Торо росо го отпушти Бурде
Во Унгарија треба да дебитира Шпанецот Алгерсуари (19)
Шпанскиот тинејџер Хаиме Алгерсуари е на пат да стане најмладиот возач во историјата на Формула 1 откако Торо росо го загуби трпението кон Французинот Себастијан Бурде. Тимот што користи мотор на Ферари, чијшто ексвозач Себастијан Фетел од Германија минатата година ја освои домашната трка за Големата награда на Италија, соопшти дека четирикратниот првак во Чемп кар, Бурде, веќе го имал последниот настап за нив. Неговата замена ќе биде објавена непосредно пред Унгарското гра-при следната недела.
„Во втората година на Себастијан со нас партнерството не ги исполни нашите очекувања“, изјави тимскиот шеф Франц Тост. „Затоа, решивме да го замениме почнувајќи од следната трка од шампионатот“.
Во соопштението од екипата не е наведено кој ќе го добие местото на Бурде, но на големо се типува дека на стартот во Будимпешта ќе се појави 19-годишниот Алгерсуари, новоименуваниот тест-возач на тимот. Шпанецот, шампион на Британската Формула 3, викендов ќе вози за својот тим Карлин во трката во родниот Ле Ман од Светската серија на Рено. Ако биде потврден за Унгарија, тој ќе дебитира на возраст од 19 години и 125 дена. Досега најмлад Ф1-возач беше Мајк Теквел од Нов Зеланд, кој дебитира за Тајрел на ГН на Канада 1980 на 19 години и 183 дена.
За Бурде ова беше втора сезона во Торо росо, но беше првиот што се откажа во Германското гран-при во неделата во Нирбургринг, а во квалификациите беше послаб од швајцарскиот новак и тимски колега Себастијан Буеми. Французинот освои само два поена од девет трки, Буеми има три. Неговата иднина беше неизвесна уште минатата година, која ја заврши со четири поени наспроти 35 на Фетел, но Торо росо во февруари реши да го задржи откако го тестираше Јапонецот Такума Сато. |