Непотизмот е опасен вирус на Медицински
Контролата открила четириесет семејни вработувања на Медицински факултет
Жаклина Ѓорѓевиќ Јасмина Јовановска
Четириесет случаи на семејни вработувања се регистрирани на скопскиот Медицински факултет, каде што се вработувале ќерки, синови, снаи и зетови на професори. Семејно се вработувале и на Машинскиот факултет на кој имало 12 вакви случаи, потоа седум-осум случаи на Стоматолошкиот факултет, четири има на Електро-техничкиот и еден на Правниот факултет. Но, семејни вработувања имало и на Факултетот за физичка култура. Сите овие случаи вчера на посебна прес-конференција ги посочи директорот на Државниот просветен инспекторат, Џорџе Арсов, кој заедно со министерот за образование и наука, Никола Тодоров, најави дека скенирањето на работата на државните факултети ќе продолжи и во иднина. Инспекторите ја скенирале работата на вкупно 12 факултети, кои се во составот на скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, а семејни вработувања се најдени кај половина од нив.
Покрај евидентниот непотизам на овие факултети, тие посочија и на сериозни пропусти во работата на скопските факултети, кои воопшто не евидентирале дали се изведува настава.
„Имавме и случаи на повеќе вработувања од едно семејство“, изјави Арсов на вчерашната прес-конференција, но не сакаше да ги открие имињата на професорите кои вработувале членови од семејството или, пак, случаи на семејни вработувања. Само потенцира дека ваквата практика не била случај секаде, а како пример го посочи Економскиот факултет, каде што не е регистриран случај на семејно вработување.
Според Арсов, на факултетите немало ниту евиденција за тоа дали некој професор имал предавања или не. Контролите на факултетите, како што појаснија Тодоров и Арсов, се направени откако во Министерството пристигнале поплаки од студентите дека наместо професорите, на факултетите предавања држат асистенти и демонстратори.
„Ваквата практика мора да прекине“, изјави вчера министерот Тодоров, коментирајќи ги семејните врски и неевидентирањето на наставата. Затоа тој најави дека ќе иницираат законски измени во Законот за високо образование. „Ќе иницираме законски измени со цел да ставиме крај на овие недоследности што траат со децении наназад. Целта е да овозможиме сите граѓани да имаат еднакви услови нивниот труд да биде вреднуван врз основа на нивниот квалитет, а не врз семејни врски. Тоа сериозно влијае на квалитетот на високото образование“, изјави министерот на вчерашната прес-конференција. Сепак, тој не рече што ќе се прави со семејните вработувања, за кои рече дека немаат можност за санкционирање на ваквата појава. Не кажа ниту дали ќе бара одговорност од ректорот на Универзитетот, само прокоментира дека „веројатно и тој не бил моќен“ да се справи со таквата ситуација. Тодоров најави дека за целиот случај тесно ќе соработува со Антикорупциската комисија, но не објасни дали ќе поведат постапка за целиот случај.
Деканот на Медицински факултет, Никола Јанкуловски, вчера потврди дека на неговиот факултет имало три-четири случаи на семејни вработувања, но, како што тврди, ги наследил. Тој не сакаше да ги открие овие случаи.
„Воопшто немам информација дека се правела контрола на Медицинскиот факултет за непотизам. Претпоставувам дека министерот мислел за семејни вработувања на клиниките, а со оглед на тоа дека професорите од клиниките се' уште не се вработени на Медицинскиот факултет, не можам да зборувам за непотизам на факултетот, освен за неколкуте наследени случаи. За мене нема ништо лошо во тоа да се вработуваат деца на професори само доколку сето тоа е законски и ако тие ги исполнуваат критериумите што ги бара факултетот кој се стреми кон квалитет на кадарот“, изјави Јанкуловски за „Утрински“. Во однос на забелешките за наставата, тој тврди дека од септември годинава наставата се евидентира електронски, а претходно тоа се правело рачно.
Ректорот Велимир Стојковски вчера ги демантира наводите на Министерството, со образложение дека наставата се евидентира електронски или рачно, а вработувањата на факултетите се согласно со законот и со конкурсите. |