Металург - носител во ждрепката за ЛШ
Ракометарите на Металург ќе бидат носители во ждрепката на 22 јуни од 11 ч. во Виена, во која ќе бидат формирани две квалификациски групи за Лигата на шампионите. Во првиот шешир по квалитет е и словачкиот првак Татран Прешов, кој ќе биде носител во другата група, што значи дека „металурзите“ ќе го избегнат на патот до групната фаза. Преостанатите шест учесници во квалификациите што ќе се одржат од 4 до 6 септември се Драмен од Норвешка, Запорожје од Украина, Брегенц од Австрија, Динамо Минск од Белорусија, Порто од Португалија и Бешикташ од Турција.
По извлекувањето на двете групи со ждрепка ќе бидат одредени и нивните домаќини. Само победниците ќе продолжат во групната фаза од 22 септември до 6 март, која ќе се игра во четири групи со по шест екипи. Шесте тима што нема да ги поминат квалификациите ќе бидат прекомандувани во Купот на ЕХФ. (Р.Д.) |