Бекенбауер: Англија назадува со Капело

Легендарниот репрезентативец на Германија, Франц Бекенбауер, изјави дека Англија „назадуваше“ под водството на Фабио Капело.
Бекенбауер, кој ја предводеше Западна Германија до титулата во 1974 година, ја критикуваше играта на Англичаните на мечот против САД, кој заврши без победник - 1:1.
Кајзер Франц тврди дека Англија ја плаќа цената на тоа што многу странски фудбалери играат во Премиер-лига, додавајќи дека Капело не може ништо да промени во однос на „суровата“ игра на „трите лава“.
„Тоа што го покажаа Англичаните во мечот против САД немаше многу врска со фудбалот“, изјави Бекенбауер за „Дејли стар“.
Бекенбауер не видел некоја конкретна тактика во играта на Англичаните, велејќи дека тоа го потсетува на стилот што го негуваа пред неколку децении.
„Ми се чини дека Англичаните се вратија на оние стари лоши денови кога само шутираа и напаѓаа без план. Не сум сигурен дека селекторот на Англија, Фабио Капело, може да промени многу нешта “, рече Бекенбауер.
Според Германецот, големиот број странци во Премиер-лига е „виновен“ за неубедливоста на националниот тим.
„Англичаните се казнети поради фактот дека има малку англиски фудбалери во клубовите на Премиер, во чии редови играат странски играчи од сите страни на светот“, заклучи Бекенбауер. |