Поглед
Лажно поевтинување
Соња Маџовска
Зелениот картон ќе биде поевтин. Но, ако сакаме да патуваме во странство, ќе мораме да платиме единствена цена од 60 евра за цела година, а не меѓу 40 и 160 евра, како што беше досега. Ќе нема веќе опција зелен картон за еден, три, или за шест месеци, кои беа и поевтини. Најчесто македонските граѓани купуваа токму таква зелена карта за еден месец, која се' уште чини 2.450 денари.
Ова ново решение ќе биде исплатливо само за транспортерите и за мал број граѓани што купуваат картон за цела година, кој сега чини 9.840 денари. Тие ќе плаќаат дури 100 евра помалку.
Добрата вест е што ќе поевтини зелениот картон наесен. Лошата е што граѓаните ќе немаат избор и што најверојатно ќе поскапи и регистрацијата на возилата. Најстрашно ќе биде ако при регистрацијата ќе мора да се платат на гладно срце уште плус 60 евра за зелен картон, а можеби никогаш автомобилот нема да излезе надвор од земјава.
Работата излезе, еве ви го предизборно поевтинување, па на кого му одговара - нека повели. Новата Влада ќе ја разгледува оваа опција на првата седница, некаде во август, а таа би стапила во сила од септември, евентуално октомври.
По се' изгледа, од ова решение најмногу ќе се офајдат, сепак, само осигурителните компании. Додека нашата Влада две години преговара со осигурителниот бизнис и на крај ја спушти навидум цената на значајни 60 евра, Србите веќе го укинаа зелениот картон. Тој таму чини 0 динари. Граѓаните коментираат, ако власта не може математички да се надитрува со осигурителните компании, нека распише тендер за консултант.
Чекајќи ја новата опција за зелен картон од 60 евра, и летово ќе се возиме во странство по стара цена. Оваа вест сега е подобра од онаа дека картонот ќе поевтини. |