Охридскиот маратон со 27 учесници
За годинашниот 23. Охридски пливачки маратон се пријавени вкупно 27 натпреварувачи, од кои 19 во машка и осум во женска конкуренција. Бројката е зголемена за четворица во однос на првичната листа од минатата седмица, сите на машкиот дел од списокот.
Први пристигнаа Ирене ван дер Лан од Холандија и дебитантката Грит Сигсгорд од Данска. Кај мажите ќе настапат тројца од првите петмина во вкупниот поредок од Гран-при серијата на ФИНА, и тоа седумкратниот победник Петар Стојчев од Бугарија и Аргентинците Габриел Вилјагоиз и Дамјан Блаум.
Македонија ќе ја претставуваат шестмина, сите во машка конкуренција, предводени од Томи Стефановски. На 38-годишниот најуспешен Македонец во трките под капата на ФИНА ова ќе му биде 11. и последен маратон во Охрид, како дел од подготовките за препливување на каналот Ла Манш меѓу 13 и 16 август. Стефановски беше трет во 2001 година, а лани заврши четврти со заостанување од само една секунда во однос на победникот Стојчев.
Охридскиот маратон е шеста трка од овогодишната Гран-при серија. Патеката од Свети Наум до градското пристаниште е долга 30 км, стартот на трката е во 12 ч., а наградниот фонд 25.000 долари. (Р.Д.)
|