Тренд
Едните бараат младост, другите искуство
Вечен тренд во врските на светски познатите музички ѕвезди беше и остана разликата во години
Александар Митевски
Би рекле дека вечна тема е разликата во години во љубовта, а особен интерес предизвикува кога таа љубов се случува меѓу познати музички ѕвезди. Разни статистики и истражувања покажуваат различни резултати во врска со успешноста на овие љубовни врски, но според коментарите на ѕвездите ним им е прекрасно и воопшто не им пречат годините.
Листата на популарни музички парови ја почнуваме со Бијонсе и Џеј Зи, највлијателен пар и воедно двојка која прави најмногу профит во музичката индустрија. Бијонсе, која наполни 29 години во септември, е до уши вљубена во раперот и продуцент Џеј Зи, кој во декември ќе наполни 41 година. Многумина велат дека во Џеј Зи таа го гледа својот влијателен татко Метју Ноулс, кој ја води нејзината кариера. Тие по шест години врска тајно се венчаа на 4 април предминатата година во Њујорк. Сите знаат дека тие се најмоќниот пар во музичкиот бизнис и, конечно, деновиве пристигна и официјален доказ за нивната успешност. Со излегувањето на 2010. издание на Гинисовата книга на рекорди е објавено дека популарниот пар минатата година во јуни успеал да стигне до комбиниран профит од 122 милиона долари. Во таа вносна година Бијонсе успеала да донесе дома повеќе од 87 милиони долари само од нејзината модна линија и повеќето успешни маркетиншки бизнис-зделки, додека Џеј Зи собрал околу 35 милиони долари преку неговата музика, партнерството во неговиот елитен ноќен клуб и популарната Рокавеар модна линија. Велат дека разликата во годините кај нив не претставува проблем и бележат успех на сите можни полиња покрај љубовта.
Маркантниот музичар во популарниот состав „Ролингстоунс“, Рони Вуд, е човек кој обожава млади партнерки и тоа го практикува во последните години. Јавноста се занимаваше со него во последните две турбулентни години од неговиот живот. Откако ја остави својата 23-годишна жена, тој неодамна се забавуваше со 21-годишната Русинка Катја Иванова, која ја искористи оваа врска и за своја промоција и влез во популарното реално шоу Celebrity Big Brother. По неа Рони скокна во прегратките на 26-годишната убавица Хана Камелмахер, но и таа ја доживеа судбината на Катја. Овој 63-годишен рокер едноставно ужива во врските со млади жени и тоа за него е вистинска движечка сила што го инспирира и натаму да работи. Во овој период тој се забавуваше и со бразилската убавица Ана Араујо (30) и во моментов е полн со енергија и работи на својот соло-проект. Новиот албум тој им го посветува на младите љубовници и вели дека снимањето на албумот комплетно го исполнило и му ја дало потребната слобода. За него, откако децата му пораснале, е вистинска слобода да живее со млада жена крај себе.
Јавноста се забавуваше и со поп-кралицата Мадона, која по врската со режисерот Гај Ричи реши да ужива во животот и да и' се препушти на својата страст - ловење млади љубовници. Во нејзината мрежа влета младиот Хесус Луз, а разликата меѓу нив е дури 29 години. Младиот бразилски љубовник беше вистинска играчка за неа и сите сметаа дека, откако ќе и' помине меракот по него, ќе го оттргне од себе како и сите досегашни партнери за во кревет. Така и се случи, па 52-годишната Мадона веќе е во нов поход и го лови убавиот гватемалски актер, кој има 30 години. Мадона никогаш не криела дека е особена слаба на младите латино љубовници, па така се случи и нејзината нова опседнатост со Оскар. Веќе отворено флертуваше со него во текот на филмските снимања, а дополнително и' се допаѓа и фактот што Оскар, исто така, е талентиран музичар и свири во свој бенд.
Еден од најпознатите парови во музичкиот бизнис се Род Стјуарт и убавата Пени Ланкастер, а разликата меѓу нив е 27 години. Тој отсекогаш бил слаб на долгоногите русокоси моделки и нема ретерирано во своите вкусови ниту на стари години. Тој беше венчан со две такви убавици, Алана Хамилтон и Рејчел Хантер, а во жолтиот печат се појавуваше во прегратка со многу убавици, како што се Брит Екланд и Кели Емберг, се' додека не ја сретна Пени, љубовта на својот живот. Харизматичниот 65-годишен рокер е оженет со убавата Пени, која има 38 години, а наскоро очекуваат и бебе. За него е сосема в ред фактот дека ќе стане татко во години кога треба да е дедо, но неговиот незапирлив дух е тоа што го прави толку подвижен и полетен. Тукушто одработи 39 шоу-програми низ Европа и деновиве го промовира својот нов проект Fly Me to the Moon…The Great American Songbook Volume V, петто продолжение од популарната збирка на американски класици отпеани во негов стил.
Интересен е спојот меѓу контроверзниот 41-годишен рокер Мерилин Менсон и неговата 22-годишна љубов, Иван Рејчел Вуд, која е уште една потврда дека љубовта нема граници иако станува збор за разлика од 19 години. По дочекот на минатата Нова година, веднаш по свирката во Париз, и' предложил брак на Иван и оттогаш се неразделни.
Привлекува внимание и сторијата за извонредната вокалистка Селин Дион и нејзиниот многу постар сопруг Рене Анжелил. Отсекогаш Селин во интервјуата беше наведувана по којзнае кој пат да ја објаснува љубовта и разликата од 26 години меѓу нив. Т��а многу години е вљубена во својот сопруг и менаџер Рене и таа љубов не е ослабната ниту малку. Тој длабоко веруваше во нејзиниот глас и успех, поради што го стави под хипотека својот дом за Селин да го сними својот албум на 13-годишна возраст. Тие со години ги криеја својата романса и љубов, која подоцна се' повеќе се разгоруваше до официјалното објавување на нивниот брак во 1994 година. Четириесет и двегодишната канадска пејачка во моментов е пресреќна и и' се остварува животниот сон поради тоа што е бремена и чека близнаци. Јавноста ја знаеше нејзината лична борба со здравјето на Рене во минатото и сочувствуваше со шесте ин витро обиди за оплодување. Шеесет и осумгодишниот Рене е вистински среќник откако дознал за бременоста на Селин, а таа, очекувајќи едно дете, откако дознала за близнаците почувствувала дека е вистински благословена со прекрасната можност да биде мајка на две деца. Селин и Рене имаат и деветгодишен син.
Интересна двојка, со десетгодишна разлика се Мараја Кери и нејзиниот црномурест млад партнер Ник Кенон. За Мараја може да се каже дека ги испробала и двете сценарија за разлика во години: како млада беше омажена за магнатот во музичката индустрија Томи Мотола (директор на „Сони“, кој беше постар 21 година), а сега крај себе го има 10 години помладиот рапер и комичар Ник Кенон. Таа го организираше 30. роденден на сопругот во познатиот „Лаво“ во Њујорк, приредувајќи одлична вечера за Кенон и пријателите и потоа заминаа на афтер-парти. Таа вели дека одлично се чувствувала додека ги дувале 30. свеќи на диџејската торта со микрофон и слушалки.
Стариот добро познат гитарист Ерик Клептон е во љубов со својата 31 година помлада партнерка Мелија Мекенери и ужива во својот мир со неа. Гитарската легенда претходно беше во брак со Пети Бојд за која ја напиша песната „Лејла“. Но, сето тоа пукна како меур од сапуница кога во 1999 година, додека работеше на албумот со Би Би Кинг во Лос Анџелес (на 54 години) ја запозна новата љубов на својот живот Мелија. Со неа ја најде вистинската среќа и тие се венчаа во 2002 година и имаат три ќерки. Тој ја напиша својата песна Three Little Girls за албумот The Road to Escondido во 2006 година, посветена на семејството, љубовта и мирот што го пронашол во својот дом со нив.
Меѓу младата Кејти Пери, новата поп-кралица, и нејзиниот партнер Расел Бренд има разлика од девет години. Таа го запозна Расел на минатогодишните награди MTV и оттогаш мисли дека со неа е човекот на нејзиниот живот. Тие објавија дека се свршиле на 6 јануари и се ширеа информации дека таа можеби е бремена. Тој не сака да се ожени во црква како неговата религиозна свршеничка, туку посакува да се венчаат на некое лудо место како, на пример, на Арктикот. И меѓу нејзината соперничка на сцената, младата Лили Ален и партнерот Сем Купер има разлика во години. Таа отсекогаш изјавувала дека сака вистински мажи, кои се искусни и постари од неа и кои не се посебно убави, но се харизматични. Па, така јавноста веќе дозна за нејзините врски со возрасните Себ Чу (кој е во средни триесетти), Ед Сајмонс од „Кемикал брадерс“ (39) и дилерот со уметнички дела Џеј Соплинг (46). Оваа талентирана 25-годишна пејачка моментално е во врска со Сем Купер со кого веќе очекува бебе и не сака да се венчава затоа што не сака да биде бремена невеста.
|