Број 3638  сабота, 23 јули 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Насловна








Site Meter

Интервју: Јагода Михајловска-Георгиева

Живот како игротека

Јагода Михајловска-Георгиева, писателка и новинарка, зборува во ова интервју за (не)случајности, причинско-последични врски и за нејзините хималајски искушенија

Валентина Тодоровска

За пишувањето се вели дека е занает, совладување техники, нешто како пливање, или нуркање, многу често, по интуиција и без опрема. Сепак, да се имаат зборови за војска што ја пуштате да ги совлада немирите и да ги надитри струењата е навистина божја работа.

Нашата соговорничка, писателката и новинарка (уредничка во ТВ Телма) Јагода Михајловска-Георгиева е особена жена. Како знам? Поради силата со која ги кроти зборовите и поради слободата отворено да прозбори за „искачување на внатрешните врвови и слегување во внатрешните бездни“.



Секогаш се најтешки почетоците - неизвесност од тоа колку и дали ќе трае, од процена и судот на луѓето... Што Ви претставувало реално пречка пред секој нов предизвик, искушение?

„Е, не се најтешки. Кој вели?! Дури напротив. Јас сум „фан“ на оној стих „Мене ми е секогаш најдраг почетокот“ од една песна на Арсен Дедиќ. А, зарем знае некој колку и дали нешто ќе трае? И штом веќе не знаеме, не вреди ни да се оптоваруваме. Ниту, пак, со судот и процената на другите. Колку тоа заморува! Но, зошто пречка пред секој нов предизвик и искушение? Зарем не е возбудата и радоста од „влегувањето“ во новото, најприродното можно чувство?“



Чувате ли вештачко цвеќе ? Има ли тој кич-симбол можност да не' заштити од она дека секое траење има свој крај...

„Не чувам вештачко цвеќе. Ни тоа ни што било друго не може да не' ’утеши‘ дека постои нешто што нема свој крај. Освен верувањето во постоењето на Вечноста ’од другата страна на овој живот‘. Блазе му кој верува без ронка сомнеж. Посакувам и мене да ми успее“.



Велат, се' што ни се случува има причина, ги повикуваме или тие нешта доаѓаат за да не' зацврстат, да научиме, небаре треба да остариме како супермени? Кога Вие најмногу и вистински станавте возрасна?

„Од оние сум убедените дека ништо не е случајно, сеедно дали повикувајќи ги или само пресретнувајќи ги нештата што ни се дадени за да ги учиме и суперменски да билдаме знаења и умеења. Ми се допаѓа да ги истражувам и одгатнувам причинско-последичните односи и врски во мојот живот и во животите на другите. Возбудливо е. Има некаква недофатна мистерија во сето тоа. Често пати е многу забавно. Неретко и утешително. Во секој случај, повеќе корисно отколку штетно. А, и „наградата“ не е за потценување: да се остари како Супермен! Добро звучи.

Што се однесува до мене, вистински станав возрасна, а тоа „во мој превод“ значи - одговорна и будна во однос на себе, а најмногу кон другите откако бев на Хималаите. Но, истовремено, исто така, сосема сум свесна дека резултатите од испитот на зрелоста секој миг ми се на проверка и дека секогаш одново и одново полагам. Како и во секое училиште, ако положам - одам напред, ако паднам - ја повторувам материјата, учам, учам...“



Пишувањето за некого е можност да се избега од себе си. Кај Вас?

Имаат ли Вашите книги многу од Вашите животи?

„Какво бегање! Сигурна сум дека секој што пишува почувствувал дека пишувајќи стасува најблиску до себе, без оглед за која тема се нафатил, какви ликови избрал, какви случки. Се разбира дека моите книги се ’откорнати‘ од мојот живот, некогаш најдиректно, некогаш индиректно, преку туѓи животи и судбини, но, секогаш, без исклучок, поминати се низ моето внатре, низ моето себе“.



Колку Ви беше тешко создавањето на „Индиго Бомбај“? Мислам со интимната приказна што ја доживувате со сестра ви Ана, со неможноста да се пресретнат некои работи? Дали кога ќе ја разбереме причината за тагата, таа престанува да биде страдање?

„Соживотот со ’Индиго Бомбај‘ ми беше многу тежок и истовремено неискажливо прекрасен. Минував низ катарзични бури. Се кршев и се пресоздавав. Потонував и испливував. Плачев и се смеев. Боледував и оздравував. Понекогаш си велев, изгледа полудувам, ова не е нормална состојба. На тагата и' ’цртав нов лик‘. Ја премостував со помош на зборови што водат од другата нејзина страна – од прифаќање, успокојување, утеха, радост... се' до восхит. Дали притоа таа престана да биде страдање!? Не сум сигурна, но барем престана отровно да боли“.



Што може да Ви измами насмевка? Дали сте отворени за нови луѓе и одите ли секогаш на „препознавање“? Во таков случај, Вие сте окружени со луѓето со слична енергија и мисла, па немате непријатни изненадувања?

„Насмевката ми е омилено средство за остварување на мојата цел: живот како игротека. Буквално се' може да ми ја измами. Лесна сум на насмевки. Исто така, и на препознавања. Какви драгоцености, какви волшепства се препознавањата на другиот, на себеси во него, на него во себе! А, особено на новите луѓе, кои само во еден единствен миг, откако ќе ги препознаеме, ни стануваат отсекогаш и засекогаш блиски. Се разбира, тоа не значи дека со ’препознатите‘ не можат да се случат и непријатни изненадувања. Па, ние и самите од себе толку често сме непријатно изненадени, а не, пак од другите. Но, зарем тоа треба да не' обесхрабри и да не' спречи да сме отворени за се' ново и за секој нов?“

Како е да се биде мајка на две возрасни деца? Имате ли некогаш чувство дека денешните млади луѓе одговорно го разбираат светот? И дека, всушност, Вие сте нивното дете?

„Да се биде мајка на деца како Гордан и Бистра, значи да се имаат крај себе најсаканите сопатници и најблиските пријатели во животот. Во многу нешта веќе ја надминуваат нашата возраст, мојата и на маж ми, зашто далеку гледаат и одговорно чекорат напред, со нозете цврсто на земја, а со главата високо кон небото. И да... во право сте, често имам чувство дека, всушност, јас сум нивно дете... чудно чувство, што ме прави на необичен начин задоволна што е така“.



Остана ли една Јагода, таму на некој од врвовите на Хималаи? Можеби онаа што собира каменчиња, ги распознава ликовите во ѕвездите, истата таа што ќе Ве натера повторно да се вратите? Имате ли страв пак да тргнете во некоја таква приказна, во едно такво катарзично прочистување?

„Каде и да одам, секогаш имам чувство дека по враќањето, еден дел од мене останал таму кај што сум била. Тоа не го доживувам како губење на себеси, туку како еден вид размножување. Од се' срце си посакувам уште многу приказни со катарзични прочистувања и уште многу Јагоди „расеани низ светот“.



Колку Хималаите навистина Ви се случија ?

„Понекогаш сум сигурна, а понекогаш одвај ми успева да си поверувам дека Хималаите навистина ми се случија, но на начинот на кој ги доживеав, не како планинарење, туку како искачување на моите лични, внатрешни врвови и слегување во внатрешните бездни“.



По враќањето... Колку Ви требаше да се вратите во нормален живот? Или колку дотогашниот живот беше само подготовка за да се случи - вистинското?

„А, кој вели дека сум се вратила во нормален живот? И, впрочем, што е нормално? А, кое е вистинското? Според какви и чии критериуми може да се утврди тоа? Постои ли општоприфатена дефиниција? Има ли модел?



Како знаете каде ќе одите? Се сонува ли тоа, се претчувствува ли? Што сонувате сега?

„Си го слушам внатрешниот глас. Се' додека шепоти, спокојна сум. Ама кога ќе се стори повик! Тогаш е нешто слично на нескротлив копнеж, а не е. На беспоговорна наредба, а не е ни тоа. Не признава и не прифаќа колебање. Бара да го следам... Сонувам да летам. И штом веќе не можам да бидам орел, птицата на која и' се поклонувам како на божество поради слободата што ја поседува, посакувам да летам со параглајдер. Ќе рече некој, сон, до баналност лесно остварлив, нели? Ама не е така. Најтежок е патот до одлуката. На мојот пат за остварување на тој сон се' уште стои спрепнувачка доза страв. А, со страв не се донесуваат одлуки, тоа ми е толку пати досега проверено и потврдено“.



Читањето и пишувањето ги оставив за самиот крај, за повторно да биде почеток. Што читате моментално? И - што пишувате?

„Пишувам кратки раскази, привршувајќи ја збирката што треба наскоро да се појави во издание на ’Три‘, издавачот и на моите два претходни романа. Паралелно му го ’чистам патот‘ на новиот роман, кој е длабоко вжителен во мене веќе седум месеци и оттаму, од најдлабокото, не ми дава мира. А, читам две книги. Романот ’Ноќниот воз за Лисабон‘ од Паскал Мерсие, на кој писателски му заблазнувам поради свежината и оригиналноста на неговиот стил и јазик, и читајќи, често дури и на глас, воскликнувам – браво, мајстор си! И дебитантската збирка раскази ’Зрнца од синап‘, на јеромонах Филип од манастирот во Зрзе, новороден, восхитувачки талентиран, млад писател. Ме плени едноставноста, мудроста и кротоста со која како со жив печат во мене ги втиснува сликите, ликовите и нештата од еден свет, толку навидум далечен од нашиот, а толку ист во ’изворот‘: од болка до радост, од тага до вознес, од страв до прифаќање, од тревожност до спокојство, од скршеност до исцелување, од паѓање до извишување. Му посакувам да биде ’незаситен пишувач‘, зашто сум сигурна дека допрва авторски доаѓа“.


#
Статијата е прочитана 4707 пати.

Испрати коментар

Од: berlin
��атум: 23.07.2011 19:17:00
Ubavo intervju! Profesionalno i kreativno sraboteno. Lesno za citanje, otvoreno za razmisluvanje. pozdrav do avtorkata s.
Од: Janakiev Nikola
Датум: 24.07.2011 07:37:28
24.7.2011god. Gos.Vlentina itervju za pozdrav.Mi se sviga Blaze mu koj veruva bez ronka somnez.Site Makedonci mozeme da go razbereme.Site sigi sakame svojte deca.Tova ne e nisto. Da gi sakame decata na roditeli sto go sakat BIJBIJO SLAVEJO.
Од: Cvet
Датум: 24.07.2011 15:44:55
I se voshituvam na zena kako Jagoda! Taa e tolku prirodna i nasmeana, ama bas sekogas nasmeana kako sto i sama kazala - zivot kako igroteka!

Најди! во Утрински
Насловна
Притворен скопјанец поради полов напад врз шест деца
Антимакедонската резолуција помина во Вашингтон
Осудените на доживотна бараат „хашка милост“
Од сабота до сабота
На Стоби под вршник се конзервира IV век
Оптимизмот во здравството
Ејми Вајнхаус пронајдена мртва во нејзиниот дом
Парламентарци и парламентарки и понекоја свадба
Нема веќе аџилак на гробот на Рудолф Хес
Нови денови за востание во костими
Лажно поевтинување
Најмалку 92 лица загинаа во нападите во Норвешка
Појадок кај „Пастел“
Телевизија за дами и повторувачи
Бања Лука очекува нова рок-енергија на „Демофест“
Светот ги осуди нападите во Осло
Вистинска Андроид сензација!
Простено „Непроштено“
Од недела нестабилно време со дожд и грмежи
Дерегулација на регулаторот
„Дечки, имам проблем!“
Аутизам-генерација
Малкумина и се израдуваа на новата цена на зелениот картон

"""