Буфон има болки во грбот

Првиот голман на италијанската фудбалска репрезентација, Џанлуиџи Буфон, го мачат болки во грбот и од таа причина мораше да му го препушти местото меѓу стативите на Федерико Маркети на полувремето од натпреварот со Парагвај (1:1).
„Уште при загревање Буфон почувствува болки во грбот, но сакаше да брани. Меѓутоа по првото полувреме рече дека не може повеќе и морав да го заменам. Засега не знаеме колку време ќе треба да се опорави. Во исчекување сме на проценката на лекарскиот тим“, изјави селекторот на Италија, Марчело Липи.
Буфон немаше работа во првото полувреме освен што мораше да ја извади топката од својата мрежа кога Парагвај поведе со голот на Антолин Алкараз во 39 минута, „азурите“ израмнија преку Де Роси во 63 минута. |