Кевендиш го израмни британскиот рекорд
Со триумфот во 11. етапа, спринтерот ги достигна осумте етапни победи на Хобен на Тур де Франс
Марк Кевендиш ја засили својата доминација во спринтовите на Тур де Франс, славејќи и во 11. етапа, со што го израмни британскиот рекорд на Бери Хобен од осум етапни победи на најпрестижната велосипедска трка. Возачот од Ајл оф Мен, островче во каналот Ла Манш, во спринтот беше побрз од Американецот Тајлер Фарар и од Евгениј Хутарович од Белорусија на крајот од етапата долга 192 км од Ватан до Сан Фарго, што му ја донесе четвртата етапна победа во годинашната трка.
„Имаше мало искачување, па знаевме дека спринтот ќе биде поинаков и се прилагодивме на таа ситуација“, изјави Кевендиш на прес-конференцијата по етапата. „Колегите требаше да ме поддржат подоцна, па во последниот километар имаше четири момчиња место двајца. Начинот на кој ме предводеа колегите одново беше прекрасен“.
Прашан дали чувствува дека нема противници на патеката, Кевендиш одговори: „Тешка навреда е да се каже дека момчињата се слаби“.
Хобен ги освои своите осум етапи од 1967 до 1975 година, последната од нив на возраст од 35 години, а за 24-годишниот Кевендиш ова е само второ учество во трката околу Франција.
Италијанецот Риналдо Ночентини ги зачува жолтата маичка, како и предноста од шест секунди во однос на Шпанецот Алберто Контадор и од осум секунди во споредба со Американецот Ленс Армстронг во вкупниот поредок. Британецот Бредли Вигинс се врати на петтото место откако жирито на трката реши да ја поништи разликата од 15 секунди меѓу двете групи во последниот дел од етапата во вторникот.
Комуникацијата меѓу спортските директори и нивните возачи повторно е дозволена по експерименталната забрана во вторникот. „Бубачките“ во ушите требаше повторно да би��ат забранети за денешната етапа до Колмар, но Меѓународната велосипедска унија (УЦИ) соопшти дека од нејзиниот извршен орган е побарано да гласа синоќа по протестот на тимските менаџери.
Единаесеттата етапа беше обележана од два судира во раната фаза, кои им овозможија на Белгиецот Јохан ван Сумерен и на Полјакот Марчин Сапа да побегнат по 24. километар. Ночентини беше вмешан во еден од инцидентите, но се извлече неповреден.
„Паднав, но не беше сериозно. По се', тоа беше мирно возење“, изјави италијанскиот велосипедист.
Дуото создаде максимална предност од 4:35 минути, пред тимот на спринтерот со заеднички сили да ги улови. Колегите на Кевендиш од тимот на Колумбија му овозможија совршено водство на својот спринтер, кој се одбрани од наглото забрзување на Фарар во финишот и ја презеде зелената маичка од Норвежанецот Тор Хусховд.
Резултати од 11. етапа: Марк Кевендиш (В. Британија/Колумбија) 4:17,55 ч., Тајлер Фарар (САД/Гармин) исто време, Евгениј Хутарович (Белорусија/Франсоа де Жу) исто време итн.
Вкупен поредок: Риналдо Ночентини (Италија/АГ2Р) 43:28,59 ч., Алберто Контадор (Шпанија/Астана) +6 сек., Ленс Армстронг (САД/Астана) +8 сек. итн. |