Болт ветува нешто посебно вечерва во Париз
Светскиот рекордер на 100 м на митингот од Златната лига нема да ги има против себе ривалите Геј и Пауел
Јусеин Болт и' вети „нешто посебно“ на публиката на „Стад де Франс“ во Париз вечерва за време на атлетскиот митинг од Златната лига.
„Тука сум за да се натпреварувам и да го дадам најдоброто од себе. Ако времето биде добро, би требало да се случи нешто посебно“, најави трикратниот олимписки шампион.
Прашан дали тоа „нешто посебно“ би можело да биде уривање на неговиот светски рекорд од 9,69 сек. на 100 м, тој одговори: „Не сакам да зборувам за резултатот, но можам да трчам брзо во секое време. Мислам дека сум во добра форма. Некогаш тоа функционира на патеката, некогаш не. Зависи од филингот и од патеката. Никогаш не знаеш“.
Јамајчанецот вечерва ќе трча без двајцата најголеми ривали Тајсон Геј од САД, кој минатиот петок го постави најдоброто време сезонава од 9,77 сек., и сонародникот Асафа Пауел, но, според него, тоа би можело да биде предност.
„Трчате навистина подобро кога конкуренцијата е помала. Многу полесно е кога умот ви е слободен“, изјави тој. „Во секој случај, не се плашам од никого, без оглед на тоа кој какво време може да истрча. Секогаш верувам во себе бидејќи знам дека напорно тренирам, во добра форма сум и трчам брзо“.
Младиот, 22-годишен, спринтер од Јамајка, кој постави светски рекорди и на 200 м и во штафетата 4х100 м на Олимписките игри во Пекинг, додаде дека митингот во Париз е важна етапа во неговите подготовки за Светското првеснтво во Берлин што ќе се одржи во август.
„По Париз уште само еднаш ќе трчам 100 м во Лондон, по што ќе следува напорна работа, бидејќи СП е многу важно“, вели тој. „Минатиот пат освоив сребрен медал, па работам на тоа годинава да стигнам до злато. Ако ја продолжам извонредната година со триумф и на Светскиот шампионат, ќе им покажам на луѓето дека Пекинг не беше случајност“.
Болт, кој сака да ја забавува публиката со гестови, тврди дека е толку самоуверен што работи на нов танц со кој ќе ги прославува своите победи.
„Го чувам за Берлин, но ако поминам добро во Париз би можел и тука да го одиграм“, најави тој. „Мислам дека навивачите уживаат во тоа што ги забавувам пред и по трките. Тоа истовремено ме опушта пред и по трките. Тоа, едноставно, е забава“. |