Мислења
Владата се фали и кога губи
Слободан Најдовски
Ретки се влади како што е нашата, кои се фалат со негативните тенденции во економијата
Додека во јавноста има теми од типот кој е кодош, а кој не е, кој кодошел помалку, а кој повеќе, има ли некој што би мислел на сиромаштијата? Уште помалку кој ќе мисли и ќе дебатира за состојбите со буџетот во државата. За Владата е важно на граѓаните да им ја наполни душата со имињата на полициските кодоши, да имаат за што луѓето да разговараат и да делат бумбари. Во таквата мешаница речиси незабележано, Министерството за финансии ја протна информацијата за приходите на буџетот и намалената стапка на индустриско производство, кои не и' одат во прилог, па дури и се пофали со резултатите. Не дека лустрацијата не е потребна, и надлежните не треба да ја истераат до крај без пардон, но ништо помалку не е важно и не смее да се занемари што сиромаштијата секојдневно виси над глава, а состојбите со буџетот уште повеќе застрашуваат и упатуваат дека стомакот ќе биде уште попразен.
Навикнавме да ја слушаме Владата да се фали и кога е очигледно дека работите не одат во вистински правец. Така, во последно време се' почесто слушнеме дека рецесијата е зад нас и полека, но сигурно македонската економија заздравува. Меѓу другото, во Владата го аргументираат тоа со подобрената реализација на буџетските приходи. Така, во почетокот на август, уште пред да излезат официјалните податоци, владините претставници, насмеани, ни соопштија дека приходите во јули се најголеми досега од почетокот на кризата, иако срамежливо во соопштението на Министерството за финансии приз��аа дека тоа е резултат и на исплатената дивидента од „Телеком“. Деновиве на сајтот на Министерството го објавија извештајот и за август, иако без соопштение, но ги избрифираа медиумите дека се задоволни од динамиката на приливот, бидејќи месечните приходи биле повисоки за два процента во однос на планираните. Истовремено, никаде не може да се прочита која беше планираната динамика за јавноста да може да се увери во релевантноста на податоците, а само неколкумина во Министерството ја знаат планираната динамика до крајот на годината. Јавноста не може да види дали во Владата испланирале за август дотациите во пензискиот и во здравствениот фонд да изнесуваат скоро пет милијарди денари и да бидат поголеми во однос на претходниот месец. Дали во Владата испланирале во август, во однос на јули, намалување од преку една милијарда на расходите за капитални трансфери?
Владините претставници искажуваат задоволство со резултатите во август и се охрабруваат самите, но и јавноста, дека до крајот на годината економската слика ќе се подобри. Но, дали така зборуваат фактите? Не! Според податоците од самото Министерство, очигледно е дека приливите во август се едни од послабите во однос на другите месеци во 2010 година.
Погледнато низ бројки, кажаното би изгледало вака. Во сите показатели август е послаб во однос на јули. Но, и ако се занемари споредбата со јули, споредбата од досегашните остварувања е прилично загрижувачка. Анализата на највисоките изворни приходи, даноци и придонеси, само во јануари и во февруари била послаба од сега. И според вкупните приходи во три месеци, од изминатите осум, имало подобри резултати. Така, стапката на придонеси од плати во август е послаба од претходните четири. Тоа покажува дека се намалува исплатената плата, се намалува бројот на вработени, а со тоа и придонесите за социјалните, пензискиот и здравствениот фонд. Тоа покажува дека нема место за задоволство, туку, напротив, загрижувачки е што опаѓа бројот на вработените и висината на платата на која се плаќаат придонеси. Доколку во август, а најверојатно и за септември биде исто, ако не се зголемени приходите од акцизи, што е резултат на увозот на половните автомобили и странските донации, состојбата со приходите ќе беше уште полоша.
Покрај лошата слика на приходите, ништо не е подобра и состојбата со расходната страна на буџетот за август. Анализата покажува дека и натаму буџетот се користи само за плати на администрацијата, дотации за социјалните фондови, а се запоставуваат капиталните трошоци - набавка на стоки, кои треба да бидат во функција на развојот. Бројките покажуваат дека трансферите во пензискиот фонд се' повеќе се зголемуваат и дека во август изнесуваат над 3 милијарди денари, што како месец го искачува на трето негативно место во изминатите осум месеци. Слична, ако не и иста е состојбата и со здравствениот фонд. Владата се' повеќе ја потврдува тезата дека со ваква економска политика се доведува во прашање финансирањето на фондовите од редовните приходи. Се' повеќе натежнува тасот на вагата со дознаките во буџетот, наспроти редовните приходи на двата фонда и на Агенцијата за вработување.
Од Владата постојано не' убедуваат дека дефицитот на буџетот е корисен и е во функција на развојот и на анулирање на негативностите од економската криза. Тоа го кажуваат за јавноста, а во практика се случува сосема нешто друго. Имено, податоците за капиталните трансфери покажуваат дека тие се за 50 отсто помали од јули. Со ребалансот на буџетот најголемите кратења беа кај капиталните расходи. Но, и така ревидирани, во првите осум месеци се остварени малку над половина, а остануваат само четири месеци за нивна реализација. Тоа оди во прилог на тврдењето дека оваа Влада води катастрофална фискална политика.
Идентично е однесувањето на Владата и во поглед на податоците за растот (падот) на БДП. Иако од секој месечен податок се гледа дека нема знаци на подобрување, од Владата ја слушаме истата изјава од типот дека „рецесијата е зад нас и се движиме во позитивна насока“. Според Владата, треба да бидеме среќни што август е трет месец во годината според висината на даночните приходи, иако приходите не се доволни ни за покривање на тековните расходи, а камо ли за поттикнување на развојот. Владата не' упатува да бидеме задоволни со нивото на индустриското производство во август, кое е помало од јули и од август 2009. Дали да се радуваме на фалбите на Владата што во првите осум месеци оваа година индустриското производство е помало од истиот период минатата година.
Секоја власт се обидува да најде оправдување за неуспесите во своето работење. Но, ретко има влади како што е нашата, кои се фалат со негативните тенденции во економијата. Уште позагрижувачки е што нашата Влада се повеќе верува дека економската политика е успешна и не ги прифаќа укажувањата на експертите и стопанствениците. Наместо да се фали со неуспеси и да троши време и пари за реклами со кои поразите ги претставува како победи, Владата треба да се соочи со реалноста. А таа е сурова. Затоа, додека се' уште има време, неопходно е да се преземат мерки за подобрување на фискалната политика, да се направи темелна измена на структурата на буџетските расходи и да се преземат мерки за поттикнување на македонската економија.
(Авторот е поранешен пратеник) |