Македонски Состоjби
Груевски - единствена власт!
Манчо Митевски
Македонија е земја со две лица едно лице убаво - кое сака да го прикаже власта, а другото лице - неубаво, кое се' појасно го перципираат граѓаните
Актуелната власт со својот систем на владеење и партиско-лични интереси, со трансформацијата на ненормалното во нормално и нормалното во ненормално, направи од Македонија - земја на чудата! Напоредно со тоа, поради истите причини, но и поради големата приврзаност на власта кон шминкерството, фасадерството, декоратерството, целофанските опаковки и блеферството се заокружува уште една нова карактеристика Македонија - земја со две лица! Едно лице, убаво, кое сака да го прикаже власта, а другото лице, неубаво, кое низ пропагандно-медиумската магла се' појасно го перципираат граѓаните и меѓународната заедница.
За да се објасни една ваква теза, потребни се повеќе конкретни илустрации. Би почнал од најопштите за да стигнам до најконкретните. Во Македонија веднаш на нож од власта се дочекува секаква оцена дека постои криза на институциите, односно дека институциите не ги извршуваат успешно своите функции, а дека една од основните причини за таквиот епилог е нивната голема партизираност и некомпетентност. Тезата на одбранбените играчи на власта, на премиерот, претседателот, спикерот, врвот на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и една групација провладини медиуми и интелектуалци е дека нема криза на институциите оти тие успешно си ја вршат работата. Тоа е едната страна, првото лице. Второто лице, односно оцена е дека ако мерило на успех на институциите е напредокот на земјата и остварувањето на интересите на државата и на граѓаните, тогаш институциите не си ја извршуваат успешно функцијата. Доказ за тоа е економската стагнација, очајната состојба во социјалната сфера (третина од населението е сиромашно и без работа), назадувањето на демократските процеси, застојот на реформите, влошувањето на меѓуетничките односи, нарушувањето на меѓународната позиција, пет, односно две и пол години стоење во место на ЕУ и НАТО-интеграцијата...
Формално, во Македонија најзначаен нормативен акт е Уставот, но фактички, „библија“ во државата е програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Преродба во 100 чекори“. Формално, власта декларира вледеење на правото и на правната држава, а фактички владеат партиските норми и партизираната држава. Формално, најзначајни за власта се интересите на државата и на граѓаните, фактички, приоритет имаат интересите на партијата и личните профити на нејзината врхушка. Декларативно, власта се залага за општоприфатените цивилизациски вредносни и морални стандарди, а во практика работи на остварување на некои просечни вредносни и морални норми на партискиот врв. Формално, основен критериум за вработување во државните институции се дипломата и способностите, а фактички, одлучувачка е партиската книшка со лавче. Слично е со добивањето работа на фирмите преку тендери, добивањето пари на невладините организации за проекти, делењето субвенции за земјоделците, кревети во домовите за студентите, солидарни станови...
Доаѓањето на вкупните состојби со институциите до ваков неповолен стапен е резултат на несфаќањето на уставниот систем во Македонија, поточно на негова свесна инструментализација до границите на неуставност. Македонија по осамостојувањето, се определи за парламентарна демократија и капиталистичка економија. База на парламентарната демократија е политичкиот плурализам и поделбата на власта - на законодавна, извршна, чиј дел е претседателот на државата, и судска. Кон овие треба да се додаде и локалната, која кај нас се' уште е во почетниот стадиум и со мал степен на децентрализација.
Во основата на системот на поделба на власта е создавањето тежа и противтежа на трите власти. Парламентот ја избира вла��ата, а може и да и' изгласа недоверба, значи ја контролира. Расправа за законите и за други акти што ги подготвува Владата, ги дополнува, ги усвојува, но може и да ги врати на поправка. Претседателот има свои уставни ингеренции на полето на одбраната и надворешните работи. Тој има контролна релација во однос на Владата и парламентот - ги потпишува законите што ги усвоило Собранието, но може да стави вето и да го врати на поправка на делот за кој ќе оцени дека не е законски или се коси со некои други државни или интереси на граѓаните. Судската власт си има свои самостојни ингеренции во рамките на вкупната власт. Проблемот сега во Македонија е што имаме едно тотално единство на власта на чело со ВМРО-ДПМНЕ, принцип, кој беше основа на уставниот систем во социјализмот и едноумието.
Програмата на Владата се базира врз програмата на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму, законските и сите други проекти на Владата произлегуваат од концептот и решенијата на „Преродба во 100 чекори“. Владата со таква препорака ги праќа законските и другите акти во Собранието. Во расправата опозицијата дава амандмани, но Владата ��е ги усвојува. На пример, од околу 500 амандмани на буџетот за 2011 од опозицијата, мислам дека ниту еден не беше усвоен. Парламентарното мнозинство, кое ја поддржува Владата и брои над две третини од составот, како теледиригирана машина едногласно ги усвојува предлозите на Владата, без оглед на укажувањата на опозицијата за неуставност, спротивност со интересите на земјата или граѓаните. Претседателот без никакви приговори, не дај боже, да стави вето, ги потпишува законите. Институциите ги спроведуваат. МВР, УЈП и другите селективно гонат, обвинителството обвинува, судовите судат неистомисленици на власта. Градоначалниците од владејачката партија реферираат пред партиските лидери и министрите за својата работа. Така кругот на единството на власта, односно на едноумието се затвора. Единствено, две институции, Уставен суд и Народна банка не се во системот на партијата, туку се во системот на Уставот, па затоа постојано се на отстрел и цел за освојување. Не дека елементи на единство на власта од социјалистички вид немало и во поранешните влади на СДСМ, но и на ВМРО-ДПМНЕ на Љупчо Георгиевски, но вакво како сега ниту имало ниту веќе може да има.
Проблемот на Македонија е што покрај системот на единство и едноумие на власта, проширен и дополнет со партијата - ДУИ, имаме и систем на пирамида на власта, каде што на врвот, во основата и секаде е неприкосновениот лидер на партијата и на Владата, Никола Груевски. За жал, за Македонија и за нејзините граѓани, поставеноста на актуелниот политички систем и неговото функционирање се прочитани од ЕУ, САД и од многу земји и меѓународни асоцијации, и затоа земјата стагнира. Неодамна тоа ни го кажаа двајцата европарламентарци од Словенија Јелко Кацин и Зоран Талер, искрени пријатели на Македонија, а вториот и официјален известувач во Европскиот парламент за нашата земја. Од многуте констатации две беа жестоко прецизни и отворени. Првата, дека Македонија е парламентарна демократија во која одлучува еден човек - премиерот. Втората, дека премиерот не може да го реши проблемот, бидејќи и тој е дел од проблемот. Останува отворено прашањето: дали ќе падне пирамидата на власта или ќе (про)падне Македонија со ваква власт? |