Технологија
РЕЦЕНЗИЈА - HTC Sensation
Вистинска Андроид сензација!
Sensation e смартфон на кој тешко може му да се пронајде некој поголем недостаток. Се работи за модерен миникомпјутер со огромен екран од 4,3-инчи, кој работи на дуал-кор процесор со работен такт од 1,2 Ghz
Вистинската сензација од HTC работи на такт од 1,2 гигахерци и има огромен 4,3-инчен екран. Дизајнот на Sensation е традиционален за тајванскиот производител HTC. Со изгледот потсетува на речиси сите понови модели - на предната страна на уредот доминира огромен дисплеј, а под него се сместени четири капацитативни „Андроид“ копчиња. Над екранот место најдоа еден голем звучник, сензор за осветлување и камера за видеоповици.
На левата страна се наоѓа копче за промена на гласноста, а под ова копче се наоѓа и micro USB влез за полнење, односно синхронизација на податоците. Задната страна е резервирана за камерата, двојниот LED блиц и звучник. Општо, Sensation e прилично коректно изработен, а пластиката и алуминиумот што се користени ни се чинат доволно цврсти и квалитетни.
Технологијата на изработка на екранот е S-LCD, за разлика од AMOLED кај останатите топ HTC модели, со резолуција од 960х540 пиксели. Поголема резолуција има само iPhone 4 и неговиот Retina Display (960х640), кој се разбира има и поголема густина на приказ, со оглед дека се работи за 3,5-инчен екран, наспроти овој 4,3-инчен.
Sensation доаѓа со најновата верзија на „Андроид 2.3.3“, а освен тоа, HTC се погрижи и за најновата верзија на с��ојот интерфејс HTC Sense, кој стигна до бројката 3.0. Главната новост е наполно променетиот екран на заклучување. Сега на него е можно да се поставуваат виџети, а и останатите информации за уредот. Освен тоа, HTC малку и го разубави интерфејсот, па така сега и виџетот за време има 3-Д изглед, а 3-Д е присутно и во анимациите при промените на почетните екрани. HTC watch е нова апликација, односно сервис што овозможува гледање филмови и ТВ-емисии директно на вашиот смартфон.
Во Senstaion се наоѓа двојадрен процесор што работи на 1,2 Ghz, а покрај главниот, достапен е и дополнителен графички процесор што би требало да помогне при играњето на графичките оптоварени игри. Со мобилниот доаѓа и 1 GB вградена меморија, од кои околу 700 MB му се достапни на корисникот за инсталација на апликациите или за сместување на податоците што се снимаат со камера. За жал, ова е главниот недостаток на овој модел и навистина не е јасно зошто HTC не успеал да ја зголеми интерната меморија.
За среќа, производителот на штедел на RAM меморијата, па така Sensation има 768 MB RAM што е и повеќе од доволно за непречена работа на повеќе апликации во исто време. Во текот на тестирањето игравме Angru Birds, слушавме FM радио и во заднина ја оставивме Sygic мобилната навигација. Во секој момент можевме да се префрламе меѓу апликациите и секогаш остануваа на истото место каде што ги остававме пред да ги испратиме во заднина.
Траењето на батеријата е просечно. Во случај да ви се вклучени синхронизациите на мејловите, односно да имате константна конекција на 3G мрежата, мобилниот ќе морате да го полните секоја вечер. Ако овие работи се исклучени и просечно се разговара по еден час дневно, се испратат десетина СМС-пораки и се снимат неколку фотографии или видеоинсерти, батеријата може да трае еден и пол ден до максимум два. Ова и не е некое големо изненадување, со оглед на тоа дека се работи за миникомпјутер што има голем екран и дуал-кор процесор.
Музичкиот плеер е целосно променет од самиот производител HTC. Во долниот дел на плеерот се наоѓаат шест икони со чија помош може да се избираат артистот, албумите, песните или снимените плејлисти. Скролањето низ листите е доста брзо, а корисна работа е и тоа што на десната страна на листата се наоѓа квадратче, кое е можно да се повлече нагоре или надолу и брзо да се дојде до делот на листата, кој почнува со одредена буква.
На задната страна на смартфонот место најде и 8-мегапикселната камера со двоен LED блиц. Фотографирањето е можно само преку апликацијата за камера преку виртуелното копче на екранот, бидејќи на Sensation нема физичко копче за сликање. Интерфејсот на камерата е минималистички уреден, а исто така е можно да се приспособат сценските модови на снимање (автоматски, портрет, спорт, одблиску, снег, заоѓање на сонце и ноќно снимање). Можно е и да се контролира осветлувањето, контрастот, заситеноста и острината на фотографијата, што е реткост кај мобилните апарати. Снимените фотографии се со добар квалитет. Преку ден сликите се одлични, со јасно дефинирани бои и завидно количество детали. Во услови на слабо осветлување доаѓа до појава на шум и заматеност на фотографиите доколку раката не ни е мирна. Двојниот LED блиц помага во осветлувањето на сцените до приближно еден метар оддалеченост. Видеоснимањето, пак, е достапно во полна HD резолуција (1080p) при 30 фрејма во секунда и се покажа како одлично.
Sensation, секако може да се спои на Wi-Fi мрежи (освен b/g и на мрежи со n-стандардот), а поддржана е и 3G конекцијата, како и GPS навигацијата со поддршка за А-GPS. Интернет-пребарувачот во најновата верзија на „Андроид“, исто така, доби подобрување на брзината, која навистина е забележлива во отворањето на веб-страниците. Зумирањето со прсти работи беспрекорно, дури и на страниците што се богати со флеш содржини.
Sensation e смартфон на кој тешко може му да се пронајде некој поголем недостаток. Апсолутно се на него работи неверојатно исполирано и брзо, без било каков застој. Сурфањето на интерент е одлично, првенствено поради големиот екран, но и ултрабрзиот процесор, кој рендерирањето на страниците го изведува исклучително брзо. Мала забелешка има во траењето на батеријата, но и тоа е последица од силниот хардвер што се користи во Sensation. HTC Sensation
Модел на тест од Оператор „Вип“, www.vip.com.mk
Екран 4,3-инчи (960х540 пиксели)
Процесор Snapdragon дуал-кор 1,2 GHz
РАМ Меморија 768 MB RAM
Меморија за податоци 1 GB, 8 GB MicroSD
Камера 8 мегапиксели, HD видео снимање 1080p
3G/Wi-Fi/Bluetooth/USB да/да/да/да
Димензии и маса 126 x 65 x 11.3 мм, 148 грама
Батерија Li-Ion 1230 mAh
Оперативен систем Android 2.3.3 - Gingerbread
OS X Lion дебитираше со новите MacBook Air и Mac Mini
„Епл“ пред неколку дена ја пушти во продажба најновата верзија на својот оперативен систем Mac OS X Lion, а истовремено го освежи ултратениот преносник MacBook Air и минијатурниот десктоп компјутер Mac Mini.
Новиот оперативен систем најавен уште кон крајот на минатата година, донесува бројни подобрувања, вклучувајќи и нов начин на приказ на сето она што се случува на компјутерот наречен Mission Control, нови мултитач движења и гестови, редизајнирана апликација за мејл, ново место за вашите апликации – Launchpad (слично како кај iPad) и онлајн-продавницата на „Епл“ за апликации – Mac AppStore директно вграден во OS.
Тука е и брзото заминување во суспендирана состојба и враќање во иста состојба за само неколку секунди, едноставно поврзување со другите Mac компјутери наречено AirDrop, автоматско снимање на вашите документи, опцијата Versions и уште доста нови работи. OS X Lion е исклучиво достапен во Mac App Store по цена од 29,99 долари.
Интересно е дека „Епл“ сосема го отстрани од својата понуда пластичниот бел MacBook, а титулата најевтин Mac лаптоп сега ја носи малечкиот и ултратенок, 11,6-инчен MacBook Air, кој во најевтината варијанта чини 999 долари. И двата модела на MacBook Air (11 и 13-инчниот) добија апдејт - нова Sandy Bridge архитектура (Core i5 или i7 процесори со Интеловата интегрирана графика HD3000) и исклучиво флеш меморија, од 64 GB до максимални 256 GB. Новиот MacBook Air го доби и долгоочекуваниот Thunderbolt порт за периферно поврзување на повеќе уреди, а ја врати и опцијата осветлена тастатура.
„Епл“ исто така го претстави и новиот Mac Mini, кој повеќе нема оптички погон, но затоа доаѓа со Интеловите процесори i5 и i7, графичката картичка AMD Radeon HD 6630M со 256 MB меморија, ултрабрзиот Thunderbolt порт и можност за надградба на РАМ меморијата до 8 GB. И двете конфигурации имаат хард диск од 500 GB, со можност за надградба до 750, како и опција за внес на флеш меморија од 256 MB.
Иво Нешковиќ освои награда на меѓународен ИТ-натпревар
На меѓународната конференција за модерна уметност на софтвер што се одржа во Цирих од 21 до 23 јуни 2011, Иво Нешковиќ од Скопје, дипломиран стyдент на CITY College од Солун, освои една од трите награди за JAVA дебитанти. Настанот беше спонзориран од BMW и Lenovo, и на него учествуваа голем број кандидати.
Најдобрите JAVA програмери, програмерите на Microsoft и софтверските инженери беа присутни на натпреварот, за да ги разменат своите искуства и знаења за последните новости на полето на софтверот. Со преку 100 презентации од различни ИТ експерти ширум светот, Цирих за време на 3-дневната конференција, спонзорирана од Oracle, Microsoft, Credit Suisse, BMW и други, беше центар на програмерите ширум светот.
Иво го презентирал трудот што го изработил во 3-тата година од студиите на CITY College, под менторство на Dr George Eleftherakis, професор на одделот за компјутерски науки. Наградата ја освои со неговиот проект насловен како: ‘’Project Fox – алатка што овозможува автоматско тестирање, употребувајќи формален пристап‘’. Наградата што ја доби дипломецот Иво Нешковиќ, на една од најголемите меѓународни конференции на софтверско програмирање, за Сити колеџот кој е дел од Шефилд универзитетот е потврда за квалитетните процеси на образование.
„Навистина ми е драго што можев да го придружувам Иво на натпреварот и да уживам во неговиот триумф. Неговото достигнување уште еднаш ја потврдува извонредната работа на Сити колеџот. Искрено се радувам на успехот на Иво и на следните достигнувања на нашите студенти" изјави Dr George Eleftherakis, кој го придружуваше Иво во Цирих. |