ЕВРОПА - БАЛКАН
Загубена деценија
Иван Торов
Сите се согласуваат дека 5 октомври 2000 година во Србија не беше никаква револуција, уште помалку реформистичко-демократски пресврт
БЕЛГРАД - Младиот техничар во локалната телевизија во Лесковац Иван Новковиќ беше вистински симбол на отпорот на режимот на Слободан Милошевиќ. Во јули 1999 година, веднаш по престанувањето на бомбардирањето на Србија, се заклучи во студиото и преку малите екрани го повика народот на бунт. Граѓаните го послушаа, еден и пол месец „шетаа“ по улиците, а самиот Новковиќ заврши в затвор.
Денес, 11 години од настанот што го обиколи светот, и точно 10 години од 5 октомври и соборувањето од власта на Слободан Милошевиќ, Новковиќ резигнирано вели дека не се покајал што го направил тоа, но по се' му е жал што како и десетици илјади млади луѓе не ја напуштил Србија. Една деценија подоцна се чувствува измамен и изневерен не само поради фактот дека таканаречените демократски сили, кои го заменија Милошевиќ, во таа деценија не исполнија ништо позначајно од она што го ветија на 5 октомври 2000 година, туку и затоа што Србија во меѓувреме, со волјата на нејзините политички и тајкунски моќници, стана земја на „хармонија и помирување“, што е друг назив, всушност, за изостанок на лустрација и одговорност за трагичниот период на Србија и нејзиното опкружување, за запрепастувачката рехабилитација на политичката гарнитура на Милошевиќ и системот на вредности, изедначување на жртвите и џелатите. Тој горчлив вкус на Новковиќ го дели и пошироката српска јавност, која е уверена дека нема што да се слави и која дури во 80 проценти (најново ис��ражување на јавното мислење) смета дека 5 октомври не им го направил животот поквалитетен и полесен и дека „во времето на Тито и социјализмот било неспоредливо подобро“.
Без разлика колку било невообичаено, Србија, сепак, не слави десетгодишнина од заминувањето на Слободан Милошевиќ. Барем не помпезно, како што би било логично во некои поинакви околности. Колку поради уверувањето дека тоа беше деценија која ја „изедоа скакулци“, толку и поради депремирачкиот факт дека тој таканаречен дипломатски политички блок, кој го изведе 5 октомври, во меѓувреме се распадна препуштајќи го просторот токму на оние сили на кои им беше и им остана цел Милошевиќевото време на автократија и диктатура да не замине во заборав, односно неговите најбитни вредности по секоја цена да се сочуваат. А што велат обичните граѓани: не' тепаа, прогонуваа, ограбуваа, убиваа новинари и политички неистомисленици, повикуваа и туркаа во војна, а сега слободно се шетаат, никој не ги повикува на каква било одговорност, уште повеќе многумина од тие творци на најтемниот период на Србија денес партиципираат во Тадиќевата „визија“ за „историско помирување“, всушност, држат важни лостови на власта и, секако, лекции за демократија и европејство. Ниту 10 години од 2000 година не беше доволно српската политичка номенклатура да го преиспита своето минато и да го направи оној толку долго очекуван и посакуван дисконтинуитет со воената и националистичка политика од деведесеттите.
Денес во Србија сите, освен политичарите, владејачките и опозициските, се согласуваат дека 5 октомври, всушност, не беше никаква револуција, уште помалку некаков реформистичко-демократски пресврт, туку чиста смена на тоталитарната власт на еден човек, неговото семејство и потесното политичко опкружување. Фатална грешка на „победниците“ беше што сметаа дека со протерувањето на Милошевиќ ја завршија својата „историска мисија“. А се случи токму она на што граѓаните најмалку се надеваа: Милошевиќ замина, остана неговиот систем на власт, воспоставен е силен континуитет. Всушност, војни повеќе немаше, но механизмот на државна контрола им овозможуваше и на наследниците на Милошевиќ внимателно да набљудуваат како Србија, и покрај силните порази и понижувања, не би се откажала од барем некој облик на пркосен национализам. Големосрпската идеја, всушност, е во закамуфлиран облик „за Власите да не се сетат“, и понатаму беше доминантна идеологија на повеќето партии на власт и во опозицијата, само што овој пат не беше „активна“, туку се процени дека со тек на време ќе стекнат некои нови „историски светски околности“ кои ќе одговараат за нејзино повторно активирање.
Доминацијата на обликот, популарно наречен демократски национализам, овозможи Србија во изминатите десет години повеќе да се занимава со тоа како да го одбрани загубеното (Косово), жртвувајќи го дури и вкупниот развој на државата, како да го задржи својот туторски и покровителски статус на регионален лидер. Тој курс, на надворешнополитички план, повторно ја одвлече во зоната на повремени конфронтации со соседите, но и најрелевантни западни држави - националистичка ксенофобија и одржување на илузијата дека „вистината е само на нејзина страна“ направи прокламираниот пат на Србија во Европа најчесто да бидува забавен, повремено замрзнат, но и дека државата, во економска и социјална смисла, остане на самиот крај од Балканскиот регион. Се талкаше меѓу Истокот и Западот, се губеа битки едноподруго, па денес, кога Србија повторно удри в ѕид, нејзиното раководство е принудено да прави болни отстапки за да се помрднат интегративните процеси од мртва точка.
На внатрешен план, пак, една деценија од 5 октомври помина во знакот на константни конфронтации на проевропските и антиевропските политички групации, чијшто епилог беше убиството на првиот демократски избран премиер Зоран Ѓинѓиќ, но и систематска реставрација на системот на вредности, кој суштински ниту малку не се разликуваше од оној на Милошевиќ. Атентатот остави длабоки траги, покажа дека стариот механизам (пред се', државната безбедност) е многу жилав, искусен во заговори и доволно приспособлив како за да го задржи доминантното влијание. Круна на тој, повеќе или помалку, ретрограден процес беше „историското помирување“ меѓу социјалистите и демократите, Дачиќ и Тадиќ, кое послужи, всушност, петтооктомвриските „губитници“ да се рехабилитираат, а „победниците“ да се понижат. Проверените кадри на Милошевиќ денес на голема врата се враќаат на политичк��та сцена, што го толкуваат многу експерти како најдоверлив индикатор за прокоцкана деценија и изгубена генерација. Но, и на длабочината на кризата во која е Србија. |