Шпанија тргнува во поход за обединување на титулите

„Црвената фурија“ попладнево (16 ч.) во Дурбан против Швајцарија, со што ја започнува својата кампања во Јужна Африка
Шпанија, актуелниот европски шампион, последна допатува и последна, од кругот на носители, па и фаворити за највисок пласман, ќе ја започне својата мундијалска кампања во Јужна Африка. Денеска во п��пладневниот термин (16 ч.) во Дурбан „црвената фурија“ против Швајцарија во меч од групата Х што ќе биде втора пресметка меѓу селекции од стариот континент на ова СП по Холандија и Данска во понеделникот.
Многумина се подготвени да прогнозираат максимален досег на Шпанците на овој мундијал, а и самите тие не кријат дека допатуваа во Јужна Африка со цел да ги обединат титулите. Селекторот Висенте дел Боске поведе млада, талентирана и веќе докажана генерација фудбалери иако, резултатски, националниот тим знаеше да заглави на Светските првенства досега. Како најголем успех на Шпанија и' се припишува четвртото место на СП 1950 во Бразил, во Германија, пред четири години беа елиминирани во осминафиналето, во 2002 година во Јапонија и Јужна Кореја заврши меѓу најдобрите осум.
„Важно е да се оствари победа во првиот натпревар. Таквиот старт го подигнува моралот и самодовербата во екипата и прави да се чувствувате опуштено пред наредниот меч. Поразот продуцира стрес, што никаконе е добро за репрезентацијата“, изјави Сеск Фабрегас, еден од најистакнатите членови на „црвената фурија“.
Многу работи се сменија во шпанската репрезентација по освојувањето на ЕП 2008, една од нив е менталитетот што е клучниот момент кај фудбалските работници, аналитичари и експерти кога велат дека „фуријата“ е фаворит на ова СП. Тоа го тврди Фернандо Иеро, некогаш истакнат член на шпанската репрезентација, денеска нејзин спортски директор.
„Европското првенство беше клуч што го смени нашиот начин на размислување. Со неговото освојување исчезнаа многу стравови. Нашите играчи се силно мотивирани, но и приземни, бидејќи имаат респект кон противниците. Тоа никако не смее да го загубиме“, вели Иеро и додава:
„Сигурен сум дека низ натпреварите против Швајцарија, Чиле и Хондирас поседот на топката ќе биде дебело на наша страна.Но, свесни сме и за замките во тие мечеви. Швајцарија, Чиле и Хондурас се селекции кои многу трчаат и создаваат притисок. Очекувам да ни биде препуштена иницијативата, а тие ќе се бранат и ќе ги чекаат своите прилики од контранапади“.
„Зад Шпанија е извонреден период, многумина им прогнозираат успех и овде, во Јужна Африка. И токму во тоа мораме да ја бараме нашата шанса. Малата Швајцарија е способна да изненади. Ќе се обидеме да го направиме тоа“, најавува добар резултат за Швајцарија неговиот селектор, Отмар Хицфилд. |