Ник Клег
На прагот сме на нова финансиска криза
18.07.2011, 14:55
Заменик-британскиот премиер Ник Клег за Би-Би-Си изјави дека е исклучително загрижен дека светот е можеби на прагот на нова финансиска криза.
Клег рече дека е загрижен бидејќи смета дека кризата од еврозоната би можела да се пресели во Велика Британија и директно да влијае на работните места, односно на нивото на невработеност во таа земја.
Се работи за прво признавање дека кризите во Грција, Шпанија и Италија би можеле да влијаат на Велика Британија.
На прашањето: „Колку сте загрижен дека можеби сме на работ на нова сериозна светска финансиска криза?“, Клег одговори: „Неверојатно сум загрижен. Милсам дека неизвесноста во САД, која е продукт на политички метеж, како и растечката финансиска криза и безграничната должничка криза во еврозоната се многу сериозни“.
Тој исто така рече дека е наивно да се мисли дека Британија може да стои настрана бидејќи не е членка на еврозоната.
- Кризата би можела да има директно влијание на работните места и животите на милиони Британци. Затоа мислам дека би требале активно да учествуваме и да им помогнеме на членките на еврозоната да ги спроведат неопходните реформи за во иднина да создадат силна и просперитетна еврозона, рече Клег.
|