Тоше
Засекогаш во срцата на своите обожаватели
5 октомври 2007 година ќе остане запаметен како датум кога се одржа последниот величествен концерт на Тоше Проески на Градскиот стадион во Скопје, на кој присуствуваа над 25.000 обожаватели
Катерина Шекеровска
Петти октомври 2007 година. Над 25.000 обожаватели од целата земја (меѓу кои и авторот на овие редови) беа сведоци на една неповторлива вечер на Градскиот стадион на кој Тоше Проески заедно со своите гости Антонија Шола, Бојан Маровиќ, Марија Шестиќ и Адријан Гаџа одржа незаборавен хуманитарен концерт.
Три години потоа - се' уште се свежи сеќавањата на спектакуларната и длабоко емотивна набиена вечер. На 5 октомври секоја година фановите на Тоше го одбележуваат денот на неговиот последен концерт исполнувајќи му го ветувањето и последната порака „Да ве видам в година тука во уште поголем број. Ве сакам сите!“
Веројатно, звучи како клише и е депласирано, но за сите вистински фанови на Тоше во земјава и надвор од неа времето минува, но болката не исчезнува. „Тоше, те сакаме сите“ одѕвонува при секоја помисла на големиот пејач... На истиот тој ден, но само три години подоцна, се потсетуваме на неповторлива вечер преку нејзините директни учесници - бендот, гостите - пејачи, претставниците на Министерството за образование и асоцијацијата „Скопјанката Мајка Тереза“.
Бакнеж на сцена
„Љубов во воздухот, ѕвездено небо, неговата насмевка, блескавите очи и нашата последна прегратка...- тоа е она што прво ми паѓа наум кога ќе помислам на последниот концерт на Тоше. Никогаш нема да ја заборавам таа вечер, тоа беше една од највеличествените вечери во мој��т живот. Тогаш прв пат дојдов во Македонија“, се потсетува хрватска поп-пејачка Антонија Шола.
Таа ни раскажа дека Тоше чувствувал голема одговорност кон својата публика и цел ден пред концертот го повторувал тоа. Трема имала и Антонија. „Што поради огромната публика, што поради него. Беше прекрасно да се биде покрај него, да се почувствува таа топлина и неговата поврзаност со публиката. Никогаш нема да го заборавам оној бакнеж на сцената пред сите, како и неговата благодарност и прекрасните зборови што ми ги упати пред толкав аудиториум... Му благодарам за тоа засекогаш...“
Пред концертот зборувале за пеењето, за операта, за тоа како тој ја подготвува одбраната на дипломската... Таа ни откри и дека тогаш Тоше ја научил и на првите зборови на македонски јазик. „Ме гледаше како невешто ја пеам „Громови на душа“ и ме исправаше... Тогаш ми ја објасни и разликата меѓу „Те сакам“ и „Сакам да...“ А кога се' заврши, по концертот уште некое време беше во транс по толкава размена на енергија со публиката... Пред да заминам на спиење, ме прегрна подолго од вообичаено и ме праша дали сум среќна, а јас му одговорив „Да, сега сум среќна...“
Како во холивудски филм
„Тукушто се вративме од турнејата низ Австралија (каде што имавме незапамтена атмосфера и посетеност на концертите), а пред тоа безброј настапи низ Балканот и низ Европа, така што целиот тим беше во топ-форма. Бидејќи ретко настапувавме концертно пред домашната публика (можеби еднаш-двапати во годината), сакавме да го презентираме она што го работиме во најдобро можно светло“, раскажува Драган Ѓуроски-Роки од бендот на Тоше, „Блу фанки индидуалс“. Тој се потсетува дека тремата почнала да ги фаќа во моментот кога дознале дека билетите се продаваат со рекордно темпо и дека е надминат бројот од 30.000 посетители! „Атмосферата на концертот беше неверојатна! Од почетокот публиката ги пееше сите песни од почеток до крај и беа толку гласни што одвај ги слушавме засилувачи на бината. Мислам дека дури беа погласни и од целото озвучување.
Сите бевме многу возбудени по концертот. Ги надмина сите наши очекувања и според посетеноста и според атмосферата. Се шегувавме дека в година ќе треба да ја наместиме бината веднаш до северната трибина за да ги собере сите. Мислам дека на сите ни беше јасно дека ова беше историски концерт за Македонија и дека ќе треба да помине многу време за некој да го достигне овој успех на Тоше. Се сеќавам дека и луѓето од тимот од Лондон беа присутни и беа крајно импресионирани и возбудени од она што го видоа.
Сите оние илјадници километри поминати со комбето, пиење кафиња среде ноќ на некоја бензинска пумпа, смешките и заморот, илјадниците фанови, кои ги пееја песните од почеток до крај, авионскиот лет што го пропуштивме од Амстердам кога преморени се успавме ама баш сите, коментарите на неуморната Лилја, која знаеше до солзи да не' насмее (така што и' скандиравме – Лилја е наша - ние сме лилјаци), изведбите на Тоше од кои ни се ежеше кожата, радоста што им ја носеше на своите фанови на многубројните настапи, брзината со која Тоше стана голема балканска ѕвезда, сето тоа личеше на сцени од некој холивудски филм. Авантура каква што нема да ни се повтори уште еднаш во животот.
Денес по три години, кога случајно ќе видам некоја снимка на телевизија, ми се чини како да не ми случуваше сето тоа мене - или како што кажа нашиот басист Таци - како да беше убав сон... Да, и тоа колку ни недостасува Тоше!, додава Роки.
Говор околу ангели како претчувство
„Со задоволство присуствував на концертот како морална поддршка на неговата желба да помогне. Тоше беше уметник во вистинската смисла на зборот. Надарен не само со исклучителен вокал и музички талент туку и со несебична хуманост и човекољубивост. Всушност, и последниот настап е еден од доказите за тоа. Се надевам дека неговиот живот и дело ќе продолжат да придонесуваат кон неговата хумана цел“, вели Сулејман Рушити, ексминистер за образование и наука. „Паметам кога го држев говорот, ја поздравував публиката на албански, на македонски и на англиски. И имаше страшна реакција во почетокот. Свирење. Но, потоа добив и аплаузи. Не знам зошто, можеби како претчувство, но говорот ми беше околу ангели и така натаму...“
Трепет во стомакот
„Ми беше голема чест да бидам меѓу гостите на концертот и од друга страна, моја среќа што имав таков пријател зашто можев многу да научам од него. Секогаш имавме заеднички теми зашто, сепак, тогаш и двајцата бевме на Музичка академија, па секоја музика ја коментиравме преку убавината, која навистина ја носи со себе... Без некоја лажна скромност, толку пораснав во тој момент на сцената што во еден миг на таа иста сцена добив крилја и бев дел од една негова песна, која го направи поинаков неговиот живот, а тој ја сакаше мојата музика...“, се потсетува црногорскиот пејач Бојан Маровиќ, кој вели дека и при самата помисла на таа вечер, и три години потоа, го има истото чувство - трепет во стомакот... „Таа вечер особено се сеќавам на врисокот и на задоволството на неговото лице... Знам дека само ја погледнав мајка ми и и' реков дека и јас го посакувам истото, а по завршувањето на концертот, му пријдов на Тоше и му реков: „Ти благодарам што ми даде чест да го почувствувам сето тоа“. Тој секогаш зборуваше со насмевка... „Мене ми е чест што дојде“, ми одговори...
И сега сакам да го гледам ДВД-то од концертот, зашто се' уште некако сум убеден дека постои нешто што не' опкружува, а тоа е нешто повеќе од музика, нешто повеќе од нас самите и затоа нема никогаш да се предадам... Тој концерт е добра лекција, добра школа за секој нов почеток...“
Како во сон
„Јас бев негов фан уште од првиот негов настап на фестивал и се' до ден денес сум негов обожавател, па можете да замислете колку ми било мило да бидам специјален гостин на неговиот најголем и последен концерт!“, раскажува поп-пејачот Адријан Гаџа. „Искрено, имав доста трема, но уште од самиот старт кога излегов на сцена, Тоше ме пречека и ме прегрна како брат и некако ме наполни со огромна позитивна енергија, па настапот ми беше лесен, без никаков проблем... Многу слики ми се вртат во глава од тој ден кога беше концертот. Но, најмногу ми остана во сеќавање крајот на концертот кога излеговме сите што настапивме - Тоше беше на едната страна, а до него имаше неколку девојчиња облечени како ангели, кои го придружуваа на крајот и требаше со него да заминат од сцена, а јас бев на другата и го гледав... Тоа навистина беше посебна слика што никогаш нема да ја заборавам... Едноставно, се' ми е како да било сон и сум се разбудил...“, додава Гаџа.
Верификација за светец
„Моја желба беше Тоше да присуствува еден месец порано на свеченото доделување што се одржа во септември 2007 година во МАНУ, но тој не беше во земјата за да ја прими статуетата Мајка Тереза, па се договоривме да го направиме тоа на неговиот хуманитарен концерт“, се потсеќа Стојан Тренчевски, претседател на граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“. „Негова желба, како вистински следбеник на Мајка Тереза, беше со врачувањето на статуетите да заврши хуманитарниот концерт. Долго го убедував тоа да не биде на крајот, не бев ни свесен колкава чест ми прави. Кога се појавив пред 30.000 луѓе, ми надојдоа силни емоции, солзи, му кажав дека сите го сакаме, дека е еден и единствен... Не се опишуваат чувствата со зборови во моментот кога тој скокна во прегратки на мајка си и им ја посвети статуата на своите родители велејќи дека тие му ја вградиле хуманоста... Тоше беше најголемиот ангел на Мајка Тереза и искрено се надевам дека наскоро ќе започне процесот за негова верификација за светец...“
Тоше чувствуваше голема одговорност кон својата публика и цел ден пред концертот го повторуваше тоа Антонија Шола
Таа вечер особено се сеќавам на вресокот и на задоволството на неговото лице. Знам само дека ја погледнав мајка ми и и' реков дека и јас го посакувам тоа Бојан Маровиќ
Тоше беше најголемиот ангел на Мајка
Тереза. Се надевам дека наскоро ќе започне процесот за негова верификација за светец Стојан Тренчевски
Сите бевме многу возбудени по концертот. Се шегувавме дека в година ќе треба да ја наместиме бината до северната трибина за да ги собере сите Драган Ѓуроски-Роки
Имав доста трема, но кога излегов на сцена, Тоше ме пречека и ме прегрна како брат и некако ме наполни со огромна позитивна енергија... Адријан Гаџа
Тоше беше уметник. Надарен не само со исклучителен вокал и музички талент туку и со несебична хуманост и човекољубивост Сулејман Рушити
Споменик и концерт за Тоше во Н. Градишка
На денот кога се одбележуваат три години од смртта на Тоше Проески, 16 октомври, во Нова Градишка ќе биде отворен споменик во чест на трагично загинатата пејачка ѕвезда. Споменикот ќе биде поставен на пет метри од местото каде што полета хеликоптерот со посмртните останки на Тоше, односно во дворот на блиското средно училиште. По тој повод, во Нова Градишка истиот ден, во 20 часот, ќе биде организиран и концерт на кој ќе ��астапат Наум Петрески, Нина Бадриќ, Антонија Шола...
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ Биди и ти дел од ѕвезденото небо
l локација: плато на Дом на АРМ l почеток: 20 часот
Во организација на интернационалниот фан-клуб форум „Тоше Проески“, денеска, со почеток во 20 часот, па се' до 23,30 часот, пред платото на Домот на АРМ, ќе се одржи спонтано собирање на обожавателите на нашата најголема пејачка ѕвезда. „Петти октомври 2007 беше датумот на кој се одржа последниот хуманитарен концерт на нашиот најмил Тоше. Една од неговите желби беше концертот да биде традиција. Ние, фановите, сме овде да ја исполниме неговата желба и аманет. Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше и сите заедно да му покажеме дека се' уште е дел од нашите срца!“, се вели во повикот од членовите на фан-клубот „Тоше Проески“. Настанот се организира со поддршка на Сити радио.
АКЦИЈА Дарување крв во чест на Тоше
l локација: фоаје на Дом на АРМ l почеток: 10 часот
„Јас штотуку спасив живот, а Вие?“, беше мотото на кампањата во организација на Црвен крст на Град Скопје, чие заштитно лице беше токму Проески. Со цел продолжување на неговата хуманост, денеска, со почеток во 10 часот, под истото мото, во просториите на фоајето на Домот на АРМ ќе се одржи крводарителска акција.
Организаторите, интернационалниот фан-клуб форум „Тоше Проески“ и Црвен крст на Град Скопје апелираат на масовно учество. За секој крводарител се обезбедени маички и слики со ликот на Тоше, кои ги обезбеди Фондацијата „Тоше Проески“.
|