Тасевски стрелец за Левски против Сант Јулија од Андора
Тимот од Софија славеше со 4:0 и ја прекина серијата од 13 меча без победа во Европа
Дарко Тасевски се запиша во листата на стрелци за Левски во убедливата победа на неговиот тим над Сант Јулија од Андора со 4:0 во воведниот меч од второто елиминациско коло за Лигата на шампионите. Македонскиот репрезентативец ја отвори голеадата на „Георги Аспарухов“ во Софија во средата. Поентира во 49 минута, а очекуваниот триумф на бугарскиот шампион го потврдија Христов со головите во 64 и 72 минута и Гаџев во 84. Тасевски ја упати и последната домашна закана во натпреварот врз голот на андорците, но неговиот удар заврши во стативата. Дополнително олеснување за Левски беа црвените картони за двајца гостински фудбалери (дефанзивецот Диего Абдиан и напаѓачот Алехандро Ромеро) во второто полувреме.
Со ова Левски на Тасевски ја прекина серијата од 13 меча без победа во европските фудбалски купови. Последен пат тимот од Софија се радуваше на евро триумф во август во 2006 година кога беше совладан тимот на Киево.
Воведните мечеви од втората елиминациска рунда воЛигата на шампионите донесоа и неколку изненадувачки резултати. Пријатно изненади првакот на БиХ, Зрињски, кој пред своите гледачи го порази Слован од Братислава со 1:0. Помалку неочекувано победа, и тоа, на гости забележа и Шериф Тираспол. Молдавскиот првак славеше во Финска против Интер Турку со 1:0.
Затоа, пак, црногорскиот шампион, Могрен, доживеа вистински потоп на гостувањето во Данска. Фудбалерите од Будва загубија кај Копенхаген со дури 6:0 што е најубедливата победа што ја оствари еден тим во оваа фаза во ЛШ. Идентична резултатска судбина доживеа и северноирскиот шампиоин, Гленторан, на гостувањето во Хаифа кај Макаби. Одлична залиха за реваншот обезбеди и Актобе, претставникот на Казахстан во ова натпреварување, кој го декласира Хафнарфјордур на Исланд со 4:0, како и Дебрецин кој го совлада шведски Калмар со 2:0.
Од неочекуваните резултати за одбележување се нерешените исходи на Висла и Салцбург на домашен терен. Полјаците одиграа 1:1 во Краков против естонска Левадија Талин, Австријците, пак, не успеаа да слават на својот тревник против првакот на Република Ирска, Бохемијанс (1:1). Победник немаше уште во два меча во средата, во Тирана истоимениот тим ремизира со норвешки Стабаек (1:1), ниту пак во Тбилиси каде ВИТ и Марибор одиграа без голови.
Резултати од воведните мечеви во второто елиминациско коло за Лигата на шампионите: Интер Турку (Финска) - Шериф Тираспол (Молдавија) 0:1, Левски (Бугарија) - Санта Јулија (Андора) 4:0, Тирана (Албанија) - Стабаек (Норвешка) 1:1, Зрињски (БиХ) - Слован Братислава (Словачка) 1:0, Вентспилс (Летонија) - Диделанж (Луксембург) 3:0, ВИТ (Грузија) - Марибор (Словенија) 0:0, Макаби Хаифа (Израел) - Гленторан (Северна Ирска) 6:0, Дебрецин (Унгарија) - Калмар (Шведска) 2:0, Копенхаген (Данска) - Могрен (Црна Гора) 6:0, Висла Краков (Полска) - Левадија Талин (Естонија) 1:1, Салцбург (Австрија) - Бохемијанс (Р. Ирска) 1:1, Хафнарфјордур (Исланд) - Актобе (Казахстан) 0:4.
|