5 минути интервју
Живкица Каленикова - радио и ТВ-водителка
Зависна сум од моето мало човече
Валентина Тодоровска
Сега кога си мајка, како го доживуваш родителството?
- Ах, на сосема поинаков начин го гледав своевремено, дури сега ја разбирам мајка ми и сите мајки на светот, поточно сфаќам што сакала да ми каже со она „ајде ќе станеш мајка, па ќе видиш“. Сега знам што значи мајка - посветеност, несебичност, одговорност, емоции, едноставно чудо на природата.
Те смени ли мајчинството?
Ме омекна, ме направи многу зависна од ова мало човече, без чиј мирис не можам, колку и да звучи како клише, ама навистина има нешто посебно во мирисот на бебињата, посебно кога е твое. Го гушкам Даријан и си мислам - Господе колку сум среќна! Се мери ли ова со нешто друго?
Како сега изгледа еден твој обичен ден?
Секако дека ми се смени начинот на живеење и темпото, нашиот син ни е најголем приоритет. И колку и да ви е мачно станувањето ноќе во почеток, нема ништо поубаво кога ќе ве погледнат тие искрен�� очиња, онака беспомошно, зашто зависат од вас.
И тогаш сфаќате дека сте создале нов живот. Една моја пријателка ги спореди бременоста, чинот на носење на новиот живот со освојувањето на највисокиот врв на светот и да знаете дека е така. Денот се' уште не ни е дефиниран, ама владее условно безредие. Кога сака Даријан - се будиме, кога сака - спиеме, целиот ден му е посветен нему, но, секако, се наоѓа време и за убави олабавени моменти со сопругот, пријателите и барем миг за мене.
Даријан наполни еден месец, каде ќе го минете летото?
Секогаш уживаме во патувањата во секоја сезона од годината, посебно за време на летниот одмор. Летово ќе се обидеме да не останеме дома и на Даријан да му го внесеме патувачко-авантуристички дух уште од најрана возраст. Ќе скокнеме малку до Охрид, а потоа во август се подготвуваме за море, во меѓувреме се разладуваме домче и си уживаме.
Ти недостасува ли работата?
Морам да признам, бидејќи работев до крајот на мојата бременост, до самото породување, некако не чувствувам недостаток од работна атмосфера и енергија. Мислам дека заслужив одмор, а Даријан беше многу умен во стомачето на мама, така што заслужи да му се посветам сега комплетно. Се враќам на работните обврски некаде од септември, бидејќи треба да продолжиме со снимањето на новата сезона од квизот „Најслаба алка“ на Алфа телевизија. Што се однесува до моето присуство во етерот на фреквенциите на Сити и Метрополис, и тоа ќе биде многу скоро. |