Мислења
Дерегулација на регулаторот
Панче Наумов
Ако претседателот на СРД бил близок до СДСМ, зошто власта го остави да ја врши функцијата во изборната кампања
Откако ја објави, a подоцна и ја спроведе својата намера во дело преку собраниска процедура - со интервенција во Законот за радиодифузија да ја рекомпонира кадровската структура на Советот за радиодифузија, стана повеќе од јасно дека власта, генерално, не се раководи од идејата да ја штити регуларноста и да го одржува неопходниот баланс во рамки на политичкиот систем во кој медиумите имаат клучна улога. Напротив, нејзина цел е да го дестабилизира Советот за радиодифузија, да оствари контрола и влијание врз најмоќниот дел од јавниот комуникациски систем - радијата и телевизиите и, конечно, да ја проектира својата моќ и доминација во државата и во општеството на подолг рок.
Тој факт, всушност, најмногу загрижува. Еден од чекорите во таа насока беше чинот на дерегулација на регулаторот. Дали е можно тоа? Власта мисли - зошто не. Ако се знае дека во Македонија, според податоците на Советот за радиодифузија, работат вкупно 152 радија и телевизии (78 телевизии и 74 радија), од кои 19 телевизии имаат дозвола да емитуваат програма на национално ниво, независно од платформата на емитување, тогаш станува уште појасно врз основа на што е изградена стратегијата за освојување на ова регулаторно тело.
Ако намерите на власта беа јасни, се поставува прашањето кој можеше да го одбрани Советот за радиодифузија од нејзините напади?
Опозицијата, како што се покажа, не може да се вброи во тие бранители. Таа е исклучително слаба, немоќна и непродуктивна, го нема потребниот авторитет во општеството, носи хипотеки од минатото и, конечно, не е способна да ги реши проблемите во сопствениот двор, а не, пак, да ја спасува македонската демократија од обидот на власта да ги стави медиумите под своја контрола. Таа огромна празнина во политичката арена, како што покажува и овој пример, власта безмилосно ја користи во своја полза. Од друга страна, цивилниот сектор е доволно проскрибиран, но и компромитиран за да нема ефикасно влијание врз некои витални процеси во општеството.
Што им останува на медиумите? Каде да бараат заштита и потпора за остварување на својата во основа демократска мисија? Кај меѓународниот фактор? Да, но тоа, како што покажува досегашното искуство, не е доволно. Меѓународниот фактор, колку и да звучи необично, не е семоќен, некогаш има, но многу често нема влијание и ефикасна контрола врз некои несоодветни одлуки на нашата власт. И што да прават медиумите во таква ситуација? Ништо, најчесто се приклонуваат кон власта. А Советот за радиодифузија? Тој ќе ја доживее судбината што веќе му е одредена, со напомена дека за неа делумно има и сопствена вина.
Парламентарното мнозинство во својата аргументација истакна две, според нив, клучни работи. Прво,блискоста на претседателот на СРД до Социјалдемократскиот сојуз и, второ, неефикасноста и нетранспарентноста во работењето на ова регулаторно тело. Политичките партии многу често знаат да искористат нечија блискост до некоја конкурентска партија, никако не ја спомнуваат блискоста до нивната партија како аргумент кога имаат намера да дискредитираат одредена институција или личност. Тој аргумент е обична манипулација. Во нашата држава ретко ќе најдете човек што не е близок до некоја партија. Јас лично познавам неколку истакнати лица што некогаш беа во редовите на СДСМ, а сега имаат или имаа значајни функции во оваа власт. Важно е да се оценува нивната работа, а не сегашната или поранешна блискост до некоја партија.
Ако мене ме праша некој, јас можам да сведочам дека претседателот на Советот за радиодифузија не е посебно близок до некоја партија. Социјалдемократскиот сојуз непотребно и многу наивно ја проголта оваа јадица и си создаде неверојатен проблем во врска со радиодифузијата. Наместо да го брани интегритетот на целиот орган, оваа партија се определи да го брани неговиот претседател со што им даде ветер во грбот на нападите на власта. Претседателот на СРД е само еден меѓу еднаквите, тој не е Советот. Оваа дилема, за жал, не ја разбраа ниту некои еминентни членови на СРД, со што придонесоа ова тело целосно да не функционира како колективен орган и врз основа на тоа да работи до крај транспарентно како што пропишува законот. Дојде време кога претерано експонираната позиција на претседателот му се обеси на Советот како голем камен околу неговиот врат. Власта со право ја избра оваа, можеби, најслаба точка во работата на Советот и вешто ја стави во употреба кога за тоа направи соодветна процена. Инсистирањето на лидерскиот модел на управување во која било институција или орган, па така и во Советот може да произведе само еден ефект - другите членови да се пасивизираат или да се маргинализираат. И што се случува тогаш, институцијата како колективно тело ја задржува и сноси јавната одговорност за сите одлуки што ги носи, иако сите негови членови немаат можност да учествуваат рамноправно во сите фази од нивната подготовка.
Од друга страна, претседателот на Советот за радиодифузија, според моите сознанија, има одлична, би се рекло непречена комуникација и исто таква соработка по многу важни прашања од делокругот на регулаторната политика со Миле Јанакиески, надлежниот министер за дејноста на Советот.
Ако се има предвид сето тоа мислам дека е неопходно да се постави следното прашање - ако претседателот на СРД бил близок до СДСМ зошто власта го остави да ја врши функцијата во предизборната кампања, во период кој сите партии го сметаат како денот Д. Особено ако се знаат ингеренциите на Советот во поглед на контролата врз електронските медиуми.
Мене навистина не ми е јасно зошто власта, за која сум убеден дека студиозно ги подготвува сите свои потези, ризикуваше да влезе во изборна трка ако знаеше дека на една многу битна позиција има сомнителна фигура што поради својот партиски бекграунд може евентуално да и' нанесе непроценлива штета во клучниот момент каков што се изборите. И откако сето тоа заврши се реши да преземе акција на која деновиве бевме сведоци.
(Авторот е поранешен член
на Советот за радиодифузија) |