночасовен тренинг што го имав на располагање, бидејќи обврските беа големи. Во Скопје ќе тренирам на руинираната патека на арената ’Филип Втори‘, заедно со моите клупски другари ќе се соблекуваме и облекуваме на дел од трибината бидејќи таму немаме никаква просторија,за топол туш и да не говориме. Ќе морам да трчам наоблечена, со капа, шалче, ракавици на овој студ кога ќе тренирам од јануари во Скопје.
Веќе подолго време немам спонзор, не добивам повеќе ниту стипендија од Агенцијата за млади и спорт, ја добивав до 19 години, сега сум ’стара‘ со 22 години и не ми следува без оглед што сум во моментот, а и веќе подолго време најдобра атлетичарка во Македонија. Единствено добивам стипендија од мојот клуб ’7 Мај‘ во износ од 3.000 денари и тоа е се', за дополнителна исхрана, за витамини, за автобус до ’Филип Втори‘. Разочарана сум и од односот на Атлетската федерација, таа воопшто не ме следи, како да не е заинтересирана за мене“.
Ивана Рожман е неприкосновена на атлетската патека на 100 и 200 м во Македонија. Никој ја нема победено од домашните атлетичарки во изминатите четири години, ни во младинска ниту во сениорска конкуренција. Тоа најдобро покажува за квалитетите на ова младо и амбициозно девојче, вистински вљубеник во атлетиката, која е и семејна традиција бидејќи мајка и' Славица беше исто така во свое време одлична спринтерка, татко и' е меѓу најдобрите во скок во далечина.
„Јас не барам многу, само барам минимални услови за тренинг да не морам со моите клупски колешки да чистиме снег од патеката на „Филип Втори“ за да тренираме, и тоа на патека полна со дупки каде на секој чекор ни' се закануваат повреди. И малку поголема заинтересираност на сите оние кои ја сакаат атлетиката која како да умира во нашата држава иако има многу таленти и вистински вљубеници во овој спорт. За овие години имав само еден спонзор, клубот ’Атлета 2003‘ кој ми купува толку потребни витамини, ми дозволува бесплатно да вежбам во неговата сала со тегови, кои се, исто така, составен дел од атлетскиот тренинг. Но, тоа е малку за големи резултати и рекорди.“
Ивана Рожман е вегетаријанка, тоа уште повеќе ја усложнува нејзината исхрана, особено за напорни подготовки, настапи...
„Најмногу јадам разни салати, сирење, кашкавал, овошје, јас 18 години не сум јадела месо, но во последната година почнав да јадам само бело месо. Не пијам ниту млеко, најмногу чисти и свежи сокови. Се разбира, плус витамини.“
Како се снаоѓате како вегетаријанка во војска?
„Ослабев десетина килограми за овие три месеци, не поради јадење, храната во касарна е мошне калорична, не јадев месо, но јадев се' друго што се подготвуваше во кујна каде секогаш во менито имаше по неколку јадења. Ослабев поради големите физички напори, што е нормално. И добро е што ослабев, сега сум некако лесна како пердув, кога во касарната, за време на тренинзите ќе ја соблечам униформата, чизмите, кога на грбот не ја чувствувам комплетната опрема, летам како ветер. Се' ми е полесно“.
Се разделивме од Ивана Рожман, со традиционалната војничка наредба: Ивана, на место слободно и многу успеси во новата сезона на атлетската патека и поголема грижа за тебе, атлетскиот бисер во нашата држава. |