Поглед
Политиката и „Макфест“ Катерина Шекеровска
Наместо со ексклузивна сценографија, одбрани пејачи, ретроспектива на изминатите години и побогата роденденска програма, јубилејното 25. издание на еден од најстарите фестивали на забавни мелодии, по Скопскиот фестивал, „Макфест“, минува во сенка на партиските препукувања.
На само неколку дена пред неговото одржување, закажано за 7, 8 и 9 октомври во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, „Макфест“ е тема на партиски прес-конференции на кои се изнесуваат обвинувања за злоупотреба на парите наменети за организација на фестивалот.
Штипската опозиција го обвини владејачкото мнозинство дека прави градот наскоро да остане без најдобриот фестивал на забавна музика во Македонија. Како што рекоа, во минута до дванаесет се менуваат организатори, се делат пари наменети за фестивалот на повеќе субјекти, па јавноста, всушност, и не знае кој го организира „Макфест“.
Обвинувањата на опозицијата многу, многу и не ја засегнаа штипската локална самоуправа која кратко искоментира дека својот одговор ќе го даде по завршувањето на фестивалот.
Заслужува ли „Макфест“, кој е бренд на државава и место од кое во изминатите години излегоа безброј хитови на домашната забавна сцена, продефилираа ред афирмирани пејачи, но и дебитанти што си го најдоа своето место на нашата естрада, фестивал на кој со радост доаѓаат да настапуваат и најголемите ѕвезди од соседството, вакво сквернавење во дневнополитички цели?
Може ли политиката, за промена, да ги заобиколи забавните манифестации? На нив човек оди да се релаксира, а не да ја вжешти главата со политичк�� пресметки. |