Лусио во Интер за осум милиони евра
Многу блиску до договор со „нероаѕурите“ е и играчот на Наполи, Марек Хамшик
Капитенот на бразилската репрезентација и довчерашен стопер на Баерн од наредната сезона ќе игра за Интер, објавија вчера Баварците на својата интернет страница. Вредноста на трансферот не беше кажана, но се шпекулира дека станува збор за сума од осум милиони евра.
„Интер ни понуди некои играчи во замена за Лусио. Продефилираа дури 15, но парите некако ни се подраги“, изјави спортскиот директор на Баерн, Ули Хенес.
Со доаѓањето на Луис ван Гал, Лусио испадна од тимот и почна да се жали.
„Во предност се Бадстубер и Брафхајд. Нека се помири со тоа или нека го напушти Баерн“, му порача Ван Гал.
Лусио во Германија стигна во 2001 година. Три години играше за Леверкузен, а потоа за Баерн со кого во 2005, 2006 и 2008 година ги освојува двојните круни. За Баерн одигра 144 меча и заби седум гола. Со Баерн имаше договор на уште една година, но не сакаше да мине седејќи на клупа.
Паралелно со доаѓањето на Лусио се вжештуваат и преговорите на релација Интер - Наполи кои траат подолго, но сега се чини дека ќе се добијат првите резултати. Наполи го сака Виктор Обина, кој на Интер му служеше како аргумент за доведување на Марек Хамшик. Италијанските медиуми јавуваат дека трансферот на Обина е завршена работа, но дека заедно со него во Наполи ќе стигне и Нелсон Ривас. Од сето тоа најверојатно „нероаѕурите“ ќе ја извлечат својата прва мета ова лето - Хамшик, кој со доаѓањето на „Сан Сиро“ ќе си ја исполни желбата да игра во Лига на шампиони.
Мело официЈално потпиша со Јуве
Бразилскиот играч од средниот ред на Фиорентина официјално потпиша петгодишен договор со Јувентус за сума од 25 милиони евра. Во спротивен правец како дел од трансферот замина Марко Маркиони. „Пресреќен сум што ќе играм за Јуве. Навистина верувам во оваа екипа“, изјави Мело, кој изненади со својата игра на Купот на Конфедерации, па бразилскиот претседател го нарече наследник на Карлос Дунга. |