Неубедливите Италијанци си се фалат сами себе

Има ли Марчело Липи сила да го брцне прстот во окото на скептиците и со овој состав на Италија да стигне далеку на Мундијалот во Јужна Африка
Наум Котевски
Навистина ли имаме најслаб состав воопшто на светските првенства? Да го жалиме ли стариот Липи предвреме или, пак, тој има сила и знаење да го бр��не прстот во окото на скептиците со тоа што и со овој состав на Италија ќе стигне далеку? Ќе се срамиме или ќе го зачуваме образот? Дали репрезентацијата е послаба и од слабото Скудето? Сиве овие прашања ги мачеа фанатичните Италијанци пред да ги испратат светските прваци во Јужна Африка.
Оди сега па биди паметен и по завчерашните 1:1 со Парагвај помогни им на Италијанците да стигнат до посакуваните одговори. Италија во игра без игра дојде до 1:1, но повторно имаше дискунтинуитет во одредени периоди на играта, кој дава само конфузност, а никако некаков прецизен впечаток за „азурите“, кои во 2010 година немаат победа. Ама го имаат Канаваро, кој го одигра 16. натпревар за националната селекција, израмнувајќи се со Баџо и Бергоми.
Ако се држиме на мислењата на италијанските новинари дека составот е крајно лимитиран тогаш може да кажеме дека Италија одигра во рамките на можностите. Никој не очекуваше дека ќе видиме некоја радикална промена и убавина во нивната игра, но очекувавме барем Парагвај да биде напаѓачки позаинтересиран. Јужноамериканците на крајот го остварија она што го мислеа и останаа непоразени.
Кај Италија проблеми има на секој дел од теренот, а најмногу очигледно во нападот. Јакинта и Џилардињо не се класа фудбалери кои треба да го понесат светскиот првак. И уште сега може да се претпостави дека отсуството на контроверзниот Касано ќе го натера Липи да „липа“ зошто не му попуштил на „ѓаволот“. Ако не смени нешто со евентуалното пошироко отворање на вратата за Ди Натале.
Видливо беше дека фали и креатор во играта. Без смиреноста на Пирло, Италија безидејно се обидуваше да го пробие ѕидот. Се инситираше на продори по левата страна преку Кришито и Маркисо, но и тоа беше без видлив резултат. Комбинираа во неколку наврати и Монтоливо, неуморниот Пепе и Јакинта, ама од некакво завршно додавање до Џилардињо абер немаше.
Иако, Марчело Липи и речиси сите играчи на Италија беа задоволни од играта и се полни со оптимизам, реалноста е сосема друга. Со посилните репрезентации ќе биде извонредно тешко. Тука лесно за кратко може да исчезне и традицијата и статистиката и искуството и дрскоста.
Ама, како што кажавме, соблекувалната на „азурите“ е среќна. Со цвет на главата беше и стрелецот на израмнувачкиот гол Де Роси, кој, пак, искрено призна дека водечкиот гол на Парагвај бил постигнат по негова вина.
„Невнимаваме во одбраната. Вината најмногу паѓа врз мене, јас требаше да го чувам Алкараз и сите со право се лутеа. Подоцна се си дојде на свое место и можевме и да победиме“, кажа Де Роси и додаде: „Тие беа доста агресивни, а ние бевме добри во последните 30 метри, каде треба уште да се подобриме, потенцирам сите ние, не само напаѓачите. Не мислам дека сме најсилни на првенството, но мислам дека само две до три репрезентации се подобри, Аргентина, Шпанија и Бразил и тоа во техничка смисла, ама ние можеме и знаеме да играме со сите“, смета Де Роси. Задоволен беше и Липи. „Тие не направија ниту една шанса, освен голот. Јас сум среќен што се вративме на таков начин каков што се вративме. Имаме сила за многу подобри нешта“, кажа Липи, кој во тимот искомбинира шест фудбалери кои го освоија светското првенство во Германија пред четири години.
Од друга страна селекторот на Парагвај Џерардо Мартино во нападот неочекувано комбинираше со тандемот на Борусија Дортмунд Бариос и Валдес, а на клупата ги остави поголемите ѕвезди Роке Санта Круз од Мначестер Сити и Кардосо од Бенфика. Во вториот дел направи измени токму меѓу овие четворица, ама тоа не му донесе и поголема храброст на нападот. „Некој да ми понудеше бод пред мечот ќе го прифатев со двете раце. Сепак, се тоа светски прваци.“ Тоа беше мислата на Мартино, а некако барем досега и на сите селектори, вклучувајќи го и оној на Холандија, Ван Марвијк.
Сите очекуваа дека неговиот тим ќе тргне од стартот во напад со Данска, но се излажаа. Повторно бевме сведоци на превнимателна игра. И да не паднеше тој автогол на Поулсен на почетокот на вториот дел (вториот го постигна Кајт во 85 минута), кој знае што ќе беше до крајот.
Дека на овој Мундијал Жозе Мурињо е во мода се виде и од потегот на Ван Марвијк на клупа да го остави Ибрахим Афеали од ПСВ. Кога го внесе во вториот дел играта на Холандија доживеа драстична промена.
„Сакавме да играме убав фудбал, но ја губевме топката лесно. Но, од меч во меч ќе видеме колку може да бидеме добри“, се вадеше по мечот Марвијк.
Завчера се радуваше и Јапонија, која возеше Хонда. Играчот на ЦСКА Москва со идентичното име на автомобилскиот гигант беше стрелец на единствениот гол на мечот против Камерун, за прва победа на Јапонците на светските првенства надвор до својата земја. И за нова шанса за легендата на Камерун, Роже Мила, да му заржи на Ето, кој според него цел живот се ладел во репрезентативниот дрес. |