Моника Круз
Кој ако не сестра?
Моника Круз ќе и' помогне на Пенелопе да се справи со последниот холивудски проект
Пенелопе Круз, една од најомилените шпански убавици во Холивуд, неодамна на тајна церемонија на Бахамите се венчаше со својот колега, оскаровецот Хавиер Бардем. Многу брзо стивнаа гласиштата за мистериозната веселба, но Круз повторно стана актуелна откако јавноста дозна за нејзината бременост. Деновиве, таа повторно се наоѓа во медиумскиот метеж, но сега мета е и нејзината сестра Моника, која е три години помлада од неа.
Имено, Пенелопе се наоѓа во петтиот месец од бременоста, па нема да може самата да ги сними сите сцени од четвртото продолжение на хит-авантурата „Пиратите од карибите“ со Џони Деп. Напомош ќе скокне нејзината сестра Моника Круз, чие тело продуцентите ќе го искористат во соодветни делови од филмот. Па така, Пенелопе нема да ги снима оние сцени на кои и' се гледа подуениот стомак, а Моника, која исто така е актерка, ќе влета во сетот и ќе претставува одлично решение за ситуацијата.
Освен љубовта кон актерство, 33-годишната Моника во Шпанија се занимава со дизајнирање, а се обиде и како танчарка на традиционален балет и фламенко. Иако во својата родна земја е вистинска сензација, во Холивуд ќе мора да поработи на својот ѕвезден статус. Мала препрека може да и' претставува лошото зборување англиски, за разлика од нејзината постара сестра, која владее со јазикот сосема пристојно, а многумина сметаат дека шпанскиот акцент е премногу секси.
|