Хаџиристески и Костов со функции во УЕФА
Харалампие Хаџиристески и Никола Костов, покрај функциите во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), ќе извршуваат функции и во Европската фудбалска асоцијација (УЕФА). Со одлука на Извршниот комитет на УЕФА од први јули оваа година претседателот на ФФМ, Хаџиристески, е назначен за втор потпретседател во Комитетот за футсал и фудбал на плажа, додека пак генералниот секретар на ФФМ, Костов, е избран за нов член на правниот комитет на УЕФА.
„Обврска ни е достојно да го претставиме македонскиот фудбал во органите и телата на европската фудбалска асоцијација. ФФМ таму е се' поактивна и има свои претставници во речиси сите структури“, изјави Костов за официјалната интернет страница на ФФМ по добивањето на дописот од УЕФА.
И Хаџиристески и Костов ќе бидат дел од органите и телата во УЕФА во наредните четири години. |