Факултетот за ликовна уметност
Студентски минијатури изложени во Сули-ан
Минијатури и уникатни новогодишни картички на студентите од прва до четврта година на Катедрата по графика при Факултетот за ликовна уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се презентирани на отворената изложба неделава, во факултетската галерија во Сули-ан.
„Минијатурите се оригинални уметнички графички дела, со личен ликовен израз и изработени во најразлични техники. Изложбата е убав повод за сите љубопитни посетители да изберат оригинален новогодишен подарок или, пак, уникатна новогодишна честитка, а воедно и да уживаат во автентичниот амбиент на објектот во Старата скопска чаршија. Делата се продаваат по симболични цени, а она што се нуди во градот е кичесто и масовно продуцирано“, изјави Славица Јанешлиева, доцент на ФЛУ, која укажа и на големиот ентузијазам со кој студентите ја подготвиле изложбата што ќе биде отворена до 1 февруари идната година.
Таа потсети и дека галерискиот простор во почетокот од функционирањето на ФЛУ бил многу познат и оти на овој начин се прави обид за негово повторно заживување.
„Во минатото сигурно биле организирани изложби на минијатури, а ние правиме обиди да привлечеме публика однадвор и да ги стимулираме младите уметници“.
Според неа, Сули-ан е посетуван од љубопитните посетители на чаршијата, а интересен е и за студентите што очекувано присуствуваа на отворањето на изложбата.
Галеријата до 1 јануари ќе биде отворена до 19 часот, а од 1 јануари до 1 февруари до 14 часот. (К.Б.) |