Општество
Цвета бизнисот во улицата на црвените фенери
Дали е полноќ или пладне, нема никаква разлика на сексуалните работници што го имаат заземено кејот не реката Вардар
Даниела Трпчевска
Цвета бизнисот на „улицата на црвените фенери“ во Скопје. Дали е полноќ или пладне, нема никаква разлика на сексуалните работници што го имаат заземено кејот не реката Вардар, паркинзите, ќошињата и подрумите во близина на МКЦ и судовите во Скопје. На само неколку метри од влезот во Пасошкото одделение на МВР, среде пладне девојки го нудат своето тело за само 500 денари, додека макроата под око го следат секој нивен разговор со минувачите. Овде телесните задоволства не избираат ниту простор ниту време. Девојките им приоѓаат на минувачите сред бел ден, шепнувајќи им ја цената за секс набрзина, додека градскиот живот пулсира во секојдневното темпо. Некој набрзина и со презир ја врти главата и ги одминува, друг коментира нешто луто под мустаќ, трет ја прифаќа понудената игра и заминува во некој агол од паркингот, во напуштените возила или на кејо��. Ноќе врвулицата е уште поголема. Десетици девојки и момчиња излегуваат на отворената сцена кај МТВ. Се слуша свиркање, договарање, врие од автомобили и муштерии. Само оние похрабрите се осмелуваат штом падне првиот мрак да се движат во овој дел на градот. Другите молчешкум го избегнуваат, оти клиентите често знаат и да засвиркаат по случајните минувачи, повикувајќи ги да влезат во нивниот автомобил.
Прогонувани од полицијата, малтретирани од макроата, тепани и ограбувани од муштериите, осудувани од околината, неколку илјади сексуални работници во земјава со години заработуваат продавајќи го своето тело на улица. Според невладината организација ХОПС, во државава нема прецизна бројка за бројот на лицата што се занимаваат со проституција. Но, врз основа на некои податоци, се претпоставува дека над 8.000 лица се вклучени во овој бизнис. Од ХОПС велат дека во тек се анализи во соработка со Институтот за јавно здравје, со цел да се направи процена на бројката на сексуални работници во земјава.
ХОПС е во постојан контакт со 800-900 сексуaлни работници во главниот град и во неколку други градови во земјава. Егзистенцијалните проблеми, сиромаштијата, проблемите во домот се само некои од причините што ги навеле да го работат најстариот занает во светот.
„Има секакви ситуации и различни судбини кај секој од нив. Најмладите сексуални работници имаат 18 години, па нагоре. Некои од нив се од внатрешноста на земјава, други имаат семејство и деца, па на овој начин заработуваат за да преживеат“, велат од невладините организации што работат на оваа проблематика. Веќе десетина години тие се вклучени во заеднички проект со Министерството за здравство со цел редовни контроли и здравствени прегледи на девојките што заработуваат продавајќи го своето тело. Досега, според нивните сознанија, не е откриен случај на сида меѓу сексуалните работници.
Полицијата пред неколку години и' објави војна на уличната проституција, спроведувајќи масовна акција во скопскиот црвен дистрикт. Ова не е единственото место каде што се нуди секс набрзина. Постојат уште неколку локации во градот каде што можат да се забележат улични проститутки, но локацијата во близина на МАНУ, МКЦ и пред МТВ со години е една од најпознатите црвени зони во градот.
Девојките и жените на возраст од 17 до 55 години се нудат за ситни пари, поради што се принудени да го продаваат своето тело на четворица или на петмина клиенти во текот на ноќта. Сексуални услуги нудат и момчиња, но нив ги има во помал број. Чести посетители на сивата зона во Скопје не се само работниците и пазарџиите, туку и гастарбајтери, познати фаци во градов, директори, адвокати, угостители. Полицијата често ги затекнувала на самото место за време на нивните вечерни акции, но нивните имиња се чуваат во најголема тајна.
Проституцијата во земјава е нелегална и согласно со законот полицијата им поднесува кривични пријави за нарушување на јавниот ред и мир. Но, дека тоа не е никаков решение за проблемот потврдуваат и од МВР, бидејќи девојките за да можат да ја платат казната мораат двојно повеќе време да останат на улица за да заработат. Идеите за легализација на проституцијата изминативе години не најдоа поддршка кај владејачката партија.
Сепак, најголема мака надлежните, се чини, имаат со „софистицираната проституција“, која се одвива зад затворени врати, во станови, кафеани, хотели и во салони за масажа, стриптиз, порнографија и хот-лајн, во кои се вртат огромни суми на пари. Последниве години се поголем замав зема и интернет-проституцијата, која се договара преку социјалните мрежи и е тешко да се открие. Од МВР велат дека се' повеќе се насочени кон следење на социјалните мрежи како што се „Фејсбук“ и чет-програмите, каде што преку лични контакти се договараат средбите и цената на услугите.
„Зголемена е бројката на интернет-проституцијата, која се одвива на многу перфиден начин и тешко е да се открие. Слично е и со салоните за масажа и со становите, каде што случаите се откриваат или по пријава на соседите или откако ќе се случи некој инцидент“, објаснуваат од полицијата.
Таков беше случајот во скопската населба Карпош, кој беше обелоденет неодамна. Жена-макро од Гостивар во стан подведувала неколку девојки, кои измината година имале над 100-ина редовни муштерии. Случајот бил откриен дури по пријава откако девојките биле нападнати од маскирани лица што почнале да ги тепаат и малтретираат. Проблемот е што девојките најчесто молчат и не кажуваат што работат, ту��у велат дека се на гости или наоѓаат други оправдувања за да го прикријат нелегалниот бизнис, објаснуваат инспекторите што работат на оваа проблематика.
Од почетокот на годинава, полицијата спроведе неколку акции во западниот дел на земјава, каде што постојано се пронаоѓаат илегални девојки во кафеани и барови, кои под превезот на келнерки и пејачки, всушност, заработуваат продавајќи го своето тело. Лани беа реализирани неколку поголеми случаи, како оној во Штип каде што беше откриен цел синџир на малолетничка проституција. Познати бизнисмени од Штип и од неколку други града ги намамувале малолетничките во мрежата на проституцијата за пари, подароци и викенди во Охрид.
Проституцијата се' почесто ја има во хотелите и во мотелите во пограничните градови Гевгелија и Битола, каде што девојките доаѓаат во хотелите на повик на клиентите, а имаше и случаи што беа откриени од страна на полицијата, при што девојки од други градови, организирано со такси-возила биле носени кај странските клиенти.
Лажни огласи за ескорт-дами
Лажни фирми за посредување, преку огласи и реклами, нудат огласи за ескорт-дами, а жртвите потоа ги вовлекуваат во секс-индустријата. Оваа појава е актуелна повеќе години. Функционира на тој начин што лажни фирми бараат девојки за придружба за бизнис и за други свечености преку огласи. Арно ама, често се случува место на гала-прием, девојките да завршат во хотелска соба, каде што ги чекаат клиенти. Плаќањето се договара за еден час или, пак, за целовечерна забава. Цените се движат од 50 евра, па нагоре. Доколку станува збор за девојки од модниот свет или од естрадата, цените можат да се движат од 500 до 1.000 евра за една вечер, велат извори од полицијата.
Педесет евра за еротска масажа
Во најголема дискреција, со однапред закажан термин, со таен список на клиенти и со специјални попусти за редовните муштерии – вака функционираат салоните за масажа, во кои покрај редовната релаксација, се нудат и екстра еротски услуги. Според инспекторите, оваа форма на проституција е тешко да се открие, бидејќи тие функционираат многу прикриено и имаат листа на редовни муштерии што имаат пристап до специјалните услуги. За сите останати посетители, салоните функционираат навидум како сите други салони за масажа и не навестуваат дека зад нивните завеси се крие нешто сосема друго.
Изминатите години полицијата имаше откриено неколку сомнителни салони за масажа, од кои едниот во непосредна близина на Собранието, во самиот центар на Скопје, каде што мајка и ќерка им нуделе на клиентите еротски масажи. Понудата во ваквите салони е најразновидна, но најголем интерес, се чини, има за масажите што ги нудат полуголи девојки по цена од 50 евра.
ФАКТИ
Велика Британија
Не е нелегално личност над 18 години да работи како проститутка во затворени простории, но таму каде што има повеќе од една проститутка, сопственикот на просториите може да биде прогонуван за држење бордел.
Шпанија
Мажите во Шпанија секој ден трошат околу 50 милиони евра на проститутки. Иако официјално не е дозволена, проституцијата во Шпанија се толерира. Според истражувањата, секој десетти Шпанец редовно ги користи услугите на проститутките.
Србија
Околу 1.000 проститутки официјално се регистрирани во Белград, но неофицијално нивниот број во главниот град изнесува 2.500, а во целата држава околу 10.000. Секоја седма проститутка во Србија е малолетна, а вкупниот обрт на пари заработени од проституција на годишно ниво ја надминува сумата од шест милиони евра.
Италија
Според последното истражување на најстариот занает на светот, во Италија работат околу 100.000 проститутки, а се претпоставува дека поголемиот број од нив се странски државјанки, кои доаѓаат од 60 земји. Услугите на проститутките ги ползуваат над 9 милиони корисници, од кои 80 отсто од нив барале однос без заштита.
|