Меридијани
Европа без Турција
Ијан Бурума
Повеќето европски граѓани (на пример, повеќе од 60% во Франција и Германија) веруваат дека Турција не треба да стане дел од Европската унија. Има разни причини за ова противење – некои логични, некои пак се темелат на предрасуди: Турција е премногу голема; турските мигранти може да ги преплават останатите земји-членки; Турција има несигурно досие за почитување на човековите права; Турција ги угнетува Курдите; Турција не ги реши своите проблеми со Грција околу Кипар.
Но, главна причина е секако тоа што Турција, главно муслиманска земја, со која владее муслиманска партија, се гледа како премногу странска. Според зборовите на поранешниот француски претседател Валери Жискар Дестен, еден од авторите на европскиот Устав, „Турција не е европска земја“.
Ова е тешко да се прифати од страна на членовите на секуларната, западноориентирана турска елита која потроши децении, ако не и подолго, во обид да ја докажат нивната европска искреност. Како што неодамна еден високообразован Турчин кој работи за меѓународна организација, ми кажа: „Ние играме фудбал со нив, пееме песни со нив на телевизија, соработуваме со нив, ги подобривме нашите човекови права и ја демократизиравме нашата политика. Ние правиме се' што тие ќе побараат од нас, но тие се' уште не' не сакаат“.
Тоа е точно, вели друг Турчин, кој го слушна разговорот, соговорник кој течно зборува англиски и кој минал многу време во Лондон, работејќи за невладини организации кои ги унапредуваат човековите прва и во 1980-тите бил затворен поради противење на воениот режим: „Јас ја мразам Европа. Јас не сум Европеец и кому му е потребна Европа?“
Добро прашање. Додека кризата во Грција ја кине по рабовите еврозоната, турската економија доживува бум. Секако, „Европа“ многу години беше симбол, не само за богатството, туку и за либералната политика, отворени општества и човекови права. И турското општество во голема мера имаше корист од неговиот обид - се' уште неперфектен, се' уште некомплетен - да ги исполни европските стандарди.
Но, се' повеќе и повеќе Европејци се разочарани од Унијата. Далеку од тоа дека е модел на демократија, ЕУ се поврзува со арогантен, недопирлив мандаринат кој излегува со правила и декрети со патерналистичка и произволна безобѕирност за обичните граѓани. И некои од нејзините нови членки - Романија, Бугарија и Унгарија, на пример - не се баш примери за отворена либерална демократија.
Па ако Европејците не веруваат во сопствената Унија, зошто Турција сака да и' се приклучи? Всушност, жената која протестираше дека ја мрази Европа се' уште многу би сакала да ја види Турција во ЕУ. Нејзината омраза е како онаа кај љубовник обвиен со презир.
Припадниците на секуларната, проевропски ориентирана елита на Турција, која беше на власт во континуитет откако Кемал Ататурк ја основаше Републиката во 1923 година, сега се притиснати од две страни. Спречени од ЕУ тие, исто така, се истуркани од нивните привилегирани позиции од страна на новата елита која е провинциска, порелигиозна и не толку либерална.
За оние западноориентирани Турци прифаќањето од страна на ЕУ го претставува јажето за спасување од струите на исламскиот популизам што премиерот Реџеп Таип Ердоган го претставува. И тие имаат потреба од охрабрување, бидејќи исламистите на Ердоган можеби се демократски, но секуларистите, во целина, се полиберални.
Големината на Турција и нејзиното население, со причина ја загрижуваат Европа. Меѓутоа, овој страв е веројатно претеран. Сега кога турската економија зајакнува, ќе има се' помалку причини за сиромашните Турци да бараат работа во други земји, а не пак „да ги преплават“. Од перспективата на западноориентираните Турци, гордоста од европското членство можеби е помалку важна отколку болката од одбивањето. Меѓутоа, истото се однесува и за Европејците. Ако повеќето западноориентирани, помодерни, подемократски републики во исламскиот свет би биле огорчени од антиевропскиот гнев, ова не може да биде добар исход за Запад - или за остатокот од светот.
(Авторот е професор по
демократија и човекови права на
колеџот „Бард“ и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“)
|