Мислења
Аутизам-генерација
Д-р Ален Франсес
Најверојатната причина за епидемијата на аутизам е тoа што стана модерна болест – популарна каприц-дијагноза
До не така одамна аутизмот беше меѓу најретките болести, погодувајќи само едно на секои 2.000-5.000 деца. Ова драматично се смени со објавувањето во 1994 година на ДСМ IV (прирачник за психијатриска дијагноза што во голема мера се користи низ светот). Набрзо, бројките експлодираа на околу едно на 100. И едно големо истражување спроведено во Јужна Кореја неодамна информираше за дополнителен скок од едно на 38 – запрепастувачки 3% од населението беше обележано како аутистичко. Што ја предизвикува оваа епидемија и каде се движиме?
Природна реакција на секоја несреќа е паниката. Родителите сега се исплашени дека секое доцнење во говорот или социјализацијата е предзнак за аутизам. Бездетните двојки одлучуваат да немаат деца. Родителите со аутистички деца се напуштени и очајни да ја утврдат причината за тоа.
Теоријата за вакцина на британскиот лекар Ендрју Вејкфилд стана многу популарна меѓу родителите, многумина од нив почнаа да ја одложуваа вакцинацијата (на тој начин подложувајќи ги сопствените и другите деца на ризик од целосно излечливи, понекогаш сериозни, болести). Вакцинацијата изгледаше како прифатлива причина поради случајната колерација меѓу добивањето инјекција и почетокот на симптомите. Трудот на Вејкфилд е детаљно дискредитиран како неточна и несовесна наука. Но, стравот од аутизам е толку голем, а реакциите на тоа се толку ирационални, така што во некои кругови Вејкфилд продолжува да биде почитуван како лажен пророк.
Зад остриот раст во дијагностицирањето мора да има други фактори. Пред ДСМ IV, аутизмот беше меѓу најограничено и најјасно дефинираните болести. Симптомите треба да почнат пред тригодишна возраст и опфаќаат забележлива и непогрешлива комбинација на сериозни недостатоци во говорот, неспособност да се формираат социјални односи и преокупација со многу мала серија од стереотипни однесувања. Во подготвувањето на ДСМ IV одлучивме да додадеме нова категорија, опишувајќи поблага (и со тоа многу потешка за дефинирање и издвојување) форма за аутизам, наречена Аспергеров синдром. Ова изгледаше неопходно бидејќи некои (иако многу ретко) деца се надарени со, повеќе или помалку, нормален развој на говорот, но со сериозни социјални и тешкотии со однесувањето. Знаеме дека Аспергеровиот синдром, најверојатно, тројно ќе ја зголеми бројката на аутистички заболувања на околу едно на 500-1.000, но ова не ја објаснува новата стапка од еден на 38.
Второ можно објаснување за експлозијата на аутизам е тоа што претходно пропуштените случаи сега поточно се дијагностицираат. Ова, веројатно, е фактор, но повторно само еден минорен.
Тогаш, можеби, токсините од опкружувањето ја предизвикуваат појавата на епидемија на аутизам. Ова е најпопуларна теорија, но и таа, исто така, е мал фактор, во најдобар случај. Немаше некои нагли еколошки промени од 1994 година, што би и' се припишале на експлозијата на бројот на заболени. Ова во целост не го негира еколошкиот вектор, но тоа ги прави шансите многу далечни – особено откако има значително поприфатливи објаснувања.
Најверојатната причина за епидемијата на аутизам е тоа што аутизмот стана модерен – популарна каприц-дијагноза. Некогаш ретко и непогрешливо, денес терминот слободно се користи за да се опишат луѓето што не ги задоволуваат тесните критериуми одредени за тоа од ДСМ IV. Аутизмот сега фрла голема мрежа, фаќајќи ги многу поблагите проблеми што претходно минуваа недијагностицирано или им беа давани други имиња. Аутизмот повеќе не се гледа како екстремно онеспособувачка состојба и многу креативни и нормално ексцентрични луѓе го открија своето внатрешно аутистичко јас.
Оваа драматична промена од недијагностицирање во предијагностицирање е поттикната од распространетиот публицитет, интернет-поддршката и групите за поддршка, како и фактот дека скапото школување е обезбедено само за оние што добиле таква дијагноза. На пример, корејската студија беше финансирана од група за поддршка на заболените од аутизам, која едвај можеше да го задржи својот ентузијазам на високо ниво, како што беше посочено.
Корејската студија не обрна внимание на предрасудите што ги следат сите епидемиолошки студии, кои секогаш ги преценуваат патолошките стапки со вклучување како болест, дури и на многу поблаги презентации што немаат клиничко значење. Сосема е разумно дека 3% од населението имаат некаква трошка од аутизам, но целосно е неверојатно дека толку многу би имале симптоми доволно сериозни за да се квалификуваат како аутистичко нарушување. На пријавените бројки треба да се гледа како на горна граница, а не како на вистинска рефлексија на бројката на реални ментални заболувања.
Човечката природа, невролошките болести и психијатриските нарушувања многу бавно се менуваат, ако воопшто се менуваат. Токсините од средината вообичаено не се појавуваат ненадејно од никаде за да создадат услови 100 пати повообичаени отколку што тоа беше случај пред помалку од 20 години. Многу поверојатно сценарио е дека ДСМ IV му дава на аутизмот цврста подлога, со претставување поблага форма што е поблизу до екстремно пренаселените граници на нормалноста. Тогаш аутизмот полета на крилјата на ширењето на дефиницијата, интернет-заразата, финансиските мотиви и наивната интерпретација на епидемиолошките резултати.
„Епидемијата“ на аутизам е на прагот дополнително да се прошири почнувајќи од мај 2013 година, кога ќе биде објавена ревизијата на дијагностичкиот прирачник (ДСМ V). Дефиницијата од ДСМ V за „аутистички спектар“ ќе фрли уште поширока мрежа, фаќајќи многу луѓе за кои сега се смета дека се нормални или имаат друга болест. Нивните симптоми нема да се променат – само името.
(Авторот е претседавач на работното тело на ДСМ IV и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од м��ежата на „Проект синдикејт“ )
|