Саботни муабети
„Дечки, имам проблем!“
Огнен Јанески
Порано ми беше многу чудно, наивно и многу смешно кога младите праќаа писма во магазинот „Наш свет“ со содржина: „Синоќа се бакнував со перницата. Дали сум трудна?” или „Имав односи со тушот. Страв ми е дека сум бремена!“
Но, од денешна дистанца, ми се чинат толку нормални, вистински и едноставни тинејџерски прашања.
Зошто? Затоа што кога неделава, по сосема голема случајност (како појава „случајноста“ ми е најдобар пријател) налетав преку социјалните мрежи на интернет-страницата www.glamstick.mk, што ќе видам - што ќе се запустам. Жими очичкиве (кои и не ми се баш мали), прочитав работи што ме загрижија. Имено, оваа интернет-страница им овозможува на нашите тинејџерки (најчесто до 17 години) да си даваат совети за „секс, пиво и Бруно Марс“, да си разменуваат мислења за најновиот розов лак на ноктенцата, како и да си ги „испукаат” фрустрациите за тоа дека татковците не им купувале „мобилни телефони со убави апликации за да бидат вистински срцулиња!”. СРЦКИ! Гревчиња! З’атички! Цуфцу’иња!
БЉАК! Не знаете колку ми беше подобро, додека не ги знаев овие нешта. Патем, иако страницата (земена по лиценца на странски портал) е означена како “Гирл Талк”, јас не можев да ја избегнам, што од пуста машка љубопитност, што од тоа дека сите „исповеди” беа експлицитно пренесувани по „Фејсбук“, „Твитер“ и разни други социјални чудесии. Ќе наведам сако кус пример од една „чупа”, насловен како „Меден секс” (кој се разликува во ОГРОМНА МЕРКА од оние во „Наш свет”!):
„Дечки, ми треба вашата помош! Значи, вакааа... имам 16 год. и дечко ми исто така.. идеме веќе 2 години и многу си се сакаме... вчера бевме излезени со друштво и целиот беше така напален и ме гледаше чудно... цело време ме драпаше... беше после полноќ кога стигнавме кај него (сам е неговите се на одмор јееј!) почна да ме соблака и ме драпаше многу силно дури почна и да ме боли малце... се соблекофме и ми рече дека спремил нешто.. и донесе шлаг и мед.......шлагот му го ставиф...”
…И тука ќе застанам, зашто културата за комуникација со јавноста не ми дозволува да одам понатаму, а сепак, ова не е магазин ’Плејбој‘ за да ви дораскажам. Детали имате, проверете си ги. Само можам да ви кажам дека „свршетокот“ на приказната воопшто не е предвидлив како во „Бандини“, „Долина на волците“ или, пак, во „Лисјено...”.
Ова е македонска приказна на која и' треба помош. И на сите тие девојчиња кои се на таа интернет-страница им треба внимание од родител (барем еден!), зашто нивниот развиток може да ги одведе во сосема погрешен правец. Со глобализацијата, како и капитализмот, родителите се' повеќе ја „бркаат“ кариерата отколку воспитанието на своите деца. Но, да не се занесуваме - ова е најчеста приказна во западниот свет.
Кај нас, приказната за непосветено внимание и време за воспитување се одразува поради „бркањето кокошки” и „копањето кашкавал”, поради (се разбира, како и секогаш) Нејзиното Гинисово височество во државата Македонија – транзицијата. Родителите бараат можност за врзување јазли на излитени ортоми за да преживеат, а децата во меѓувреме се едуцираат меѓу себе.
Порано тоа се правеше на улица - па мал беше кругот во кој можевме да се стокмиме со „улично“ образование (кое е и доста корисно), но денес? Денес тинејџерите, младите, постарите, средовечните - се дообразуваат како форумџии, „изметојадци”, гласноговорници на се' и сешто и најчесто неповикани (а порано, нели, неповикано зборуваше само магарето). Денес, младата македонска гарда, која е и полуписмена (што ме вади од такт, поради пишувањето „ф“ наместо „в“ и разни други неписмени конструкции), која е некултурна и се однесува како во орда, се дообразува на интернет. Тоа воопшто не е лошо (да не се разбереме погрешно), но само доколку тоа биде претходно добро потковано со морал и етика (кои ќе направат дистинкција на добро и лошо). Во спротивно, постои можност на компјутерите и интернет-страниците за забрана на она за што родителите сметаат дека не е добро за годините на нивните деца.
Но, мене ми останува прашањето - кој им става забрана на родителите?
|