Неделен барометар
Контрадикторна
Џоан Колинс, 77-годишната холивудска актерка, неодамна за „Hello“ даде неколку изјави со кои ја потенцираше својата контрадикторност. Според неа, неубавите жени не треба да се актерки и пластичните операции едноставно треба да се забранат.
„Во мое време се знаеше кој може да биде актерка, а тоа се жени со вонсериска убавина - Софија Лорен, Моника Вити, Роми Шнајдер, ама и Ава Гарднер, Грета Гарбо... Сегашните убавици се Анџелина Џоли и ...Анџелина Џоли“.
Потоа уште еден бисер - најстрого би ги забранила пластичните операции зашто тогаш лицето е безизразно и пластично.
Џоан очигледно стана сенилна. Ем заборавила на своите операции ем, според неа, убавите жени треба да се актерки, а, грдите, по се' изгледа, гробарки.
Табиетлија
Емир Кустурица отсекогаш важел за табиетлија, ама во последниот период е стасан за одбегнување. Прекинува емисии (сетете се на „Во недела во 2“ со Александар Станковиќ на ХТВ 1), напушта жирирања, а последниот ексцес е врзан за филмскиот фестивал во Турција „Златен портокал“ кога си замина поради „примитивизмот на министерот на култура“.
Станува збор за ставот на Ертугрул Гани, кој го праша Куста за неговиот просрпски став во врска со војната во БиХ.
Тука на Кустурица му пукна филмот, стана и си замина во стил на победник.
Патем, вербалните дуели никогаш не му биле посилна страна.
|