04.08.2012, 15:19 Hови две илјади оперативни вработувања
Владата одлучи во соработка со општините следната недела да почне процесот на вработување на 2.000 лица кои ќе бидат ангажирани за вршење јавни работи во период од шест месеци. Преку општините во идниот период ќе бидат работно ангажирани уште дополнителни околу 2.000 лица за вршење на јавни работи.
Ова денеска на прес-конференција го истакна портпаролот на Владата Алексанадар Ѓорѓиев, кој рече дека за оваа цел Владата обезбедила еден милион евра, а исплатата ќе се врши преку општинатата која ги има ангажирано работниците. Тој потенцира дека за дополнително ангажираните околу 2.000 лица општините во соработка со Владата одделуваат дополнителни еден милион евра.
- Ќе бидат работно ангажирани моментално невработени лица, со ниска квалификација или повозрасни лица од 55-годишна возраст. Лицата за време на работниот ангажман ќе добиваат финансиски надомест од 7.600 денари месечно во кои е вклучено и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување. Лицата го задржуваат и правото на здравствено осигурување, посочи Ѓорѓиев.
За време на обезбедувањето на финансиската поддршка, како што рече, ангажираното лице не ги губи правата по основ на невработеност, односно доколку користи ваков социјален трансфер, тој додека трае ангажманот ќе биде ставен во мирување, а по завршувањето на ангажманот повторно ќе има правна сила.
- Лицата кои конкурираа за работно ангажирање веќе ги имаат поднесено своите апликации до општините, општините заедно со апликацијата доставија проекти до нас и Владата ги одобри и се започнува со процесот. Одобрени се сите 75 поднесени проекти, од уредување јавни површини, хигиена, уредување простори, хортикултура итн., истакна Ѓорѓиев.
Тој рече дека во текот на следната недела од понеделник секоја општина ќе биде известена за прифаќањето на нивниот проект за работно ангажирање на невработени лица. Исто така, нагласи Ѓорѓиев, ќе бидат потпишани тристрани договори меѓу Агенцијата за вработување, општината и невработеното лице кое ќе биде работно ангажирано.
- Со оваа мерка, Владата во соработка со општините работно ќе ангажира околу 4.000 лица кои ќе добиваат финансиски надомест од 7.600 денари месечно во траење од шест месеци со почитување на сите нивни права. Тоа е конкретна мерка за подобрување на состојбата на овие лица, за стекнување нови вештини кои се потребни за засновање траен работен однос. Владата и во идниот период ќе продолжи со реализација на мерки за поттикнување на вработувањата, додаде Ѓорѓиев. |