За ФИФА интересна само заработувачката

За моќниците на светската куќа на фудбалот вувузелите и празните трибини неинтересни Домаќините на Светското првенство оправдано стравуваа како ќе оди продажбата на билетите, но на време реагираа и празните столчиња ги пополнија со деца од основните училишта. За ФИФА тоа не е загрижувачки. Вувузелите, празните трибини, ��обрата или лошата организација се во сенка на главната цел - да се заработат што повеќе пари.
ФИФА одамна зазема мудар став да не се закача со домаќините на Светското првенство и силните фудбалски држави, а како да се заработат што повеќе пари, е главна мисла водилка. И во тоа Блатер и неговите поданици се многу успешни. Впрочем, заработуваат повеќе од една милијарда долари годишно.
Цената на билетите за фудбалското првенство во Јужна Африка реално беше прескапа за домицилните жители, па и покрај идејата на организаторите трибините да ги пополнат со деца од основните училишта, дел од стадионите на помалку атрактивните натпревари, зјае празно. Тоа е болка за ФИФА, тоа многу им пречи на организаторите. Всушност, и едните и другите пред почетокот на натпреварите го изразија своето горчливо разочарување што во државата која е на многу лош глас кога е во прашање корумпираноста и безбедноста не стигнаа повеќе навивачи. Особено од Европа.
По таквиот дебакл, затоа што Американците се меѓу најбројните, а сепак, станува збор за земја со не многу голема фудбалска култура и историја, треба да се о��екуваат нови проблеми во квалификациите низ светот. Особено во квалификациите за СП 2014 година во Бразил, која поради големите ломови ќе биде оквалификувана како опасна земја на ниво на Јужна Африка. Тешко дека моќниот Блатер во иднина ќе дозволи една мала Словенија од игра да ја исфрли моќната и богата Русија или пак, на Светското првенство да не оди, на пример, Турција или се' побогатата Украина.
Но мудрите глави во ФИФА воопшто не расправаа за вувузелите. Навистина, изговорија по некој збор за нивната можна забрана, но никој сериозно не очекуваше дека ФИФА ќе вложи дополнителен напор да го реши проблемот кој ги растура ушните тапанчиња навивачите низ светот. Блатер не е загрижен што гледачите на неколку исклучително големи ТВ-станици изразија протест поради вувузелите. Додека гледачите не почнат да ги менуваат каналите, а спонзорите да ги откажуваат рекламите, тука помош нема.
И додека парите вртат се', не можеме да очекуваме каков било напредок, ниту пак, ќе биде задоволена некоја желба на навивачите. Неговото величество, доларот, било тој да е американски, канадски или австралиски, е единствена единица мерка за успешноста. За ФИФА нема да биде интересно колку покрија организаторите, дали заработија, а уште помалку ќе се загрижат што ќе биде со стадионите во кои е вложено мало богатство. Приказната за сиромашните и за фудбалот достапен за сите е само мачкање на очи.
|