Отстранети 36 навивачки на „лалињата“ во мечот со Данска

За време на мечот меѓу Холандија и Данска (2:0) во понеделникот, од стадионот „Сокер Сити“ во Јоханесбург беа исфлени 36 навивачки на „лалињата“. Причина за протерувањето, а подоцна и испрашувањето, беше облеката на холандските навивачки. Сите тие, пишува „The Star“, дневен весник во Јоханесбург, дојдоа на стадионот во ��уси портокалови фустанчиња што на Мундијалот ги достави „Bavaria“. Познатата холандска пиварница нема јасни обележја на фустанчињата, но, сепак, Холанѓанките беа обвинети за покриено рекламирање. Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА) не дозволува таков начин на пропаганда на производи бидејќи „Bavaria“ не е официјален спонзор на Светското првенство и затоа девојките завршија на повеќечасовно испитување.
„Седевме во првите редови, се забавувавме, навивавме, се радувавме, правевме бучава. Камерата цело време не' фокусираше додека пеевме и добро се забавувавме. Во второто полувреме бевме опкружени од 40 лица од обезбедувањето кои не' принудија да го напуштиме стадионот. Додека не' буткаа по скалите една од девојките падна“, раскажува Барбара Карстеин, една од портокалово облечените Холанѓанки.
„Не' испитуваа од ФИФА, дојде и полиција. Цело време поставуваа исти прашања сугерирајќи дека работиме за „Bavaria“. Ни рекоа дека прикриеното рекламирање е забрането со закон во Јужна Африка и дека ќе завршиме во затвор на шест месеци. Воопшто не беше убаво, девојките плачеа. Потоа со автобус не' однесоа во хотел. Го копираа мојот пасош и рекоа дека ќе спроведат истрага, а потоа и ќе ме тужат. Сето тоа само поради носењето портокалово фустанче“, дополни Карстеин. |