ТВ-Фотелја
Јатрви на плот
Роберт Д. Крстевски
Не е на арно. Штом и Канал 5 се вклучи во валканата меѓумедиумска пресметка, во која веќе извесно време Сител и А1 си разменуваат удари под појасот, тури му пепел на македонското телевизиско новинарство. Неколку дена едноподруго да се почнува „Дневник“ со фронтален напад врз Велија Рамковски и неговиот медиумски бизнис е повеќе од индикативен сигнал дека ножот е дојден до коска.
Дали е во прашање коската што Владата преку својата рекламна кампања им ја фрли на средствата за информирање или станува збор за нарушени меѓучовечки односи на нивните сопстве��ици до степен на омраза не е ни толку важно. Тоа што е битно, истовремено и поразително, е злоупотребувањето на сопствениот медиум за фрлање дрвја и камења по конкуренцијата. Во битката секој со секого веќе нема ни сопирачки ни елементарно пристојно однесување.
Во сета таа мизерија, надополнета со значителна доза на малограѓанштина, први жртви се професијата и публиката. Место да бидат задоволени со квалитетна програма изработена и пласирана според потребните стандарди, ни виновни ни должни мораат да трпат бескрупулозна инструментализација на медиумскиот простор за лични цели.
Ривалската борба на пазарот не е измислена во Македонија. Присутна е и во многу демократски и економски поразвиени општества од македонското, но таму постојат правила на игра, кои никому не му паѓа на памет да ги прекрши, од проста причина што тоа најстрого се санкционира. Таму постојат, а богами и ревносно си ја вршат својата улога, регулаторни тела што, како судиите во рингот, не им дозволуваат на боксерите ни еден валкан удар, а камоли серија, како што е случајот кај нас во моментов.
Не се мирисаат еден со друг ни Руперт Мардок и Тед Тарнер, но двајцата глобални медиумски магнати не смеат ни да помислат да ги искористат медиумите што ги поседуваат за директна и отворена конфронтација. На телевизиите Скај и Фокс њуз на Мардок и на Си-Ен-Ен на Тарнер нема ни теоретска можност да се случи информативниот блок да почне со плукање на конкурентот, со јавно објавување на неговите книговодствени извештаи и со обвинување дека токму тој е миленик на власта, а не обратно. Ако не работи според законите, тука се надлежните државни институции, кои не чекаат некој јавно да ги прозива за да си ја вршат работата.
Но, далеку е Америка. И по две децении транзиција, овде се' уште преовладува провинцијалниот дух во сите општествени пори, па ни електронските медиуми не се исклучок. Нивните газди сакаат да остават впечаток на модерни бизнисмени од западен маштаб, а во суштина никако да избегаат од претставата за раскарани јатрви преку плот кога ќе им се судрат политичките и бизнис интереси.
|